Прва трансплантација на срце во земјава: На операцијата работеше тим кардиохирурзи од повеќе клиники
Професор д-р Александар Николиќ кардиохирург од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и шефот на Одделот за анестезија д-р Димче Славески, специјалист по анестезиологија со реаниматологија од „Аџибадем Систина“ беа дел од тимот доктори кардиохирурзи и анестезиолози кои ја направија првата трансплантација на срце во земјава, која беше изведена вчера вечер на Клиниката за кардиохирургија во државниот Клинички центар.
Проф-д-р Николиќ кој има 30 годишно искуство во оваа област, впрочем е и единствениот доктор кој работи во здравствена установа во земјата, а има зад себе искуство од вакви интервенции. Самиот бил дел од три тимови за трансплантации на срце.
На Првата трансплантација на срце во земјава работеше мешан тим кардиохирурзи, врвни експерти од повеќе здравствени установи меѓу кои и проф. д-р Сашко Јовев од државната кардиохирургија и д-р Жан Митрев од „Жан Митрев Клиник“. Станува збор за тешка и ризична интервенција каква досега не беше направена во Македонија, поради што ова е голем исчекор за македонското здравство.
Министерството за здравство објави дека во тек се подготовките на тимовите. Донор на срцето е почината пациентка чие семејство се согласило срцето да го добие друг пациент кој веќе долго време чека донор.
Женски магазин, токму вчера пишуваше за Здружението на пациенти со механичка циркулаторна потпора на работата на срцето и нивните поддржувачи „Храбро срце“ кои бараат Фондот за здравство да дозволи итна трансплантација. Срцето на 32-годишниот Христијан Неделковски кому пред 8 години му е вградено вештачко срце е во ургентна состојба и му откажува, најитно да се преземе одговорноста, не смееме да губиме повеќе ниту еден член, алармираат од здружението. Двајца со ваква дијагноза веќе починаа. Да не дозволиме на Христијан да му се случи истото.