Преку STEMployability до зголемени шанси за вработување на студентите по инженерство
Минатата недела во просториите на Машинскиот факултет Скопје, беше одржан вториот блок обуки од проектот STEMployability. Овој проект има за цел да ја зголеми самодовербата и подготвеноста кај студентите по инженерство за интервјуа за работа, што доведува до повисоки стапки на вработување.
Во текот на оваа програма, планирани се неколку серии дводневни обуки за вкупно 100 учесници од обучувачи од Хрватска и Македонија. Методологијата е инклузивна и прилагодена на различните знаења на студентите, а секој учесник добива електронска форма на книгата „Како да се вработите“ од Гордана Фргачиќ од Хрватска. Преостанатите две дводневни обуки ќе бидат одржани во првата половина од 2025. година.Термините за нив ќе бидат дополнително објавени на сајтотhttps://stemployability.mk/.
Крајната цел на проектот е да им се помогне на студентите по инженерство да бидат покомпетентни на пазарот на трудот и да се претстават себеси на што подобар начин.
Учесниците кои се дел од STEMployability за време на обуката самите креираат професионална биографија користејќи го форматот EUROPASS, со цел да имаат готова биографија веднаш после завршувањето на обуката, а сето тоа под водство и насоки од страна на тренерите на обуката.
Покрај тоа, учат како да создадат професионален впечаток во текот на интервјуто за работа, користејќи ги сите сегменти на комуникацијата. Воедно, им се посочува и кои се потенцијалните прашања коишто можат да им бидат поставени за време на интервјуто, и како да успеат во центрите за проценка (Assessment centers).
Следејќи ја визијата Еразмус+ програмата, за поттикнување еколошки и одржлив начин на размислување, на пролет студентите ќе бидат активно ангажирани во создавање позелена површина околу инженерскиот кампус во Скопје.
Зад проектот STEMployability, стојат „Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење“, друштвото за развој на човечки потенцијал и консалтинг „Хоризонт Интернационал“ и хрватската консултантска компанија „Treći Gabrijel d.o.o„.
Проектот е финансиран од страна на Европската Унија.
Сите информации поврзани со проектот можете да ги најдете на https://stemployability.mk/