Рика багерот, голта уште една стара куќа: Моето Дебармаало го нема

Не сум изворна дебармаалка. Порасната сум со штурците , мачките и кучињата во огромните тревници на некогаш новата модерна населба Карпош 4. Паметам дека дури и во доцните 80-ти кога бев гимназијалка, а Скопје сосема урбанизирано, во маалото кое се протегаше од Соборниот храм до Карпош 1, времето како да беше застанато. 
Го открив случајно враќајќи се пешки од гимназијата Јосип Броз Тито по Партизанска накај дома. Релативно прав пат, на кој од некои за мене неразбирливи причини му дадов нова траекторија. Веднаш по архитектонскиот факултет, кај Апче, нешто силно ме влечеше да свртам десно. Ме привлекуваа мирисите, звуците, студениот воздух и застојаното време по тогашните дебармаалски сокачиња. 

Го успорував одот, лутав по уличињата, љубопитно ѕиркав во дворовите во кои цветаа зумбули, јорговани и трендафили, шарени мачки мрзливо се тегнеа по дворовите а имаше пумпи од кои луѓето црпеа вода. Во некои дворови имаше и кокошки. 
И да мирисот – оној како од страта куќа на баба ми…нешто меѓу свежо полиена вода на скалите, чубрика, свежо пржени кравајчиња и сапун од јоргован. Не се сеќавам на луѓето. Нив како да ги немаше и ако ги имало – не паметам дека по нешто биле поинакви од другите скопјани. Го паметам само мирот и спокојството во таа прекрасна мала оаза.
Кога со сопругот тргнавме да бараме нов дом во 2002 година го обијдовме цело Скопје – од Градски ѕид до Порта Влае. Становите што ги видовме беа или ужасно испроектирани или среде бучна раскрсница или од некоја причина не ми личеа на дом.
Веќе бевме при кај на волја и нерви кога момчето од агенцијата за недвижнини ни рече- имам стан баш ко за вас! Кога влеговме во тесната дебармаалска улица со миризлива смоква од левата страна и јапонска јаболкница од десната – ми се вратија сликите, мирисите... некогаш одамна сум поминала тука. Таа улица по некакво чудо му избегнала на сатарот на забрефтаната урбанизацијата и 90 отсто од градбите беа – куќи. Кога влеговме во станот ме обзеде прекрасниот поглед кој на запад пукаше од Матка до Љуботен, а на исток се гледаше Калето. Додека маж ми премеруваше со метрото скептично нишајќи со главата, мојот поглед беше прикован за огромните француски прозорци во дневната соба зад кои пловеа облаците. Станот не одговара- се огласи архитектот. Нема каде да поставиме две детски креветчиња а спалната е претесна – го слушнв како дофрлува од ходникот. Го сакам овој стан – мрмореше гласчето во мене. 
И го зедовме. Првата проспиена ноќ ја паметам по беспрекорната тишина и мир. Уште тогаш си најдов една точка во домот која и сега е моето омилено место и ги гледав облаците. Од таа точка сега гледам- ѕид и алуминиумски покрив кој рефлектира ужасно иритантна бела светлина па веднаш штом ќе станам – ги спуштам ролетните. Одземен ми е погледот. Од обете страни. А тоа ме прави несреќна.

Кога сфатив дека од задната страна веќе не го гледаме Калето, малку тагував но се навикнав. Но ова сега е - како некој да ми ставил прст во око. Го нема небото, ја нема Шара, ги нема тополите од Карпош 1. Треба да се навикнам да гледам во ѕид. 
Улицата и покрај тврдокорноста на староседелците низ годините го смени својот лик. Преку ноќ ги снема кокошките од куќата на аголот, а ја снема и ласицата што ги демнеше од старото дрво. Последен пат ја видов пред 2-3 години збунета на тротоарот пред кафеаната „Кино Карпош“. Деновите ѝ беа одбројани. Ги нема светулките што ветрот некогаш знаеше да ги донесе на околните покриви, ниту пријатното ветре што пиркаше од запад. 
Дел од старите куќи се уште се тука но нивните сопственици и покрај волјата да ги сочуваат своите домови, се принудени да живеат во супстандардни услови во сенка на огромните зградурини и нивните новокомпонирани жители. Тротоарите се начичкани со автомобили пракирани на најбезобразен можен начин. 
Моето Дебармаало го нема. Со тага ги гледам столетните елки на задната улица и неколкуте преостанати куќариња во кои се уште живее една круша и зеленика и од чии дворчиња грејат невен и џунџулиња. Го вдишувам нивниот мирис со страв дека утре ќе ги нема. 
На една споредна уличка рика багерот кој голта уште една стара куќа .На нејзино место во облак прашина и нервозна чкрипа на автомобилски гуми идат некои нови жители на кои им е важно да се„ у строг центар“ и „у елтина населба“. 

Сѐ што се прави се прави во нивно име и по нивен вкус – хаотично, неписмено, неестетски, неплански. Ним не им треба зеленило, му се нагледале во селата и приградските населби. Цупкаат со штиклите не вртејќи се ни лево ни десно. Не се наведнуваат да ја погалат маалската мачка и се плашаат од маалскиот пес. Но тука се. У центар. Далеку од убавината, откорнати и пресадени во тесна саксија. Неќат тишина, туку дешавка бука и хаос. Ја добиваат. За сметка на нешто што можеше да биде и автентично и урбано и функционално и модерно. Нешто со душа и мирис и шарм што со гордост ќе им го покажувавме на гостите. 

Наздравје убиство на една од најубавите скопски населби!

Фејсбук статус на Мимоза Петревска