Преку сопствен бизнис до намалување на невработеноста кај младите
Според податоците на Европската канцеларија за статистика – Еуростат, стапката на невработеност на млади лица од 15 до 29 години во Северна Македонија е со стабилен тренд на намалување. Според нив, процентот на невработеност кај младите се намалил од 45.2% во 2013 до 36.9% во 2018. Иако трендот е позитивен, сепак стапките се доста под просекот на Европската Унија каде во 2018, 11.5%. млади се регистрирани како невработени.
Според скорешни истражувања направени во земјава, младите најмногу сакаат да работат во јавниот сектор. Како една од причините за тоа е сигурноста на работното место, платата и слободното време. Сепак, според Иле Митковски, директор на Агенцијата за поддршка на претприемништвото, еден од начините за намалување на невработеноста кај младите, кој дава и дополнителна вредност е самовработувањето, односно отворањето на сопствен бизнис.
„Младите претприемачи имаат потенцијал да изградат нова динамика во економијата и да овозможат раст и нови вработување. Бизнисите во сопственост на млади, ново креираните компании, тие се многу попродуктивни бидејќи имаат компаративна предност за комерцијализација на иновации и осовременување на постојните бизнис модел“, вели Митковски.
Според Митковски, Агенцијата веќе работи на тоа да се овозможи поддршка на младите кои имаат бизнис идеја и сакаат да отворат свој бизнис.
„Веќе спроведовме обука за пишување на бизнис план за 30-тина млади од Вардарскиот, Полошкиот, Југозападниот и Североисточниот плански регион. Изготвени се 20 бизнис планови кои, во соработка со Норвешката амбасада преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија ќе добијат соодветна опрема за успешно функционирање на нивниот бизнис“, вели Митковски.
Се очекува овие бизниси да отпочнат со работа во ноември и да обезбедат најмалку 20 нови вработувања на млади лица.