Прослава на животот на Горан Стефановски во Дебармаало, во сабота, 27 април
Во сабота, 27 април 2019, со почеток во 12.00 часот, во Дебармаало, во малото паркче спроти Наџак/Идадија ќе се одржи мала церемонија со садење на дрво во чест на Горан Стефановски, проекција на негови фотографии, интервјуа, предавања, слушање на неговата најомилена музика, и 'отворен микрофон’ (open mic) на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан
Дебармаало има култно, скоро митско место во современата македонска култура.
Голем удел во креирањето на тоа имаше покојниот писател, професор и вљубеник во маалото — Горан Стефановски.
Во состав на малата церемонија предвидена за во сабота, 27 април 2019, во 12.00 часот, со садење на дрво во чест на Горан во Дебармаало по иницијатива на МАНУ, што го претставува и неговото духовно враќање дома во Македонија, семејството Стефановски и Општина Центар, покануваат на прослава на животот на Горан во малото паркче спроти Наџак/Идадија, на онаа раскрсница што за него и други претставува не само срце на Дебармаало, туку и поим за едно минато време во нашиот град — време на цврсти столбови на вредности, почит и добрососедски односи.
Стефановски си го разјасни својот став кон губењето на душата на Дебармаало, како и кон рушењето на општествените вредности во нашата земја, во својата драма Демонот од Дебармаало, каде се разбира единствениот простор и време се маалото и Идадија. ,,Без маало нема држава!’’.
Прославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот. Јавноста го знае како познатиот драмски писател, есеист и мудрец, кој низ град одеше пеш со насмеано лице, но ова ќе биде можност неговата фамилија и блиски пријатели да ја претстават неговата друга страна, како татко, сопруг, дедо и фанатик на Битлси, преку проекција на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видео интервјуа, говори, и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови (во соработка со Драмскиот театар и ФДУ), слушање на неговата најомилена музика, и 'отворен микрофон’ (open mic) на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан.