РАДИО ЛЕГЕНДАТА ДРАГАН Б. КОСТИЌ ПОДГОТВУВА ТВ ШОУ: До сега требаше да сум благородник со државна пензија

Добивај вести на Viber

Емисија како „Диско селектор“ која со своите рамно четириесет години е без сомнение европски рекордер по долговечноста, никој никаде не го зема како релевантен фактор во радиодифузната професија. Со таков стаж, ефект врз средина со него, веројатно ќе се здобиев со благороднички титулар, ќе станев СЕР и ќе имав државна пензија. Вака, и најголемите имиња на деловниот свет во Македонија ќе објаснуваат како растеле со „Диско селектор“, со мене, се радувале на старите песни во „Заборави ако можеш“, ќе те тапкаат по рамо.

Македонските телевизии се политизирани. Со еден куп политички „стручњаци“, „аналитичари“, „зналци“, и „сезналци“, кои шетаат од емисија до емисија, го плашат народот со своето „знаење“ и определби

Легендарниот радио-новинар и диџеј Драган Б. Костиќ, кој ја тера третата сезона на радио-емисијата „Кавервил“, се подготвува за нов предизвик, Тв шоу. Ќе се вика едноставно „Б со точка“, а ќе започне да се емитува наскоро, на една од домашните телевизии со национална концесија. Откако израсна многу генерации со 40 годишниот стаж со емисијата „Диско селектор“, откако изработи точно 4.661 емисија на „Заборави ако можеш“, од 25 мај во 1991 до предвременото пензионирање на 10 јуни во 2014 година, ентузијазмот на шармантниот Б со точка оди напред. Познат како жива енциклопедија за музика, по двете издадени книги „1980“ и „1981“, Драган има воља за цела серија книги, за музички приказни до крајот на осумдесетите. Костиќ е искусен и како новинар и издавач на списанија, „Поп албум“, „Диско селектор“, „Шоу“, и „Хит“, со околу издадени стотина броеви.

Женски магазин- За какво Тв шоу станува збор и кога и каде ќе почне да се емитува?

Драган- Македонските телевизии се политизирани. Со еден куп политички „стручњаци“,“аналитичари“, „зналци“, и „сезналци“, кои шетаат од емисија до емисија, го плашат народот со своето „знаење“ и определби, за ова и за она. Водителите на таквите емисии се наведуваат како „врвни новинари“, а оние од естрадниот дел се сметаат за приспособени носачи на бурек кои скокнуваат на местото на привремено отсутни, кои за беља подоцна се замислуваат дека се алфа и омега. И можеби се во право, кога нема други букви. Јас не сум шоумен. Не пеам, не свирам, не глумам, не играм. Тотално неталентиран.

Ама умеам да зборувам, и да мислам кога тоа го правам. И да склопувам коцкички кои животот ги поставува на патеката по која се движат разноразни луѓе, низ ситуации кои ако се обојат со соодветна боја стануваат интересни за голем број луѓе. Искуството низ децениската активност, ми наталожило позитивен товар, познанства, пријателства, дружби со сите категории на естрадни, деловни и општествено активни луѓе, интересни кога ќе им се постават интересни прашања. За кои тие знаат дека оној кој прашува и го знае одговорот, но прашува во името на оние кои гледаат.

Емисија низ која ќе минуваат интересни ликови кои имаат што да кажат за сопственото време, без оглед колку е далеку, да зборуваат за сопствените музички или било какви поинакви афинитети, за случки за кои не зборувале. Емисијата, како и сите мои радиски проекти ќе се менува, ќе се моделира, ќе се дополнува во од, се до некаков најпогоден нејзин профил кој ќе се обидувам да го одржувам што подолго, во зависност од интересот на публиката. Но не очекувајте разноразни недостоинствени глупирања со цел на гледаност. Очекувајте, достоинствен пристап, сериозен однос кон луѓето, нивните стории, зачнатите теми, забавно интонирани таму каде тоа е можно, умерено, без изнасилено претерување. Значи, ништо спектакуларно, но интересно за оние кои очекуваат некакво ниво, рамниште создавано врз вербата на генерациите, градена низ безмалку полувековното мое естрадно присуство.

Низ емисијата „Б со точка“ ќе минуваат интересни ликови кои имаат што да кажат за сопственото време, без оглед колку е далеку.- Драган Б. Костиќ

Емисијата ќе се вика, „Б со точка“. Очекувавте поинаку?

Почетокот е многу скоро, на една од телевизиите со национална концесија, ќе се емитува верувам во најдобар можен гледлив едночасовен термин, во реализација на „Пикадо продукција“, со Александар Митевски како програмски и Светислав Стефановиќ како извршен продуцент, со многу искусна телевизиска екипа, во интересен ентериер на малата сцена на Македонскиот народен театар.

Женски магазин- Како долгогодишен радио-новинар, како се снајдовте пред Тв камерите?

Драган- Во осумдесетите години, јас го водев Неделното попладне на РТС, во кое покрај мене се менуваа еден куп ководителки. Водев ТВ серијал кој се викаше „Тркалото квинтно“, неколку години секој втори јануари водев новогодишен некаков диско, рок маратон, бев дел од „Ква-ква топ“ емисијата, па бев првиот водител на Ноќната програма на РТС која се емитуваше во живо., и кој се би запомнил уште што?

Во изминативе години сум гостувал во којзнае колку тв емисии, така што, не требаше никакво приспособување. Не умеам да глумам и нема потреба да глумам водител, затоа што низ работа сум се создал таков. Не се приспособувам на емисијата, туку ја прилагодувам на себе си. Затоа што таа треба да биде мој лик, а не јас нејзин. Сепак, искрено, не сум навикнат да се гледам, и за да се слушам ми требаше многу време, па навикнав. Како и илјадници други. Знам дека телевизијата е слика, лик кој говори (за разлика од радиото кое е глас кој се слуша), не можам да контролирам некакви фацијални гримаси, кои ми се вообичаени во секојдневниот говор, (тешко ми оди и со скротување и на гестикулации), можеби тоа некој ќе ми го најде како мана, но такви би требале да бидат и многу други слични атрибути кај веќе „етаблираните“ Тв водители.

Што да правам? Знам дека пар убави женски нозе можат да сторат повеќе од умовите на Тесла и Ајнштајн, заедно. Ќе се обидам, па што биде…

Замислете, Министерството за култура наместо оние по деветилјадиевра за стерилни проекти на поединци во категории „звезди“,“супер звезди“,“заслужни интерпретатори“, да им ги даде на одбрани десет локални радио станици

Женски магазин- Која сезона ја „тера“ Кавервил и колку си задоволен од сработеното?

Драган- Кавервил наскоро ја привршува својата трета сезона. Успешна како и претходните, и проект кој е златно вреден, повеќе вреден како културен продукт одошто само естраден, радиски. Тој можеби не е армија, но е специјална единица во борбата за поверодостојно, поквалитетно, поедукативно информирање на помладите генерации, за вредностите кои преку истрајноста и долговечноста не познаваат генерациски категории, и генерално би требало хиерархиски да биде под команда на најсоодветните повисоки државни институции, како на пример Министерството за култура. Кога сме веќе нели кај борбата против влијанијата на турбо- фолкот врз креирањето на вкусовите кај помладите генерации. „Кавервил“ за неполни три години има веќе седум стотини емисии, и неверојатна резерва емитувани стории: преку СЕДУМ илјади, што е фантастично и можеби и во светски рамки незабележано. А, она на што особено сум горд е успешната реализација на идејата, секое локално радио да ја има на својата програма и ја емитува според своите потреби во термини кои сметаат дека се најпогодни. Добивам неброени потврди за вредноста на емисијата од сите краишта на Македонија, што ме прави среќен заради вербата во тоа дека квалитетот, кога и да е, победува. Замислете, Министерството за култура (или агенцијата за електронски комуникации), наместо оние по девет илјади евра за стерилни проекти на поединци во категории „звезди“,„супер звезди“, „заслужни интерпретатори“, да им ги даде на одбрани десет локални радио станици (кои сега со тешки маки преживуваат) како услов за креирање сопствена, квалитетна програма, која би го имала истиот императив како „Кавервил“, ЕДУКАЦИЈА, ИНФОРМАЦИЈА, ЗАБАВА, колку стимулативно би делувале врз културните двигатели во локалните средини!

Можеби не во првата година, но веќе втората би дала и тоа како видливи (слушливи) резултати. Како заложба на Кавервил да ги спотне одговорните, да повикаат луѓе со идеи, да ги слушнат, но и полезните да ги реализираат. Јас кажав. На други е да одговорат.

Женски магазин- Дали ве фаќа носталгија за времето на „Заборави ако можеш“ и „Диско селектор?“

Драган- Е како не! Но, ова е Македонија, и толку, се е кажано. Емисија како „Диско селектор“ која со своите рамно четириесет години е без сомнение европски рекордер по долговечноста, никој никаде не го зема како релевантен фактор во радиодифузната професија. Со таков стаж, ефект врз средина со него, веројатно ќе се здобиев со благороднички титулар, ќе станев СЕР и ќе имав државна пензија. Вака, и најголемите имиња на деловниот свет во Македонија ќе објаснуваат како растеле со „Диско селектор“, со мене, се радувале на старите песни во „Заборави ако можеш“, ќе те тапкаат по рамо.

Ама, никој, буквално - никој, од нив не ме повикал да каже, „срамота е емисиите да ги нема“, да се понудат за деловна соработка.

А кога ќе ме сретнат, повторно ќе ми раскажуваат како растеле со „Диско селектор“. Јас да одам и да барам средства, да молам, и тропам по разноразни врати, немам веќе нерви, а и срамота е. Така не функционира светот кон кој се стремиме. Брендот тешко се создава, и не се дозволува лесно да се загуби. Ама ние не сме свет. Или сме, ама јас ја имам погрешната адреса.

Женски магазин- Дали сте сè уште ангажиран како диџеј на ретро-забави?

Драган- Работам, како не. Тоа е мојот филтер. Но веќе селективно, не на секој повик, и секој простор. Зависи дали повикот крие предизвик, воопшто не е големината на просторот таа која го одредува одговорот. Се зависи од моето расположение и можноста да сретнам луѓе кои знаат зошто дошле и што можат да очекуваат.

Женски магазин- Подготвувате ли нова книга?

Драган- Работев паралелно на повеќе проекти. Наивно верував дека за време на животот ќе успеам да го остварам сонот да оставам едиција под заглавие „Заборави ако можеш“ од десет книги со сториите за најголемите хитови, година по година од 1980-тата до 1989. Каква верувајте, нема во светот. Ама одењето по врати, тропањето по нив и чекањето на некои довчерашни „шушљари“ денешни политички и деловни моќници, ми одземаше повеќе време, одошто да ја напишам книгата. Работам на годината 1982, полека ја привршувам биографијата која ќе биде една интересна педесет годишна приказна низ естрадните лавиринти. По завршувањето на третата сезона на „Кавервил“, ќе се обидам сториите да ги сместам во книга или две. Значи, ме чека многу работа. Да не губам време.

За Женски магазин, Милица Џаровска