Протојереј Зоран Стаменковиќ: Пред Бога, покрај тоа што ќе одговараме за себе, ќе одговараме и за тоа како ги воспитувавме нашите деца

Добивај вести на Viber

Светот се уште е во шок по грозоморните убиства кои се случија во соседството, а во кои загинаа речиси 20 млади лица кои штотуку почнаа да ги вкусуваат убавините на животот. Се уште постои страв тоа да не се повтори, но и очајно се трага по одговорите - што да се превземе никогаш повеќе да не се случи една ваква трагедија. И додека психолозите и психијатрите мака мачат како да дојдат до соодветни одговори бидејќи темата е комплексна, црквата нема проблем да разговара околу овие прашања. Иако мислењата се поделени, едно е сигурно, на децата им е потребна љубов, а не материјални блага. Токму на оваа тема разговаравме со Протојереј Зоран Стаменковиќ, свештеник кој долги години речиси безгрешно ги води своите духовни чеда. Свештеник, а пред се човек кои со своите совети извел на прав пат многу души, спасил многу бракови... а денес е еден од најпочитуваните духовни татковци.

*Сведоци сме на едно време во кое се случија две големи трагедии кои се незапаметени во поновата историја. Едни вината ја бараат во родителите, други во времето во кое живееме, премногу достапни иформации, игри, филмови, интернет платформи со секаква содржина... Кое е вашето мислење, зашто денешната младина е тука каде што е?

-Јас можам да зборувам според нашата православна вера. Кога Господ Исус Христос бил на земјата, тој кажал „Пуштете ги децата да дојдат при мене затоа што нивно е царството небесно“. Ние православните христијани кога ќе крстиме дете, по крштевањето, многу малку вложуваме да го учиме во православието и неговата суштина. Ние се грижиме тоа да биде облечено, модерно, да биде навремено нахрането... Но, општо во човечката природа е, ако се ни е удоволено во ништо да не г-ледаме радост.

*Што е она што недостасува во денешното воспитување?

- Децата сакаат да гледаат љубов и хармонија во семејството, било во прашање да се родителите, бабите и дедовците, а ние денес премногу се грижиме. Грижите не се од Бог. Премногу се вознемируваме а тоа делува и на детето. Но, додека тоа расте треба многу да сме внимателни. Покрај тоа што тоа треба да се учи во духот на православната вера, треба да знае да разликува што е добро, што е лошо. Детето треба да знае за последиците од погрешното однесување, а тоа денес не е случај. Пред се треба да се почитуваат родителите, тоа е 5-тата Божја заповед.

Во денешно време малите деца имаат премногу дозвола, тие одлучуваат наместо родителите, а со тоа ги разгалуваме и ги правиме речиси нестабилни личности, кои потоа често плачат и се нервираат. Тие треба да бидат послушни, затоа што преку послушанието доаѓа и благословот од родителите. Но и родителите треба да имаат многу трпение и љубов.

*Ако ги споредиме нашите родители и генерациите наназад со денешните родители, разликата е евидентна, но и последиците кои се рефлектираат преку младината исто така. Каде грешат денешните родители во воспитувањето?

- Одговорите, поточно она што најмногу грешат родителите, она што Христос не учи а го има и во Светото Писмо - Библијата, е тоа што премногу им придаваме значење на децата и се обидуваме се да им дадеме. Родителите мислат дека многу го сакаат детето ако се му дозволуваат. Тоа е погрешно. Мора многу да се внимава. Пред Бога, покрај тоа што ќе одговараме за себе, ќе одговараме и за тоа како сме ги воспитувале децата.

*Имате големо искуство како духовен Отец. Сведоци сте на секакви животни приказни. Според вас, што е она што им недостасува на децата за да бидат среќни, што им е потребно од родителите?

- Доколку децата се учени во православната вера, тие ќе бидат свесни за она што го бараат. Прв фактор во воспитувањето на детето е мајката.  Како што тоа расте, ако се воспитува правилно, ќе биде мудро и ќе биде добра личност. Децата, како што веќе споменав бараат многу работи, но родителите иако се матерјално во можност се да им удоволат, не треба да им ги исполнуваат желбите. Друго, не треба да се расправаме и караме пред децата. Да кажуваме погрдни зборови. Потоа излишно е што им зборуваме убаво, тие учат од она што го гледаат од нас.

*Дали навистина технологијата е виновна, што денешните генерации се затворени, агресинвни, незаинтересирани...?

- Технологијата е во ред. Дај Боже таа да е за добро на нас луѓето. Се она што се нуди на интернет, сите тие понуди кои се среќаваат, нема да имаат никакво влијание ако детето има основа. Но малото дете нема основа. Најчесто се даваат мобилни и таблети на мали деца за да се мирни, на мама и тато да им е добро, а тоа пак гледа се и сешто и ретко кој го контролира. И наместо тоа да се истрча, да си игра со другари... со самото тоа да биде и здраво, денес технологијата се злоупотребува на погрешен начин. Да не бидам погрешно сфатен, на интернет има прекрасни работи, има библиски филмови, прекрасни билиски цртани за малите деца, духовни поуки, сведоштва... Значи технологијата не е лоша доколку исправно се користи.

*Како родителите да се справат со агресивните деца? Денес тантрумите од најмала возраст, па се до арогантното однесување во тинејџерските години се оправдува со зборовите „деца се“, а сите знаеме дека тоа не е нормално однесување, кое е вашето мислење?

- Мора да постои дисциплина. Во која смисла, на пример ако детето не е послушно, не треба да се попушта што е денес случај. Потребно е детето да се казни, но како? На пример, одредено време да нема да му се дава мобилен, нема да го гледа омилениот цртан, да му се купи тоа што го сака... Ние мора да сме упорни во дисциплината, за нивно добро. Кога тоа ќе се научи дека нема да попуштат ни тато ни мама, ни баба ни дедо... тогаш се ќе биде поинаку. Исто така мора во семејството, поточно мажот и жената да бидат сложни во одлуките, не еден да зборува едно, друг друго. Тогаш децата најмногу стануваат непослушни и неодговорни.

*Додека децата се мали имаме некаква контрола врз нив, но што е со повозрасните кои се реалтивно опуштени во однесувањето, влегуваат во пубертет а родителите немаат никаква контрола над нив, ниту пак сакаат да комуницираат, постојано се расправаат?

- Без оглед дали детето има 2 или 20 години. Ние секаде се среќаваме со различни луѓе, во училиште, на работа... Секаде има луѓе со различно однесување, но за се има начин. Секогаш е погодно време да се корегира нешто што се пропуштило. Ако тоа дете се однесува лошо, нема да му се даде џепарлак, на пример. Без оглед каква и реакција да има, родителот не смее да попушти. Полека детето ќе почне да го почитува родителот од кој зависи. Мора да постои дисциплина.

*Денешните родителите наместо да ги дисциплинираат децата практикуваат да ги носат по гатачи, бајачи, психолози, психијатри... Какво е вашето мислење на оваа тема?

- Тоа е погрешно. Како што кажав на почетокот, ако детето е воведено во православната вера тоа и да скршне од патот повторно ќе се врати. Тука е црквата, свештеникот. После седум години детето треба да доаѓа на разговор кај духовнииот отец, да разговара што е исправно а што не. За се има решение. Секој греши, но ако децата се причестуваат, доаѓаат на служби, на литургии, учат за верата, за Бога, тогаш ќе бидат многу посилни и ќе внимаваат помалку да грешат.

*Многу млади откако западнале во канџите на пороците, се спасиле благодарение на Бога. Денес се среќни, имаат семејства и нормален живот, тие се вистински пример кој треба да се следи.

- Тоа е вистина. А тие деца скршнале од патот затоа што се им било достапно, тие деца немале послушание, одговорност, почит... Какви права смее да има дете кое зависи од татко и мајка? Тоа е најголемата грешка, тоа треба да престане. 

*Каков совет би им дале на родителите чии деца денес се на погрешниот пат?

- Прво потребно е трпение и разговор. Да се укаже на грешките, по правдина, по Бога. Да се покаже дека животот е навистина убав. Бог ни го дал животот за да го чуваме, а доколку го уништуваме со дрога, алкохол, неморал... ние грешиме пред Бога. Човекот не е создаден само да живее на земјата туку и за вечен живот. Постојат многу работи во христијанството кои помагаат - пост, молитва, причест...

Потребно е и да се работи. Многумина можеби би се насмеале, но порано работеле и земјоделие и сточарство, биле среќни бидејќи биле физички активни и немале време за да посегнат по лоши работи. Денес се е поинаку. Енергијата не се троши за убави работи туку за погрешни.

Јас како правиславен свештеник можам да кажам, понудите кои доаѓаат од западот кој одамна е во раце на оние кои се против Бога, со разни понуди во име на - демократија, човекови права, право на жената, право на детето... Семејството осмислено се разнебитува, а штом го нема смејството тогаш и човштвото пропаѓа, а тоа е целта. Сами сме сведоци дека се што се нуди од западот е против Бога. Ете, и човекот нема вредност, ќе земе пиштол ќе убие невин човек како тоа да е нешто нормално, но тоа е чист сатанизам. Затоа децата наши треба да се свртат кон православната вера. Нашиот народ живеел во тешки времиња со векови, но со вера се сочувале. Затоа и ние денес, по примерот на нашите предци, треба да го сочуваме она што го имаме.


Елеонора А.