Празнично во домот на Маја Панчева: Криво ми е што не направив поинтензивна кариера, се посветив на децата

Добивај вести на Viber

Маја Гроздановска- Панчева и нејзиниот сопруг Дарко Панчев се среќни што во Новата година, сите се живи и здрави и се на број. Новогодишината ноќ, тие ја поминале во друштво на пријатели, а ќерките Надица и Марија, со своите друштва. 

Има работи кои Маја, нашата позната пејачка, која долги години работи во хорот на Националната опера и балет би ги избришала од 2021 година. Иако тешка, во годината што измина таа наоѓа и светли точки. 

- Како и на многумина, така и на мене, кога се случи пандемијата на сите ни го поремети нормалниот начин на живеење. Ова би го избришала. Најголема радост е тоа што сме сите во ред и што бевме многу почесто заедно заради состојбата“, раскажа Маја за Женски магазин. 

Таа се присети на најубавите прослави за Нова година од времето кога била дете. 

- Кога бев помала славев во кругот на семејството во Влае, каде што живеев, и многу се радував на тие моменти посебно кога паричката за Бадник ќе ми паднеше на мене. Можеби најинтересна Нова Година на која се сеќавам беше кога со Дарко ја прославивме во еден клуб во Милано а јас бев во шести месец бременост со Надица“, вели Маја, и додава дека во нивниот дом се купуваат подароци за Нова година. 

- Инаку, сите подароци кои ми се дадени од Дарко ми се мили и не би издвојувала ниту еден“, вели Маја. Професионално, таа оваа година ќе ја памети по убави нешта.

- „Травијата“ помина прекрасно, публиката беше задоволна и сите мои колеги бea фантастични. Следен настан во НОБ е Гала Оперски Концерт за Василица кој ќе биде проследен со прекрасни арии“, раскажа Маја како најава за убавиот традиционален Василичарски концерт за кој секогаш има голем интерес кај публиката. 

Маја и Дарко, нашата фудбалска легенда се горди на своите две ќерки.

- Марија е средношколка во гимназија а Наде е последна година на англиска книжевност и литература а воедно студира и германска книжевност“, вели Маја која последниве години е за жал помалку активна со поп музиката.

- Можеби ми е малку криво што не направив поинтензивна кариера, но се посветив на фамилијата и децата. Секогаш сум правела онака како  чуствувам и мислам дека е подобро за мене, ако решам да се повлечам од нешто, тоа ќе го сторам дури да е и на моја штета. Музиката е безвременска и никогаш не е доцна за песни“,ни раскажа Маја со оптимизам. 

М.Џаровска

Фото: Приватна архива