ПРИЛЕПСКИ ЗЕТ ОД КУБА ЈА ПРЕПЕА МАКЕДОНСКАТА ХИМНА: „Денес над Македонија се раѓа“ е мојот марш

Добивај вести на Viber

Дедото на мојата сопруга кој живее во Прилеп не се чуствуваше добро тие денови. Сакав да го развеселам и затоа ја препеав химната, а и онака тоа ѝ го должев на Македонија и на Македонците, вели кубанскиот музичар Норман Баталие

Кубанскиот музичар Норман Баталие кој живее и работи во Скопје, ja препеа македонската химна, за љубов на дедото на неговата сопруга Диона Босилковска. „Дедото на мојата сопруга кој живее во Прилеп не се чуствуваше добро тие денови. Сакав да го развеселам и затоа ја препеав химната, а и онака тоа ѝ го должев на Македонија и на Македонците“, ја започна својата приказна Норман.

Мојата сопруга, Диона, ја запознав на едно од моите патувања. Тогаш мојот живот сосема се смени.- Норман со сопругата, со нејзиниот дедо и со семејството на венчавката 

„Музиката и зборовите на химната се опис на македонскиот народ, вие сте борци. Како дете на Македонија за кое се сметам, јас сум горд како и секој Македонец кога ја пее“, додаде Баталие. 

Тој е роден во Куба, Хавана и живеел таму долги години. Откако завршил Музичка академија, основал свој бенд и од тогаш, Норман пишува и продуцира своја сопствена музика. Сега, за себе вели дека е независен музичар и е горд што неговата музика може да ја шири низ светот.

Мојата сопруга, Диона, ја запознав на едно од моите патувања. Тогаш мојот живот сосема се смени. Многу сум среќен што се поврзав со Македонија. Не само среќен, туку и горд. Диона е транспарентен пример на македонската жена денес: паметна, практична, лидер, а она што најмногу го сакам кај неа е што е посветена на семејството. Таа е моето македонско сонце “, раскажа Норман за својата сопруга.

За химната „Денес над Македонија се раѓа“, кубанскиот музичар вели дека ја чуствува повеќе како марш. „Без оглед што ја испеав само во придружба на пиано, имам чуство како да ме следи цел еден воен оркестар. Музиката, ритмички е типичен марш и затоа додека ја пеам така се чуствувам, како да марширам“, откри Норман.

Диона е транспарентен пример на македонската жена денес: паметна, практична, лидер, а она што најмногу го сакам кај неа е што е посветена на семејството

„Моја пракса е, никогаш да не испеам ниту една песна која не е на мојот јазик, без да разберам што зборува во текстот. Затоа, химната на Македонија сосема ја разбирам. Мојот македонски не е совршен, но се трудам. Додека пеев, имав во предвид дека во македoнскиот јазик фонетиката е сосема различна од мојот роден јазик, шпанскиот. Затоа се трудев зборовите што подобро да ги научам и да го совладам акцентот колку што можам“, додаде музичарот. 


Норман за крај вели дека му е жал што не успеал да ја види реакцијата на дедото кога ја слушнал неговата преработка  на химната. „Дедото живее во Прилеп, а јас не бев до него кога ја гледал снимката, бев зафатен, за жал. Ми рекоа дека и тој и целото семејство на Диона реагирале многу емотивно. Многу сум среќен што овој мој гест направи да се почуствува подобро и му даде сила“, ни раскажа Норман.

Моја пракса е, никогаш да не испеам ниту една песна која не е на мојот јазик, без да разберам што зборува во текстот. Затоа, химната на Македонија сосема ја разбирам.- Норман 


За него, најубавиот дел од Скопје е Матка, место за кое вели дека апсолутно го обожава. Сите убави слики од Македонија кои со љубов ги фотографира ги има на неговата страница www.normanbataille.com.

Милица Џаровска