Нивните рамки со дрвени фигури- симбол за топол дом: Приказната на Моника и Славчо од Скопје, инспирирана од ќерката Ира, носи љубов низ цел свет
Моника и Славчо од Скопје, пред сѐ родители на нивната мала ќерка Ира се горди сопственици на „Монкдолс“ - хоби кое прераснало во мал бизнис
Додека „Монкдолс“ им било само хоби, Моника како инженер работела во градежна фирма, додека Славчо кој е економист имал приватен бизнис за градежни работи. Но нештата се промениле, и иако почетоците биле тешки, за нив тоа претставувало големо задоволство. Па така сега „Монкдолс“ постои веќе три и пол години, а тие со нивните уникатни иразботки се дел од толку многу домови ширум светот, и како што и самите велат во ова интервју „бескрајно сме благодарни за тоа што со нас луѓето ги делат своите приказни, а ние ги претвараме во нешто безвременско и вечно“.
ЖМ: Како се роди идејата за „Монкдолс?
- Додека бев бремена со Ира, инспирани од чувствата кои за нас тогаш беа нови и чудесни, создадовме рамка со фигури од нашето мало семејство. Поттикнати од енергијата која ни ја даваше таа мала куќичка која го симболизираше нашиот топол дом, направивме слични и за нашите блиски. Логото е токму тоа - симбол за топол дом, нешто што за нас има најголема вредност на светот.
ЖМ: Како се одвива процесот на една рачна изработка? Колку време ви одзема, кој е најтешкиот, а кој најубавиот дел?
- Најмногу време одзема да се смисли целиот концепт на изработката. Тоа е и најтешкиот дел. Откако ќе се осмисли, следи делот на реализација, изработката на рамката и на елементите во неа. Целиот процес за нас е уживање, иако има моменти кои од нас бараат многу енергија и време. Откако ќе се изработи финално и ќе го видиме задоволството на нашите клиенти, тоа е нешто прекрасно.
ЖМ: Како започнавте со вашата бизнис приказна на Инстаграм, кога ве препознаа, колку беа тешки почетоците?
- Откако видовме какви импресии имаа нашите блиски од изработките, одлучивме да направиме Инстаграм профил на кој ќе ја објавуваме секоја следна изработка. Целта ни беше повторно да ги вратиме вистинските вредности, кои денес се доста занемарени. На наше огромно задоволство, пораката брзо допре до многу луѓе, многу брзо ги засакаа овие изработки, луѓето приоѓаа со нивни приказни и секоја од нив ја претворавме во рамка. Сите нивни приказни, за нас беа инспирација и мотив за нови идеи на изработки. Почетоците не беа лесни, но ни носеа огромно задоволство.
ЖМ: Колку се ценети малите бизниси во нашата земја? Дали сте задоволни?
- Позади изработката на една рамка има огромен труд. Ние постојано учиме, се едуцираме, се надоградуваме и инвестираме во нови материјали. Луѓето тоа го препознаваат и добро го вреднуваат. Презадоволни сме што луѓето се враќаат повторно и повторно, за со нас да врамат нови приказни.
ЖМ: Најомилена изработка / изработка која стигнала најдалеку/ изработка за која сте добиле најубав коментар/ изработка со најмногу куклички/ најпродавана изработка?
- Секоја изработка е дел од нас, така што во моментов не можеме да одвоиме омилена. Наши рамки има во Кина и во Австралија. Луѓето често ни даваат позитивни коментари во порака, преблагодарни сме за секоја од нив. Најголемата изработка ни е за здравствена установа од Битола, рамка со должина од 100см и со 113 фигури. Најпродавана изработка дефинитивно е рамка куќичка со оџак.
ЖМ: Родители сте и на тригодишно девојче. Колку е предизвикувачки по дома да се работи со едно сигурно за своја возраст љубопитно дете?
- Најголем предизвик за баланс помеѓу работата и приватниот живот, ни беше во периодот во Корона, кога поради условите немавме никаква помош. Откако Ира почна да оди во градинка, се организираме така што работиме додека таа не е дома, потоа сме посветени на семејството. Во ситуации кога мора да се изработи некоја рамка, ја вклучуваме во изработката и даваме фигури, рамка и суви цвеќенца за да изработи своја рамка. Љубопитна е, постојано прашува и сака да не гледа како цртаме и работиме, па потоа таа пробува да го направи истото. Многу ужива во изработката, па тоа често го одбира како игра.
ЖМ: Од каде црпите инспирација и мотивација?
- Инспирација ни е нашето мало семејство, а мотивација ни е секоја нова приказна на нашите клиенти која ја пренесуваме на парче дрво.
ЖМ: Мото кое ве води низ животот.
- Секогаш живеј во контакт со своите желби. Само така твојот свет ќе биде обоен во многу бои.
Фото: Приватна архива и Никола Христовски photography