Промовирана новата едиција „Лесно читливи лектири“ со 40 книги во издание на „Арс Ламина – публикации“
Новата едиција „Лесно читливи лектири“, со 40 нови лектирни изданија за основно образование, беше промовирана денеска (21 мај 2019) во локалот „Амбрела“ (Umbrella Lounge Bar) во Скопје.
Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“, преку својот импринт „Либи“, ги објави новите лектири, кои се разликуваат од сите претходни лектирни изданија на пазарот, пред сѐ, по тоа што се лесно читливи за учениците, вклучително за децата со дислексија. Изработени се според светските стандарди за дислексија, а вклучуваат и речник на помалку познати зборови, како и активности за работа на час. Станува збор за поголем дел од листата на лектири за основно образование одобрени од Министерството за образование и наука.
Проектот „Лесно читливи лектири“ ја освои првата награда во категоријата за „Најдобра едиција“, што ја додели Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за време на Саемот на книгата 2019.
Овој проект на „Арс Ламина“ е дел од мисијата на издавачката куќа да ги направи книгите полесно достапни до сите деца и да ги поттикне децата да ги развиваат нивните читачки навики и да ја засакаат книгата.
– Нашите истражувања во поглед на причините, заради кои децата и учениците сѐ помалку читаат, упатуваат кон повеќе проблеми. Меѓу другото, дел од причините лежат и во тоа што многу често на нашиот пазар изданијата за деца не се прилагодени за нивната возраст, текстовите се долги и набиени на страницата, илустрациите се застарени и непривлечни, а многу често изобилуваат и со јазични, правописни, па и преводни грешки. Оттука и нашата мисија да ја направиме книгата привлечна за децата, за да го засакаат читањето – изјави Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“ и главен уредник на едицијата лектири.
Лектирите се уредени со помош на специјален фонт и според светски утврдени технички стандарди, заради што се одобрени и препорачани и од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и од Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје.
– Како што е веќе познато учениците со дислексија се соочуваат со проблеми при читањето и токму издавањето на овие 40 лектирни изданија подготвени според светските стандарди за „dyslexia friendly“ книги ни дава огромна надеж дека во нашата држава започнуваат процеси за креирање на инклузивни образовни услови за учесниците со дислексија. Би сакал да напомнам дека и претходните лектирни изданија на „Арс Ламина“ беа најблиску до оние пропишани стандарди за книги наменети за овие ученици, пред сѐ поради обемниот број илустрации, големиот фонт и бојата на хартијата на којашто беа печатени – рече Дамјан Николовски, претседател на здружението за дислексија „Ајштајн“.
Во тимот на овој проект учествуваа и голем број стручни лица – преведувачи, лектори, илустратори, дизајнери, универзитетски професори, наставници од праксата и други консултанти.
– Важно е да се спомене дека преводите се правени со многу искусни и квалитетни преведувачи, со цел да се создаде квалитетно и разбирливо четиво. Старите преводи се преуредени и подобрени, јазикот во сите изданија е темелно лекториран и јазично коригиран, следејќи ги најновите правописни препораки. Исто така, исправени се и некои грешки во преводите што се провлекувале со години, па и со децении – дополнува Бугариска.
Изданијата вклучуваат и речници на помалку познати зборови, со цел учениците не само да го разберат во целост делото, туку и да го прошируваат својот вокабулар. Лектирите вклучуваат и активности за работа на часот, што ќе бидат од помош не само за наставниците, туку и за самите ученици при подготовка за обработка на лектирата. Во некои лектири се вклучени и поговори, особено за лектирни изданија што се нови на листата од Министерството и првпат ќе се обработуваат во наставата кај нас.
Проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ од Институт за педагогија при Филозофскиот факултет ја нагласи важноста од читањето лектири:
– Навиката за читањето започнува во семејството. Но, не потекнуваат сите деца од семејства каде што се негува читањето. Затоа, наставниците имаат клучна улога во развојот на навиките за читање. Дали децата ќе бидат љубители на книги или не, зависи од многу фактори. Ако ја отвориме таа врата на вистински начин, тогаш на детето му отвораме волшебен свет на знаења и фантазија. Олеснителна околност на наставниците е што се појавија издавачки куќи, како што е „Арс Ламина“, која ги следи современите текови, соработува со наставниците, прифаќа сугестии и е во постојан контакт со читателот. Денешните деца не читаат зашто научиле дека читањето е здодевно, неинтересно, напорно и некорисно. Исто како што научиле да имаат отпор кон читањето, така можат да научат и да го засакаат. Читањето лектири има повеќе придобивки: оспособување за умесно и писмено изразување на своите мисли, развивање на имагинацијата, да „читаат“ меѓу редови. Читањето ги учи на концентрација, дознаваат нови нешта, стекнуваат примери преку ликовите во книгите, развиваат љубопитност, емпатија и способност за разбирање на другите, за прифаќање на различностите и градат критичко мисење. Исто така, учат да се разберат себеси, да се мотивираат и да се инспирираат. Би завршила со мислата на Џозеф Бродски: „Постојат полоши злосторства од палењето книги. Едно од нив е да не ги читате“ – рече Делчева-Диздаревиќ.
Едицијата на лектирни изданија на „Арс Ламина“ ќе продолжи да се проширува со нови наслови од листата на Министерството, како и со дополнителна препорачана литература изработена во истиот стил.