Преку Креативен Центар во Карпош до мотивација и едукација на ученици за 21 век

Добивај вести на Viber

Образовниот систем во земјава е оптоварен со фактографија која не резултира со соодветен развој на вештини и практични знаења кај младите. Оваа констатација според наставниците се однесува на сите потсистеми на образование почнувајќи од основното, преку средното, па се до високото образование. Покрај стереотипните наставни и предметни програми, несоодветните учебници и  демотивираниот наставен кадар, за ваквата состојба низ годините свој придонес дава и недоволната опременост на образовните институции со соодветни нагледни средства. Од друга страна, образовниот систем не е приспособен на потребите на учениците кои не се задоволуваат само со престојот во училиштата, туку ги интересира и нешто повеќе.

Во услови на целосно отсуство на системски мерки за откривање, следење и развој на заинтересирани ученици за занимавање со истражувачка и творечка работа, група на ентузијасти професори од неколку основни училишта го создадоа Креативниот центар Карпош. Професорката Александра Блажевска, претседателка на Центарот, за Женски Магазин вели дека во наставата е потребно да се внесат нови и свежи содржини кои ќе го привлечат вниманието на ученикот и ќе го подготват за образовните предизвици на модерното училиште.

Таа предава хемија во ООУ „Јан Амос Коменски“, а на своите ученици и на учениците кои го посетуваат центарот се обидува да им ја долови магијата на образование растоварено од непотребни содржини, туку нов, иновативен и пред сѐ едукативен пристап заснован на знаење и вештини.

„Целта на центарот е откривање, следење и развој на мотивираните ученици за занимавање со истражување, уметност и бизнис, развивање на вештини и капацитети кај учениците за СТЕМ образование, придонес во професионалната ориентација на учениците, ангажирање на мотивиран наставен кадар, потоа професионален развој на наставниот кадар и унапредување на практичната настава. Дополнително создавање услови за развој на воннаставните активности, партнерства, воспоставување на меѓуучилишна соработка и развивање на меѓународна соработка преку влегување во соодветни мрежи и асоцијации“- објаснува професорката Блажевска.

Креативниот центар Карпош е модел за препознавање и вклучување на мотивирани ученици во истражувачкиот циклус на природните науки. Центарот е невладина организација која во 10-те основни училишта на територија на општина Карпош има свои 10 организациски единици: Центар за ракотворби, Центар за дизајн и роботика, Центар за екологија и рециклажа, Центар за енергетика и климатски промени, Центар за ботаника и микологија, Центар за културно наследство, Центар за космологија, Центар за зоологија, Центар за аудиовизуелни уметности и Центар за храна. Овие центри со финансиска поддршка на општина Карпош и преку донации се опремени со соодветна опрема која е целосно ставена на располагање на учениците кои пројавуваат интерес за овие области.

„Како главен облик на активност, во рамките на центрите, КЦК организира работилници во кои учествуваат ученици од сите училишта на територијата на општина Карпош. На овие работилници се овозможува учење преку истражување кое промовира стекнување на темелни концептуални знаења и истражувачки вештини кај учениците. Во областа на природните науки, во изминатиот период беа организирани работилници на следните теми: Произведуваме и контролираме зеленчук, Светот на габите, Дружење со ѕвездите, Растенијата под микроскоп, Ајде да се грижиме за животните, Создаваме различни видови енергија, Приказни за водата, Спектакуларна наука, Мојот пријател роботот, Рециклираме и се заштитуваме, Хемија на пиротехника и др. На овие работилници досега земаа учество над 300 ученици, а во нивната организација учествуваат аниматори, наставници и стручни соработници“- додава професорката Блажевска.

Дел од работилниците се реализирани со партнер организациите меѓу кои факултети, лаборатории, зоолошката градина. Дополнително се организираат и обуки за наставниците по хемија.

„Овие обуки резултираа со изготвување на неколку стотини сетови за експериментирање во редовната настава по хемија, со што се овозможи секој ученик кој следи настава по хемија на територија на општина Карпош во текот на наставата самостојно да изведува експерименти. КЦК не издава никакви уверенија за учество и не организира натпревари. Можеби ќе звучи нескромно, ама со својата дејност направи вистинска револуција во односот на децата кон науката кој сега треба да се дисеминира надвор од границите на општина Карпош. Имајќи го предвид искуството на Истражувачката станица Петница во Република Србија, КЦК е замислен да функционира како дисперзирана Петница“-нагласува претседателката на Креативниот центар Карпош.

Новитет од оваа година е приклучувањето кон европските иницијативи за промовирање на СТЕМ образование и заземањето активно учество во STEM Discovery week 2018.

„Во Центарот за Екологија во ООУ“ Јан Амос Коменски“ ќе се организира настан под мотото „It is COOL to be STEM“. Настанот опфаќа повеќе различни активности се со цел мотивирање на учениците за изучување на природните науки и во иднина избор на професии поврзани со природните науки. Настанот ќе се организира во периодот од 23 до 27 април годинава при што ќе бидат организирани работилници за тајните на кристалите во која ученици од осмо и деветто одделение ќе имаат можност да направат свои кристали и да ги истражуваат со помош на електронски микроскоп. Учениците ќе имаат можност да проследат пиротехнички спектакл и да се запознаат со хемиските реакции кои се случуваат во пиротехничките ефекти исто така и ќе имаат можност да разговараа со професор од институтот за хемија во врска со професии поврзани со хемијата. Сите овие активности се со идеја, развивање љубов и интерес за изучување на природните науки како водечки во насока на обезбедување на одржливост и развој на планетата Земја“- вели професорката Блажевска.

Минатата недела на Природно-математичкиот факултет во Скопје се одржа меѓународна образовна конференција на која учествуваа неколку стотини наставници и претставници на образовната администрација од повеќе земји. На оваа конференција, професорката Блажевска го промовираше Креативниот центар Карпош како уникатен модел за обезбедување услови за откривање, следење и развој на ученици заинтересирани за истражувачка работа.


КРЕАТИВЦИТЕ ОД КЦК БЕА ПИРОТЕХНИЧАРИ, АМА НЕ ПИРОМАНИ!

„На гости кај Професорот Методија Најдоски од Хемискиот институт на ПМФ, 24 креативци од Креативниот центар Карпош денес си играа со оган. Буквално. Три часа траеше дружбата на учениците од 10-те основни училишта во Карпош со овој ентузијаст, кој освен што е професор е и пиротехничар на бројни театарски претстави и филмови. Од барут, нитроцелулоза, метална прашина, полен користејќи разни реквизити не оставаше без здив правејќи експлозии, огнени топки, огномети и други магичности. Ама тоа не го правеше сам. Напротив. Сите присутни го поднаучија занаетот. Се разделивме со ветување за повторна средба, сега некаде на територија на Карпош. Туку да не заборавам да ја потсетам општина Карпош дека КЦК и понатаму постои и функционира. Не е лошо некогаш и да не посетат“- потенцира професорката Блажевска.

Сега вели останува обврска на образовните авторитети на државно ниво да создадат центри во кои овие активности би се реализирале во текот на целата година, со учество на ученици од сите краишта на државата.