Празнично со Зорица Поповска: Ништо не може да ја намали магијата на новогодишните денови

Добивај вести на Viber

Да ја испратиме оваа тешка година, и да ја дочекаме новата со позитивна енергија. 

Зорица Поповска, oсновач на Сенсум Тренинг и Коучинг, празнично за Женски Магазин.

* Какви предизвици Ви донесе годинава што изминува, на професионално и приватно поле? (Колку Ве промени?) 

- Сите ќе се сложиме дека годинава што изминува, беше полна со предизвици за сите нас. Лично, промената не ми е непозната, ја поттикнувам промената и кога ја нема и таа е суштински дел од мојот живот и работа. Постојано рекреирање на нови животи, ослободување од старите приказни и при тоа одржување на стабилен курс на усогласена акција со интенција. Настаните годинава многу понагласено ја ставија на тест мојата флексибилност, агилност и резилиентост. Веројатно ме промени на начин што емотивно пораснав уште повеќе и ми го зацврсти сознанието дека не е само во плановите кои ги имаме, туку во брзината на прифаќање и прилагодување на промените. Ме научи да го намалам отпорот во себе, да го прифатам тоа што не можам да го сменам и уште повеќе да се фокусирам на позитивните визии и акции таму каде што можам да влијаам. 

 * Како ќе ги прославите празниците (Нова Година и Божиќ) годинава? Дали Ве фати празнична еуфорија и покрај пандемијата? 

- И покрај случувањата, духот на божиќните празници, магијата на новогодишните денови, ништо не може да ги намали. Празниците ни го отвараат умот. Како еден вид свесност за сега и тука, вредноста на вистинските вредности, семејството, благодарност за тоа што е добро, сега и тука. 

 * Што си посакувате да Ви се оствари во годината што доаѓа?

- Посакувам побалансирана година и фокус на можностите кои ќе се појават. Посакувам повеќе здравје и благосостојба за сите, посакувам повеќе да си веруваме на себеси, а помалку време да живееме во страв бидејќи работите единствено тргнуваат на лошо кога поминуваме време во стравови околу иднината која не се случила.

 * Ваша Новогодишна порака? 

- Да си дозволиме да ја дочекаме 2021 година со отворен ум и срце исполнето со љубов. Да бидеме благодарни додека ги окриваме нашите желби и вредности и се поврзуваме со нашите визии за иднината. Да уживаме во ова време од годината. Бидете со оние што ги сакате и одвојте време за вашето автентично идно патување.


Д.Караташова Илиоска