ПРИКАЗНА НА УЛИЧНИТЕ АРТИСТИ ОД „БАСКЕРФЕСТ“: Смиривме брачна двојка пред развод
„ Ми пријде човек и ме замоли да му помогнам да ги смирам неговите пријатели, брачна двојка која беше во кавга. Ми рече: Овие двајца во првиот ред многу се караат, пред разведување се. На крајот, беа многу весели и среќни, и насмеани си заминаа заедно. По некое време, нивниот пријател ми рече дека се смириле. Ете, сум спречил еден развод“, вели уличниот артист Хиросан од Јапонија
Уличните забавувачи Хиросан од Јапонија и Масимо од Шпанија го отворија традиционалниот „Баскерфест“ кој започна во Скопје. Масимо изведе шоу со моторни пили, а најинтересно е што во текот на целиот настап, друштво му прави неговиот седумгодишен син.
Некогаш спијам на улица, некогаш во хотел со пет ѕвезди. Некогаш си богат, некогаш сиромав. Подеми и падови, тоа е животот за нас, уличните уметници.- Хиросан од Јапонија
„ Мојот син е навикнат да живее на улиците заедно со мене. Ние сме од Мадрид и настапуваме низ центарот на градот, и ако дојдете кај нас, сигурно ќе не забележите. Најинтересен наш настап за посетителите е оној со моторни пили, за некои изгледа и страшен, но мојот син е целиот на мене, тој од ништо не се плаши. Имав покана, и гостував во шоуто „Шпанија има талент“, но настап во студио нема никаква врска со оној на улица, на отворено е многу повозбудливо“, раскажа Масимо за Женски магазин.
Хиросан е уличен забавувач, акробат, веќе пет години. Вели дека патува насекаде низ светот. „Некогаш спијам на улица, некогаш во хотел со пет ѕвезди. Некогаш си богат, некогаш сиромав. Подеми и падови, тоа е животот за нас, уличните уметници. Но, најважно од сѐ е што ги правиме среќни луѓето. Паметам еднаш, за време на едно шоу ми пријде човек кој го познавам, и ме замоли да му помогнам да ги смирам неговите пријатели, брачна двојка која беше во кавга. Ми рече: Овие двајца во првиот ред многу се караат, пред разведување се. Можеш ли да смислиш нешто, да ги развеселиме? Ги поканив да учествуваат со мене. На крајот, беа многу весели и среќни, и насмеани си заминаа заедно. По некое време, нивниот пријател ми рече дека се смириле. Ете, сум спречил еден развод, хахаха“, ни изјави јапонецот Хиросан и додаде дека е многу среќен што е во Македонија.
Мојот син е навикнат да живее на улиците заедно со мене.- Масимо со синот и со Хиросан во Скопје
Неговиот колега Масимо, забележал кои три збора на шпански, луѓето кај нас ги знаат. „ Овде сите ми повторуваат: Te quero mucho (Те сакам многу). Тоа е веројатно влијание од шпанските серии кои беа популарни. Но, сега слушам дека турските ги претркале со гледаност“, додаде шпанецот.
„Баскерфест“ ќе трае до 17 јуни, на градскиот плоштад „Македонија“, а гостуваат и улични артисти од Јапонија, Индија, Аргентина, Франција, Шпанија, Бразил, како и млади македонски музичари и светски баскер бендови. За најмладите има и детска едукативна работилница „Киндер Парк“, едукативно катче за животни, како и неколку интерактивни игри.
М.Џаровска