Приватно се облекувам целосно спротивно од она што се гледа на професионалните фотографии: Моделот Ана Марија Јанковиќ за Женски магазин
Пред убавината и
Боговите молчат, велат постарите, а навистина магепсува со својата убавина Македонката
Ана Марија Јанковиќ, која работи како модел и соработува со неколку познати
брендови.
Таа инаку е ќерка на познатиот Македонски уметнички фотограф и режисер, Дарио Јанковиќ, од кој како што сподели 21-годишната девојка ја наследила љубовта кон фотографијата, па моментално таа е студент на филмска режија.
На сетовите и професионалните фотографии ја гледаме скоцкана од глава до пети, а во приватниот живот вели дека најчесто е облечена во фармерки, маичка и патики, кои ги имала во голем број. Во оваа интервју зборуваме со неа за брендовите со кои соработува во моментов, каде планира да го помине летниот одмор, но и за тоа каде се гледа за 10 години, а нејзиниот одговор ќе ве изненади.
* Дали како мало девојче имавте желба да бидете дел од светот на модата, или пропратно навлеговте таму?
- Желба како желба да бидам дел од светот на модата никогаш не постоела, но индиректно бев вклучена уште од мали нозе благодарејќи на мојот татко кој е фотограф и бев прилично запознаена. Да навлезам јас во светот на модата како модел се случи сосема случајно, кога мојата сегашна менаџерка од Србија ме исконтактира на Инстаграм. Првично не бев заинтересирана и ја одбив нејзината понуда, но после една година таа повторно ме контактираше и беше упорна и веруваше во моите квалитети, по што ја прифатив и воедно нашата прва работа заедно, а тоа беше фотографирање за брендот GUESS.
* На кои модни избори досега имате учествувано и какви титули имате освоено?
- Сум учествувала само на еден моден избор во Кан, Франција и ја освоив титулата Мис Туризам. Не ме интересираат модните избори, не ми се некоја сатисфакција и затоа не ги практикувам.
* Дали работата како модел е она со кое сакате да се занимавате и во иднина и само со тоа, или учите и нешто друго, ако да што?
- Работата како модел ја гледам привремено, бидејќи тоа не е мојата прва пасија и професија со која сакам да се занимавам. Студирам филмска режија и тоа е професијата на која сакам да го посветам мојот живот и да бидам успешна. Режијата е работата која целосно ме исполнува.
* На професионалните фотографии од вашите работни ангажмани изгледате секогаш скоцкана дама која е најчесто облечена во софистицирана облека и елеганта, а како се облекувате кога не сте професионално ангажирани?
- Во мојот приватен живот, надвор од работата се облекувам можам и да речам целосно спротивно на она што се гледа на професионалните фотографии. Практикувам широка oversized облека секојдневно, а патиките ми се слабост и никогаш доста. Со оглед на тоа што работам и на филмски сетови како дел од екипа фармерките, широките панталони и маици ми се работната униформа.
* Која е вашата најголема поддршка?
- Мојата најголема поддршка ми се моите родители и сестра ми. Без нив немаше да бидам личноста која сум денес. Воедно тие ми се и моите најдобри пријалите и се секогаш тука со совет, да ме ислушаат и да ми укажат како е правилно.
* Со кои брендови соработувате во моментов?
-Моментално најмногу соработувам со Guess, бренд за кој работам, фотосесии, модни ревии и кампањи. Исто така со Bonatti, бренд за кој веќе две години со ред ги работам сите летни кампањи.
* Наскоро ќе ве видиме ли на некоја модна ревија во светот, која?
- Овој месец имам модна ревија за Guess која се одвива во Лугано, Швајцарија и трае два дена.
* Каде ќе го помине летниот одмор Ана Марија?
- Годинава летниот одмор ќе го поминам во Италија, според мене една од најубавите држави и земја каде што има многу да се види и посети.
* Полесно се работи - соработува со Македонски компании или со странски?
- За ваква поделба не можам одлучно да пресечам, сепак се работи за тоа колку компанијата е професионална и како гледа на работата. Со оглед на тоа што не соработувам скоро па и воопшто со македонски компании, и целата работа ми е насочена кон европските земји, би рекла дека со странските фирми е се‘ подобро организирано, нема губење на време, клиентот знае што сака и спремни се за работата, нема импровизации и отстапки.
* Каде се гледате за 10 години од сега?
- На светските фестивали да се прикажуваат мои филмови и мирен живот на фарма со многу животни.
Наталија Миланова