Проф. д-р Елка Јачева Улчар: Би сакала да живеам во Македонија со среќни граѓани, со многудетни семејства, со ниту еден невработен, со празни затвори

Добивај вести на Viber

За разлика од претходно, кога секој ден ѝ започнувал со еден голем филџан турско кафе без шеќер, проф. д-р Елка Јачева Улчар во последниве 7-8 години таа навика ја променила.


- По една абдоминална хируршка интервенција, по која бев подложена на еден посебен режим на исхрана, ми остана навиката утрото да го започнам со чаша лимонада со која си ги земам сите суплементи пропишани од мојот драг пријател и долгогодишен наш матичен и семеен лекар, д-р Хасан Ел-Арејси. По ова нешто појадувам: најчесто е тоа овесна каша збогатена со смелени семиња од лен, сончоглед, тиква, една лажичка сусам, неколку зрнца брусница, еден прстофат чипс од кокос, полеани со чаша јогурт, по што следува „моето“ кафе. Велам „моето“ кафе од две причини. Со години наназад, а особено од пандемијата наваму, во работните денови кафето го пијам дома сама (порано првото кафе го пиев на работа со колешките), со оглед на тоа што маж ми заминува порано од мене на работа, а син ми Исток веќе 5-6 години не живее со нас, но и да беше тука – тој, воопшто, не пие кафе. Последниве години „моето кафе“ е еспресо и се вика лаваца пасионале а модо мио (Lavazza passionale. A modo mio) или во превод: страсна лаваца на мој начин. А мојот начин на пиење на еспресото лаваца за да биде уште „пострасно“ го зачинувам со неколку трошки цимет, кафен шеќер и едно чоколадно бонбонче, најчесто бајадера или белгиска чоколадна труфа. Кафето го пијам покрај компјутер, прошарувам по интернет, да видам што има по социјалните мрежи, отворам пошта, читам и праќам пораки.


- Сепак, најубави ми се утринските кафиња со маж ми Игор, во неработните денови или кога сме на одмор. Кога сме дома, обично тој го прави кафето и како некој што најдобро ме познава ми пушта некоја музика што јас најрадо ја слушам: Стинг, Жана Бичевскаја, Ју ту, Екатерина Велика, Збигњев Преjзнер, Хенрик Горецки..., а од нашите Тоше, Калиопи, Lola V. Stain, Дарија Андовска...


Најголем генератор за неа е љубовта во сите нејзини видови: љубовта кон партнерот, кон детето, кон родителите и блиските роднини, кон пријателите, кон работата (во овој случај се вклучува и љубопитноста), кон природата, кон децата.

- И конечно кон татковината, која иако ја ставив на последно место во набројувањево, во мене не е ни помалку присутна, ни помалку изразена. Неодамна зборував со една пријателка од странство на која спонтано, без некаков особен поттик или провокација, ѝ реков дека мојот однос и мојата љубов спрема Македонија се исти со оние што ги имам спрема син ми, родителите, брат ми, пријателите: од што толку ја сакам, често ја критикувам зашто сакам да биде подобра, поубава, посовршена, НО! Тоа што јас можам да си го дозволам во негативен контекст да го кажам за син ми, за најблиските роднини и пријатели, како и за Македонија, не дозволувам никој друг отстрана да го каже за нив, зашто, просто речено, ‒ тоа ме боли!   


Кога била помлада, работата во Институт ѝ се чинела многу нединамична, особено што на вработувањето во Институтот за старословенска култура од Прилеп во 1993 година, му претходела хонорарна работа во Македонската-радио телевизија како лектор.

- Таа работа во Македонското радио беше многу динамична и полна со предизвици. Кога по една и пол година работење таму ми се укажа можност за вработување во ИСК ‒ Прилеп, првите месеци поминав низ еден период на „транзиција“ што подразбираше дека треба да се навикнам дека резултатите од мојата работа не се гледаат во следниот час, или од утринските вести до пладневните, туку дека ефектите од работата се гледаат на подолг рок, односно дека научноистражувачката работа е еден подолг и посложен процес од лекторирањето. Како млада жена, енергична и социјално активна, постојано си изнаоѓав дополнителни ангажмани: речиси 20 години (1998 – 2017), како член на Извршниот одбор на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, волонтерски бев вклучена во работата на натпреварите по македонски јазик и литературата за учениците од основното и од средното образование, хонорарно лекторирав за некои наши издавачки куќи, еден период предавав на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип (2008 – 2017)..., додека паралелно работев на неколку институтски проекти, од кои би ги издвоила: „Старословенско-македонскиот речник со грчки паралели“  во Институтот за старословенска култура од Прилеп;  6. том на „Толковниот речник на македонскиот јазик“ и „Правописот на македонскиот јазик“ во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, каде што се префрилив да работам по моето докторирање на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 2005 година. На докторската дисертација од областа Ономастика под наслов „Топонимијата на Тиквешкиот Регион“, ѝ претходеше одбраната на магистерската од областа на Историјата на македонскиот јазик,  „Ќустендилски триод – јазична анализа“, средновековен ракопис од втората половина на 13 век, македонска црковнословенска редакција.


- Покрај објавата на 100-ина статии од областа на историјата на македонскиот јазик, македонската ономастика, етимологијата,  балканистиката и современиот македонски јазик; активното учество на домашни и на меѓународни конференции; неколкуте научни престои во Франција, Австрија, Русија и Словенија, како особено важно за мене ја истакнувам мојата работа врз Кониковското евангелие (еден двојазичен ракопис од 1852 година, пишуван во две колони на грчки и на македонски долновардарски говор на потегот Солун – Воден со грчко писмо) со колеги од Универзитетот во Хелсинки, кои го пронајдоа овој ракопис во Патријаршиската библиотека во Александрија и во 2003 година му соопштија на славистичкиот свет дека едновековната потрага по овој ракопис завршила и дека тој не е неповратно загубен како што дотогаш се мислеше во науката.


Денес, пак, кога веќе ги ситни последните години од шестата деценија, може да каже дека на оваа возраст најмногу ѝ погодува таа статичност и спокојство што го дава научноистржувачката работа.


- Сега, воопшто, не ми паѓа тешко што резултатот од работата ќе се види дури по неколку седмици, месеци, години... убав е тој процес на создавање и откривање, лежерен, спокоен, но напојувачки и облагородувачки. Во неисклучителните ситуации, на дневно ниво мојата работа е поделена на два дела: едниот дел и најефективен започнува околу 10 часот докај 15 часот, а другиот навечер од 20 до 24. Во периодот од 15 до 20 часот, правам ручек за нас двајцата, ручаме околу 17 часот, гледаме вести и се одмараме докај 20 часот. Претпочитам за викенд да не работам, но ако е потребно и ако се најдам во теснец со времето пред некоја конференција или подготовка за печат на статија или книга, знам да работам и за викенд и во работни денови, некогаш и по 15 часа. Во таквите „набиени“ денови со работа од исклучителна важност се помошта што ми ја даваат сопругот, мајка ми и свекрва ми. Бидејќи, во последниве 2-3 години, имам многу проблеми со десната рака и десниот ишијалгичен нерв, Игор понекогаш седнува на компјутерот наместо мене технички да ми го среди текстот или ми помага да стокмам добра презентација; мајка ми Вера ни праќа нешто топло за јадење, свекрва ми Лиле ме изненадува со некое убаво колаче или чоколадна торта...   

Денот најчесто ѝ завршува пред компјутер.

- Понекогаш кога и на двајцата ќе ни се смачи од блеењето во екраните, најчесто во студените зимски ноќи,  си пуштиме да изгледаме некој филм, да си направиме некое мезе од убави сирења, да се напиеме по чашка-две вино... Некогаш одиме на гости, некогаш ние чекаме гости... Многу сакам гости... Кога ќе се разубави времето обично сме седнати со убаво друштво или во нашето дворче или во некоја од кафеаните во центарот на Скопје или на кејот од Вардар. Многу често одиме на концертите на филхармонија, во театар, на изложби... Кога ќе чуеме дека има некој добар културен настан надвор од Скопје, знаеме да седнеме в кола и да се одвеземе во Битола, Велес, Струмица, Охрид, Штип, Кавадарци, но и во Белград, Загреб, Љубљана, Херцег Нови, Крф, Амстердам.

- Кога бев помлада повеќе претпочитав да читам. Во последно време, навечер пред спиење, или гледам некој филм, или некоја серија на Нетфликс, или на Јутјуб си пуштам да слушам некоја аудиокнига од руско производство, или некоја радиодрама на РТС... Често, исто така, по препорака на пријатели пуштам навечер да изгледам некоја дебатна емисија со наши луѓе од јавниот живот и од политиката во продукција на нашите телевизиски куќи...


Најмногу од сѐ, како и секоја мајка ја прави среќна среќата на своето единствено дете, неговите успеси...

- Многу среќна ме прават дружбите со убави и умни луѓе. Среќна ме прават патувањата. Јас и Игор многу сакаме да патуваме и ако за нешто секогаш сме согласни, тоа е, секако – да се отпатува некаде, каде и да е, само подалеку од дома. Тие наши патувања нѐ држат во добра кондиција и претставуваат за нас чистење од сета негативна енергија, којашто, за жал, дома перманентно и секојдневно нѐ задушува.

- Ме растажува состојбата во земјата. Големата сиромаштија. Големиот процент на несреќни и очајни луѓе. Нашите патишта преполни со дупки. Нечистите, несредни автопатишта и валканите улици, особено во главниот град. Големата загаденост на воздухот во Скопје. Опустошената земја  и ограбениот народ. Иселувањето на младежот од земјава. Непознавањето на своето. На македонската историја, култура, јазик... Непатриотизмот на некои што се сметаат за интелектуалци, кои попрво прашуваат што ќе добијат од државата, отколку што ќе ѝ дадат тие на Македонија. Нашето неединство. Нашиот, македонски автошовинизам и себенепочитување. Живееме во едно крајно демотивирачко и непросперитетно време, особено за младите луѓе во оваа земја. Кога би била на врвот во општествената хиерархија, првото нешто на кое би му се посветила би било да го запрам огромниот одлив на млади луѓе од земјава, кои најрано – уште со завршувањето на средното училиште, а најдоцна – со дипломирањето, ги пакуваат куферите и заминуваат. Во еден правец. Без да помислат на враќање дома.


Многу сака сите жители во Македонија да бидат посреќни, посплотени, поединствени и незакрвени по ниедна основа: верска, етничка, политичка, социјална, партиска.


- Многу би сакала да живеам во Македонија со среќни граѓани, со многудетни семејства, со ниту еден невработен, со празни затвори... Во Македонија во која достоинствено живеат горди и образовани Македонци, кои дури и не знаат дека некогаш 80 луѓе ни го смениле името на државата под притисок на соседите, Европа и САД! На младите би им го порачала тоа што најчесто му го повторував на мојот син,  Исток, додека тој растеше: дека треба напорно да учи и да работи и дека единственото нешто со кое тој ќе располага до крајот на животот е она што го има во двете раце и во главата. Дека сето друго е минливо. И дека никогаш не треба да престане да биде љубопитен, да гледа со ширум отворени очи кон светот, да го сака и да го живее животот во сите негови нијанси. Дека треба да си прави ќеиф на душата и да проба сѐ што може да си дозволи, освен едно: да стои подалеку од оние ѓаволски нешта што прават зависност и ти ги заробуваат телото и умот! 

С.А.Н