Пред огледало со Емилија Спасовска Мојсовска: Главното оружје на една дама постојано е во мојот несесер
Емилија Спасовска Мојсовска е магистар по нутриционизам, која се грижи за изгледот и здравјето на многу луѓе ширум земјава. Таа е вистинска дама која внимава на својот изглед и исхраната. А, за читателките на Женски магазин ги откри и своите ритуали за убавина.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Како нутриционист мојата теза е дека убавината и убавиот изгледаат се резултат на здравиот начин на живот и здравата исхрана, па така оваа теза ја практикувам, односно еден од најважните работи во изгледот e негата да биде одвнатре и однадвор.
Покрај соодветната исхрана во зависност од годишниот период во кој се наоѓаме за задржување на еластичноста на кожата, хидрирање, секојдневна детоксикација и исхрана богата со витамин Ц, Д, Б, онаа што го практикувам надворешно е секојдневно темелно чистење на кожата, хидрирање и балансирање на кожата со употреба на соодвета козметика во зависност од периодот на денот и годината.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Кога станува збор за нега на лицето како најизложен дел од телото на сите надоврешни влијанија и како најтретиран дел во однос на нега, шминки, и слично, особено внимавам на заштитата од тие влијанија и на темелно чистење и хидирање. Од сите препарати кои досега сум ги користела во колекцијата на Shiseido го пронајов она кое и е потребно на мојата кожа, секојдневно употребувам мицеларна вода, лосион и крема за лице.
* Посетувате ли козметички салони?
- Сметам дека во професионални раце ефектите за подобро негувана кожа ќе бидат поголеми и советите од професионалците допринесуваат за правилна нега на кожата секојдневно и во домашни услови.
Иако, сепак ретко посетувам козметички салони, си дозволувам еднаш во месецот задолжително да правам комплетен козметички професионални третмани.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Негата на косата за мене има особено големо значење поради тоа што имам руса и кратка коса на која ѝ е потребна посебна нега, секогаш да биде уредна, без оштетени и распукани врвови поради тоа секогаш покрај исхраната, правам третмани со маски и капки и дополнителни третмани кои допринесуваат да имам квалитетно влакно и сјајна коса.
Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Во зависност од настанот и пригодата се разликува и мојата шминка, секојдневно практикувам минималистичка природна шминка, се обидувам да дадам поголем акцент на моите очи, а за настани со поголема храброст си дозволувам да направам експерименти со впечатливи тонови односно да се препуштам во раце на професионалците во кои имам апсолутна доверба.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Производите кои ги користам важно ми е пред сѐ да одговараат на мојот тип на кожа и да одговараат на моите барања согласно мојата возраст. Последниве 10 години се тоа го најдов во козметиката на Shiseido и досега сум презадоволна од секој производ кој сум го користела.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Водејќи се по цитатот на Шанел:„If you're sad, add more lipstick and attack“ (Ако си тажна, стави малку повеќе кармин и нападни) главното оружје постојано е во мојот несесер, но не изоставам ниту огледало и маскара.
* Омилен парфем?
- Парфемите за мене се одлика на човекот и на тоа што го носи одвнатре. Одбирам парфем со кој би можела да се носам и да се чувствувам пријатно, секогаш сакам парфемот да е впечатлив, но не и нападен и да има нота која се забележува, но која не останува во нос. За мене тоа е Good Girl на Carolina Herrera.
* Како ја одржувате линијата?
- Покрај тоа што ја препорачувам, здравата исхрана која е мојот животен стил и ја практикувам за добро здравје и добра линија, редовно и вежбам, секој слободен момент го користам да излезам во природа да бидам физички активна, а во последните неколку години често планинарам и возам велосипед.
Н.Миланова
Фото: Приватна архива Емилија Спасовска Мојсовска