Промовиран готвачот „Најдоброто од македонската кујна“ од Давор Панчевски во „Литература.мк“

Добивај вести на Viber

Во присуство на многубројни гости, љубители на македонската традиционална кујна и на пишаниот збор  вчера (19 април 2019 година) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ беше промовирана новата книга за готвење „Dave's kitchen: Најдоброто од македонската кујна“ од Давор Панчевски.
Готвачот, што го објавува издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“, содржи 125 едноставни и вкусни традиционални рецепти, на кои ќе се потсетат постарите генерации, а помладите ќе имаат можност да ги научат.

Целта на „Најдоброто од македонската кујна“ е да ги оживее рецептите што потекнуваат од ова поднебје, а кои се повеќе или помалку заборавени, претставени во модерно издание.
- Идејата ми беше со овој готвач да ги зачувам нашите традиционални рецепти и да ги приспособам за полесно да ги подготвуваат новите генерации. Дел од нив се традиционални и токму онакви како што ги подготвувале моите баби и мајка ми. Секако дека дел од нив имам и модифицирано, со цел полесно подготвување од страна на новите домаќини и домаќинки.  На пример: рецептот за манџа со грашок секогаш се подготвувал со месо исечкано на коцки, но во овој готвач мојот рецепт за манџа грашок е со мелено месо. Исто така, тиквичката е една од оние зеленчуци кои ги има во изобилие во Македонија, па со неа споделувам рецепт за чипс од тиквичка, кој одлично одговара со пиво и големо друштво. Се потрудив да ја зачувам нивната автентичност, но начинот на кои се комбинирани состојките и начинот на подготовка, како и крајниот резултат – сервирањето, е она што е променето - изјави Панчевски.

Рецептите, распределени на 270 страници, се подделени во неколку категории: појадоци, главни јадења, прилози, зимници и десерти.  
-Целата подготовка, вклучувајќи го собирањето, приготвувањето и фотографирањето на рецептите траеше околу седум месеци. При подготовката на книгата заклучив дека во македонската кујна доминираат зеленчуци и овошја. Ме фасцинира што со многу едноставни и ефтини состојки, како и со нивна правилна комбинација се креира извонреден вкус. Инаку, често готвам традиционални рецепти. Сигурно два до три пати неделно. Едноставно нивниот вкус за мене е посебен. Омилени јадења од домашната кујна ми се: ајвар, полнети пиперки, бакардан, кифлички и сите парени десерти со кои нашата кујна располага –изјави тој.

Книгата е достапна на македонски и на англиски јазик во книжарниците на „Литература.мк“. Ова е втор готвач на Панчевски, по книгата „Dave's kitchen: Гответе насмеани“.
Промотор на книгата во „Литература.мк“ беше познатата водителка Ирена Спировска. По официјалното претставување на изданието гостите можеа да вкусат дел од рецептите застапени во „Најдоброто од македонската кујна“.

Во текот на вчерашниот ден книгата беше промовирана и на т.н. „бранч со медиумите“, на кој новинарите и највлијателните блогери кај нас имаа можност да ги дегустираат традиционалните специјалитети подготвени од Dave's kitchen.