Професор Фросина Митрушева: Потребно е целосно рестартирање на образовниот систем
“Политиката длабоко навлезе во сферата на образование и воспитание создавајќи слика кај младите дека образованието е само форма која треба да се исполни за да се постигне успех во животот, а некои други активности се суштински. Така добивме хиперпродукција на квазикадри образувани на квазифакултети, со дипломи од квазинауки кои не служат за ништо освен за партиски вработувања во државната администрација. Се разбира, за да се продаде таа лага за тоа што е образование се создаде цел систем на испревртени вредности преку создавање на несоодветни наставни програми и несоодветен наставен кадар кој со својата немотивираност ќе биде соучесник во спроведувањето на идејата за обесписменување на децата”- вели за Фактор, професорката по математика, Фросина Митрушева од скопската гимназија “Раде Јовчевски –Корчагин”.
За ваквите состојби односно за нивно решавање досега вели не било слушнато мислењето на наставниците, практичарите бидејќи со години наставниците се третираат исклучиво како спроведувачи на програмите, а не како креативци кои ја оживуваат наставната материја.
“Не можам да кажам дека укажувањата на наставниците за проблемите биле игнорирани, едноставно затоа што не биле ни слушнати. Наставниците не биле ниту прашани, ниту слушнати за проблемите со кои се соочуваат. Многу години наназад Министерството за образование не бара повратна информација од наставниците за нивната работа во реализацијата на наставните планови и програми. Наставниците се третираат исклучиво како спроведувачи на програмите, а не како креативци кои ја оживуваат наставната материја. Се заборава дека се работи со деца, со жива материја која се менува, расте и еволуирa. Се заборава дека теоријата и праксата треба да бидат во цврста корелација и дека од праксата треба да произлезе потребата за промени”-вели професорката.
Бројот на запишани студенти по природни науки и математика од година во година е сѐ помал. Оттука вели конечно треба да се спроведат сериозни реформи за целосно рестартирање на системот.
“Да, бројот на студенти кои се определуваат за природните науки е се помал, но затоа бројот на запишани студенти на факултетите со т.н. општестевени науки е се поголем. Потребни се целосни реформи во образованието. Според мене, потребно е целосно рестартирање на системот, почнувајќи од основното, преку средното па до високото образование. Потребна е целосна промена на принципите на образование. Образованието треба да го фати чекорот со динамичноста на дваесет и првиот век кој бара сестраност и развивање на вештината на учење, примена на знаењата и прилагодување на промени. Природните науки и математиката се токму оние науки со кои се развива логичкото мислење и вештините за правилно и брзо заклучување и донесување решенија. Затоа е потребно да се врати интересот за овие науки кај младите. Се разбира, потребни се и целосни реформи во општеството кое би ги искористило кадрите од овие профили за свој развој и ќе ги цени како што заслужуваат”- објаснува професорката Митрушева.
На меѓународното тестирање ПИСА, македонските ученици се најдоа на дното на табелата. Дел од проблемите ги лоцира во претрупаноста со тестови со кои се создава навика за брзо учење, без континуитет и знаење.
“Тестовите се основната алатка со која тие ги добиваат крајните оценки. Меѓутоа, погрешната употреба на таа алатка доведува до ситуација децата да не знаат низ процесот на учење да издвојат што е важно, а што е помалку важно. Така се создава навика за брзо учење, поточно меморирање, кое уште побрзо го снемува. Во нашиот систем оценката стана причина за учење а не последица од процесот. Затоа и добиваме слаби резултати на меѓународните тестирања со кои се проценуваат трајните знаења. Многу труд ќе треба да се вложи од страна на наставниот кадар и родителите за да се промени тој тренд и да се врати вербата во вистински, трајни знаења и вештини” потенцира професорката по математика.