ПРИКАЗНАТА НА ДЕНИЦА ВЕЛКОВСКА, МАЈКАТА НА МАЛИОТ ХЕРОЈ ЈАНЕ: Син ми славеше за лекот со фудбалска химна

Добивај вести на Viber

Јане беше збунет бидејќи не го подготвивме, а потоа се израдува и се приклучи кон славењето. Почна да пее и дури ја преиначи химната на „Манчестер Јунајтед“. Сега е разумен и знае дека ќе треба малку да се почека за примање на терапијата, но често прашува кога ќе почне. Брат му Огнен пак на сите им се фалеше дека стигнал лекот. На свои 6 години тоа му беше главна тема! Дали да плаче човек, или да се радува, душичка мала

Приказната на Деница Велковска, мајката на деветгодишниот Јане, чија фудбалска страст го обиколи светот е пример за храбра, позитивна и упорна жена. Борбата на Деница на нејзиното семејството, тој и уште шест дечиња кои боледуваат од спинална мускулна атрофија (СМА) да го добијат лекот „спинраза“ се исплатеше.

Не работам, немам онолку време колку што сакам да му посветам на помалото дете, не родив трето дете, не се гледам со пријатели и роднини, не одам во шопинг.- Деница Велковска


Најсреќната вест неодамна пристигна за овие деца, а целата јавност чиј миленик стана Јане ја прифати со голема радост. Лекот ќе почне да се носи во Македонија, а Владата ќе одобри средства за негово набавување, информираа неодамна од СТОП СМА Македонија.

„Кога дознавме дека лекот ќе стане достапен за Јане и за другите дечиња, чувството беше неверојатно, поточно беа измешани чувства на среќа, возбуда, олеснување и спокој истовремено. Чувствата траеа и се мешаа бидејќи многу мисли од минатото и посакуваната иднина ни прелетуваа низ глава едно по друго. Смеењето и гушкањето помогнаа“, ја започна својата приказна за „Женски магазин“ Деница.

Во ложата на „Манчестер Јунајтед“, на Јане му се оствари сонот


„Јане беше збунет бидејќи не го подготвивме, а потоа се израдува и се приклучи кон славењето. Почна да пее и дури ја преиначи химната на „Манчестер Јунајтед“ во тој момент. Химната пее за славење на тимот, а Јане си пееше на свој начин. (Само на поединци познато, хаха.) Сега е разумен и знае дека ќе треба малку да се почека за примање на терапијата, но често прашува кога ќе почне. Брат му Огнен пак на сите им се фалеше дека стигнал лекот. На свои 6 години тоа му беше главна тема! Дали да плаче човек, или да се радува, душичка мала“, додаде мајката за среќата на своите деца.

Приказната за борбата на семејството Велковски кое живее во скопската населба Хром почнува од оној момент кога ги добиле анализите и му била откриена болеста на Јане. Тогаш, Деница и нејзиниот сопруг си ветиле дека на своето дете ќе му обезбедат се што можат за да и тој, како и другите деца има среќен живот.

Јане на изложба на проектот „Будење“, омилената слика на Деница од синот


„Бевме во голем шок, и требаше време да се надмине, да се соочиме со вистината и да застанеме пред предизвикот. Пребарувајќи на интернет, гледавме да останеме фокусирани на информациите со препораки за нега, сочувување на добрата состојба и што е можно повеќе пролонгирање на прогресот на болеста. Читајќи ги американците кои се лидери со сето ова, си земавме примери кои ни даваа надеж дека ќе успееме. Си ветивме дека ќе му обезбедиме на Јане се она што има едно американско семејство со дете со СМА тип2 за среќен и квалитетен живот. Тоа беше најтешкото нешто што сме го направиле, веднаш по тежината на борбата за лекот“, ни раскажа Деница.

Семејството Велковски на стадионот на „Манчестер Јунајтед“


Јане стана миленик на народот поради својата мила ѕвезда, уште од кога за прв пат се појави во медиумите.Тој беше придружба на фудбалската репрезентација на Македонија на квалификацискиот натпревар против Шпанија во јуни лани, а потоа беше дел од проектот „Рамноправна игра“ на УЕФА и сними рекламен спот, кој стана хит и допре до големите фудбалски ѕвезди како Пол Погба, Роберт Пирес, Нуно Гомез.

Деница и Ѓорѓи Велковски на првиот училиштен ден на помалиот брат на Јане, Огнен

Со своето семејство, Јане од 12 до 15 март му беше гости на познатиот светски фудбалер Пол Погба, кој е негов голем идол. Сонот на Јане се оствари откако во живо го проследи натпреварот на „Манчестер јунајтед“ против „Севиља“ на „Олд Трафорд“, а добредојде му посака лично Погба.

„Јане е дете- сонце, тој грее штом погледне и проговори. Тој е многу позитивно, насмеано и дружељубиво дете, кое најмногу од се сака да другарува, да шета и да се истакнува со знаење и со умеење. Сака праведност, ги штити другарите и секогаш се обидува да најде решение за некој проблем. Сме забележале дека му годи јавен настап, па затоа и го бодриме да стане самозастапник, односно јавно да зборува за она што го мисли. Дома некогаш знае да биде и инаетлив за да го добие она што го сака, а тоа му е од упорноста како негова главна карактерна особина. Сега пројавува и желба во иднина да помага на немоќни, исто како што нему му помогнале, што сметаме дека е многу хумано и благородно“, раскажа Деница за карактерот на својот син. Во неговото училиште „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ во Хром и на игралиштата во неговата населба, Јане е често дел од фудбалскиот тим заедно со своите другари.

Велковски пред катедралата Норт Дам во Париз

Насмевката и добрината се особини кои ја красат и неговата мајка. Деница искрено ни раскажа и за тоа од колку нешта требала да се одрече како жена сите овие години.

„Премногу нешта. На професионално поле најмногу, а исто така и приватно. Не треба да е така, но тоа беше цената. Свесно ја платив, ама не се откажувам од желбата и надежта дека подоцна се ќе си дојде на свое место. Не работам, немам онолку време колку што сакам да му посветам на помалото дете, не родив трето дете, не се гледам со пријатели и роднини, не одам во шопинг (трчам да купам нешто кога морам), не излегувам, не успеваме со сопругот да најдеме доволно време за нас ниту пак си дозволуваме непланирани работи, не спиеме доволно, не стигаме да водиме грижа за нашето здравје и многу други работи. Тоа е тој недостатокот на поддршка за овие семејства, кој се надевам нема да биде поразителен за нас“, вели Деница. И покрај се, кога да и ја сретнете, таа е секогаш насмеана. Силата вели дека ја црпи од надежта дека ќе биде подобро и од вербата дека со упорност ќе се најде решение или барем алтернатива.

„Децата најмногу ми ја враќаат силата, колку и да сум паднала емоционално долу. Но и по природа сум оптимист кој секогаш се стреми кон подобро, секогаш со верба во себе. Па така што не си дозволувам многу ирационалност.“ Како и секоја мајка, и Деница верува во мечтите за своите деца. Нејзината приказна, таа ја зваршува многу скромно, давајќи пример дека и со малку, човек треба да биде среќен.


„Не посакувам ништо повеќе ни помалку од секојдневие без ваков предизвик, живот онаков каков што повеќето го земаат здраво- за готово, или го сметаат за здодевен. Маж, деца, куче, дом, работа,одмор и хоби. Така си мечтаам за моите деца, колку и да звучи како клише, мене ми изгледа како најголемо достигнување, во однос на ова што сега го живееме. Само да се живи,здрави и среќни, и ако е возможно што подолго да им се радувам“.


За Женски магазин, Милица Џаровска