Пред настапот имав кошмари, не знаев дали сопругот и ќерка ми се живи,бидејки во БиХ беснееше војната: Босанската пејачка Алма Чарџиќ, за учеството на Евровизја во Даблин

Добивај вести на Viber

Алма Чарџиќ важи за една од најдобрите пејачки во Босна и Херцеговина. Во нејзината биографија се запишани четири албуми, многу хитови и награди и две учества на Евровизја. Во 1994 година настапи во Даблин, Ирска со песната „Остани крај мене“. Три години подоца ја претставуваше својата земја на изборот кој се одржа во истиот град, со песната „Збогум“.

Чарџиќ на сцената освојува со својот глас, а надвор од неа со убавината, достоинственото однесување и срдечноста. Дама, во секој поглед. Голем љубител е на животни. Во моментов има 18 мачки и кучиња.

*Колку беа важни евровизиските настапи за Вашата кариера?

- Евросонг е најголемиот музички спектакл во Европа. Мислам дека е сон на речиси секој пејач да се појави и да ја почувствува таа голема сцена. Една година пред војната во Босна и Херцеговина, започнав сериозно да работам на мојот прв албум. Првиот голем настап ми се случи на „Југовизија 1992“ година во Белград, како претставник на ТВ Сараево, односно БИХ. Искрено, отидов само поради желбата да се претставам пред голем аудиториум, тоа шоу имаше голема гледаност. Во 1993 година, во Босна и Херцеговина беснееше војна, а музичарите подготвуваа песни за избор на претставници на нашата земја на Евровизија. ТВ БИХ направи одлично шоу. Сакавме да му покажеме на светот дека животот не застана, дека создаваме и живееме музика. Евросонгот ми помогна во промоцијата, од анонимна станав познат изведувач. Ми ги промени перцепцијата и пристапот кон тоа што најмногу го сакам, а тоа е музиката. Ме направи посериозна. Секако, по Евровизија мораш да работиш секогаш подобро и повеќе, за да се оправдаш себеси како евровизиски пејач.


Добив висока температура и го изгубив гласот 

*Првиот настап во Даблин беше проследен со многу аплауз од публиката, како поддршка на сè што се случуваше во Босна и Херцеговина во тој период.  Како успеавте да стигнете во Даблин за време на војната и да се појавите на сцената?

- Да, за мене тоа е историски аплауз, многу сум ѝ благодарна на публиката за прекрасната поддршка. Иако бевме фокусирани на нашиот настап, мислите ни беа во Босна, со нашите семејства. Имав кошмари, не знаев дали се живи, дали успеаа да набават храна?! Плачев кога мојот сопруг и ќеркатаме испратија, зашто знаев дека се гладни. Немаше храна во куќата. Тој аплауз го допре моето срце. Во 1994 година не беше можно да се организира изборот како претходните, беше многу ризично. Таа година организираа жири коешто го избираше претставникот, а изборот падна на Дејан и мене. Беше распишан конкурсза песната, а изведувачот ги снимаше сите песни. Од нив се избра најдобрата.Моето патување на Евросонг беше како да гледате некој воен филм. Од времето на тргнување, кое беше променето, поминувањето низ непријателска територија, аеродромските писти каде што можеа да нѐ погодат со снајпер. Не знаевме ниту дали воопшто ќе полета авионот. Цело време го слушавме гранатирањето на Сараево и неговата околина. Се возевме до аеродромот со UN силите. Бевме запрени, војник застана пред вратата на транспортерот за да нѐ заштити. Исто како на филм. Интересно беше кога дојдовме во Даблин, имавме обезбедување, многу сериозно. Доаѓавме од земја во која беснеше војна, секој ден ги преживувавме ужасите на агресијата, а пристигнавме во Ирска, убава и мирна земја и имавме обезбедување.


* Повторно Даблин, иста евровизиска сцена. Што беше поразлично во тој настап? 

- Во 1997 година беше мир во мојата земја. Подготовките за Евровизија беа во нормални услови. Меѓутоа, се појави проблем во Даблин. Добив висока температура, се чувствував многу лошо. Моите Босанци кои живеат во Даблин, во ден пред финалето и  по одличната проба, ме однесоа во болница на преглед. Лекарот беше Босанец, скоро се опоравив. Прогнозите беа лоши, бронхитис и воспаление на гласните жици, во прашање беше мојот настап. Во саботата, на главната проба во 12 часот ми пукна гласот. Ех, тогаш си позборував самата со себе во собата. Си реков, исклучи сè освен настапот. Да, имав трема поради здравствените проблеми. Меѓутоа, по првата строфа, се опуштив кога сфатив дека разговорот со самата себе навистина ми помагна. Си реков: „Пеј Алма, не ти е ништо!“

Дали изборот Ви е се уште предизвик? Го гледате ли преносот, читате ли сè што е поврзано со овој избор или е тоа само убаво минато, кое со задоволство го паметите?

- Ја сакам Евровизија, ги следам настаните. Многу евровизиски фанови ми се пријатели. Едвајчекам да почне.

Живеам во село

*Важите за една од најдобрите босански пејачки. А тој епитет го потврдија и многу награди. Која од нив ви е најдрага?

- Најголема награда ми е да го работам тоа што го сакам и сонот да стане стварност, ако тоа силно го сакате... а тоа е музиката. Во текот на мојата кариера бев многу наградувана. Моите албуми беа наградувани. Моите песни станаа хитови. Со години добивав награди за најдобра пејачка. Ја добив и наградата за најдобра пејачка на деценијата. Го работам тоа што го сакам, а наградата е потврда дека работиш добро.


*Како Ви проаѓаше времето во карантин поради пандемијата? Дали оваа криза влијаеше и на кариерата? Кога последен пат издадовте нова песна?

- Пред неколку години се преселив на село и веќе бев во изолација, така што ништо многу не се промени. Уживам во природата веќе одамна, нема многу луѓе и физички сум дистанцирана. Пандемијата нè погоди сите нас затоа што со короната застанаа сите музички активности. Во февруари 2020 година започнав да ја промовирам  новата песна „Покана“, но на почетокот на март бевме запрени. Мислам дека никогаш повеќе ништо нема да биде исто. Ми недостигаат настапите, контактот со публиката, патувањата.


* Голем љубител сте на животни. Колку имате дома?

- Многу ги сакам животните. Сопруготот, ќерката и јас со години ги спасуваме, ги лекуваме и им наоѓавме прекрасни домови. Во моментов имаме 18 мачки и кучиња. Беа и 30, но си отидоа во свои домови. Животните се посебни суштества, тие се лек за човекот, но луѓето тоа не го знаат. Да знаат колку животните психички ги лекуваат луѓето, ќе се намали продажбата на антидепресивите. Им направивме дом во дворот, а кучињата и мачките се сакаат, се штитат едни со други. Имаат свои куќи, одлична храна, ветеринарна нега. Тие најмногу го сакаат топлиот човечки допир.

Соња Алексоска Неделковска