Роберт Спасенцовски – Џокер: за музичката кариера и бракот со Антониа Гиговска
Од кога знае за себе, постојано е опркужен со музика. Најголем виновник за тоа е неговиот татко, фолк пејачот Бобан, кој му е најголема поддршка и поттик за сѐ што е денес. Роберт Спасенцовски, алијас Џокер, дипломиран музичар, најавува нов проект, зад кој стои како комплетен автор.
Изминатиов период го скрена вниманието на јавноста, кога стапи во брак со младата пејачка ѕвезда Антониа Гиговска и го добија синот Киан.
ЖМ: По објавата на „Сам“ следува нов сингл, кој јавноста ќе го слушне на крајот од месецот. Остануваш доследен на твојот стил или ќе понудиш нешто ново, како резултат на желбата за експериментирање со музиката?
- Да, работам на нешто сосема различно, што можеби и никој нема да го очекува од мене. Овој пат сум во целост позади овој музички проект, како од текст, така и до музика и аранжман. Се надевам дека овој експеримент ќе им се допадне барем на поголемиот дел од слушателите, пошироката јавност.
ЖМ: Повторно маската на Џокер ќе биде твој дел од имиџот, или во новиот спот ќе го видиме Роберт во природно издание?
- Џокер е моето уметничко, како што напоменав, еден вид експеримент, за можеби некој нов момент или појава на нашата сцена. Сега за сега продолжувам под истиот прекар.
ЖМ:Ти се еден од ретките школувани изведувачи од помладата генерација, свириш на хармоника и синтисајзер. На која возраст музичките гени „проработеа“ кај тебе и реши да тргнеш по патот на твојот татко Бобан, познат фолк изведувач?
- Музиката е мојата прва љубов. Од кога знам за себе, постојано сум опркужен со музика, слушам, вежбам, интерпретирам, творам. И денес учам, што е едно од најбитните работи за успех и било каков прогрес, не само во музиката, општо за сѐ и на секое поле. Најмногу сум му благодарен на мојот татко. Тој е виновникот што ми је пренесе таа љубов кон музиката, воедно и моја најголема поддршка и поттик за сѐ ова што сум денес.
ЖМ: Улогите се сменија, сега си ти татко на син, кој со текот на годините ќе се соочува со добрата, но и онаа понапорна страна на музичката професија, која опфаќа ноќни свирки, настапи, турнеи. Како се снаоѓаш во новата улога?
- Мислам дека се снаоѓам супер, барем така ми велат домашните ( се смее.н.з.). Воглавно сѐ се базира на трпението и толеранцијата еден спрема друг со партнерот. Тоа е мојот заклучок од три месечното искуство со мојот син.
ЖМ: Се случува ли да го заспиеш со песна?
- Често си свириме и пееме по дома, но мислам дека се уште сме малечки за да заспиеме со песна.
ЖМ:Како изгледа едно секојдневие на семејството Спасенцовски?
- Искрено деновиве ми проаѓаат како да сум изгледал две епизоди од некоја било каква серија. Тешко спијам ноќе, па така навечер сум преокупиран со грижата околу синот, поточно кога ќе се разбуди и треба да јаде. Сопругата е поактивна во текот на денот. Засега живееме во убава хармонија со слога и разбирање, ги вршиме сите домашни обврски и се разбира, обврските кон нашето дете.
ЖМ: Видливо е дека си љубител на тетоважи. Кој е последниот симбол што го наслика?
- Последниот симбол на мојата лева рака е отпечаток од ноџето на мојот прв син, врз кој е напишано неговото име Киан.
ЖМ: Како реагираш на информациите во медиумите во кои повеќе се става акцентот на вашата приватност, отколку на кариерата. Ти пречи ли што си „сопругот на Антониа Гиговска“?
- Искрено не реагирам никако. Почитувам секакви мислења и секакви ставови –зборувам за искрени. Обично не читам, ама нормално на Фејсбук сум исто така активен и кога ќе налетам на некоја објава со 150 коментари, секој ќе ке погледне нели? Но, страшно ме вади од памет кога ќе прочитам, вулгарни коментари полни со омраза и толку погрдни зборови од некои возрасни жени, да не речам тетки, со фотографии со деца на нивните профилни и кавери.Си велам: „ Добро бе, па стварно не капирам?!“ Ама, небитно, на крајот од денот пак се смеам, и ќе продолжам да се смеам.
ЖМ: Како е да се биде сопруг на една млада мајка, но пејачка со големо искуство и врвни квалитети?
- Антониа, според мене е нешто што можеби прв пат ѝ се случува на оваа наша македонска естрада и сцена. Не сакам никого да навредам или било што. Имаме и сме имале страшни вокали, од Калиопи, Каролина Гочева, Тамара Тодевска и така натака. Ова го кажав од аспект на тоа што е премлада и допрва ќе напредува и уште повеќе ќе се изградува. Нормално, сѐ зависи од неа, ама дефинитивно таа е еден од ретките потенцијали за кои можеби навистина ѝ претстои светска кариера. Помагам и секогаш ќе ѝ помагам да си го оствари сонот, без разлика на препреките и потешкотиите.
Соња Алексоска Неделковска