РОДЕНДЕНСКО ИНТЕРВЈУ СО ТАМАРА ТОДЕВСКА: Не е прерано за второ дете

Добивај вести на Viber

Кога дознавме за бременоста се израдувавме, затоа што и двајцата сметаме дека ова е нешто што само ќе ја надополни нашата среќа. Не мислам дека Хана ќе изгуби од нашето внимание и дека е прерано да се има второ дете. Вака ќе биде весело и многу, многу гласно

Родена е на ист ден со Мерилин Монро, педесет и девет години по неа. Поп-ѕвездата Тамара Тодевска денеска полни 33 години и е во својот најубав животен период. Таа и нејзиниот сопруг, поранешниот кошаркар и спортски директор на „Работнички„ и на „Фени“ Александар Димитровски- Мачка чекаат второ дете, кое треба да се роди оваа зима. Тамара и Мачка се посветени родители на Хана која неодамна наполни две години. Во искреното интервју за Женски магазин, Тамара вели дека втората бременост ја поднесува поразлично од првата, а на класичните симптоми со мачнини гледа како на дел од среќата. Со шарматната пејачка муабетевме и за нејзината емотивна сличност со Мерлинка, музиката, времето поминато со Хана и за роденденското изненадување кое го очекува од сопругот.

Вук и Хана имаат таква релација која е едноставно топење. Вук е грижлив и ја вика „мојата мала сестричка Хана“.- Тамара со внукот и со ќерката на нејзиниот роденден 

*Како ќе го прославиш овој роденден, што си посака како роденденска желба?

- Мислам дека на Александар ќе му препуштам да ме изненади. Од кога ја имаме Хана, нејзините родендени ми се највесел датум и целосен фокус. Инаку, желбите за роденден кај мене никогаш не се од материјална природа, само посакувам да сме сите здрави живи и спокојни.

* Родена си на ист ден со Мерилин Монро. Според она што си го читала за неа, што мислиш, имате ли карактерни сличности ?

- Интересно е колку денес Мерилин Монро е актуелна. Во време кога Холивуд го тресат скандали за сексуално вознемирување и заканите на моќниците на холивудските студија, размислував колку таа морала да трпи во тој сосем неправеден систем на вредности, кога студијата буквално како предмет ги поседувале актерите. Мислам дека мојата сличност е токму наивноста со која влегував во бизнис колаборации, сметајќи дека секој со кого работам е чесен. Така низ годините сфатив дека емоциите и бизнисот се сосема неспоива работа.

* Неодамна Женски магазин објави  дека си бремена по втор пат. Како реагиравте Александар и ти кога ја дознавте убавата вест?

- Ја дознавме кај мојот гинеколог, се израдувавме, затоа што и двајцата сметаме дека ова е нешто што само ќе ја надополни нашата среќа. Не мислам дека Хана ќе изгуби од нашето внимание и дека е прерано да се има второ дете. Вака ќе биде весело и многу многу гласно. (се смее)

* Како ја поднесуваш бременоста, ти пречи ли во работата, дали сопругот и блиските те разгалуваат?

- Различна ми е бременоста, со Хана не почуствував ништо. Се сеќавате дека снимав албум, подготвував солистички концерт, имав настапи низ Македонија и надвор. Овој пат, како да ми е прв пат ги имам класичните симптоми, но се справувам со нив интуитивно. И на овој дел гледам како на дел од среќата. 

Различна ми е бременоста, со Хана не почуствував ништо. Овој пат, како да ми е прв пат и ги имам класичните симптоми.- Тамара со сопругот и со ќерката

* Колку Тијана како постара сестра те советува за бракот и за мајчинството, дали таа и мајка ти Бранка ти се пример?

- Многу разговараме за тоа како да ги распеделиме обврските. Тијана снима ТВ емисија, подготвува албум и е пред се мајка на син кој влегува во пубертет. Јас имам настапи и работам интензивно на нови песни. Немаме ние вистински време да се задлабочуваме во нашите животни ситуации, мораме да бидеме практични. Инаку, вистина е дека мајка ми и сестра ми се воедно и мои најблиски пријателки. 

* Каков е односот на твојот внукот Вук со ќерка ти Хана, што вели Вук за тоа што наскоро ќе добие братучед-ка?

- Тоа треба да се види. Вук и Хана имаат таква релација која е едноставно топење. Вук е грижлив и ја вика „мојата мала сестричка Хана“. Хана на некој свој бебешки начин знае дека Вук е некој кој и е многу близок  и со кого може да си игра и да се забавува со часови. Го сака и го гушка постојано. Мислам дека ќе ја имаат таа силна врска која што во нашето семејство е најсилниот адут. 

* Објави дека нема да учествуваш на одложениот фестивал „Ентер фест“ поради дуги обврски. Кои музички ангажмани те очекуваат летово?

 - Фестивалот се одложи, јас дознав од фејсбук што секако не е во ред, а во одложениот термин имам закажано сосема други активности. Приказната е кратка и јасна. Секако им посакувам да имаат успешно издание на фестивалот.   

* Ако „Тажна љубов среќна песна“ е твој најголем хит, која твоја песна ти е лично најдрага?

- „Тешко без тебе“. 

Мислам дека мојата сличност со Мерилин Монро е токму наивноста со која влегував во бизнис колаборации, сметајќи дека секој со кого работам е чесен

* Додека пееш, која песна интимно му ја посветуваш на сопругот, која приказна од твоите песни е за него?

- Јас сум уметник и особено во овој креативен дел вистински се обидувам да спознаам други светови и приказни. Задоволството кое го чуствувам, навистина ми дава можност да пеам за работи кои се исто така уметнички емотивен предизвик но се туѓо искуство, кое инспирира. Во минатото не можев лесно да ги пеам песните кои не беа инспирирани од моите емотивни состојби. Денес тоа е поинаку, бидејќи чувствувам потреба да си дадам одговори за некои теми кои навистина не се дел од моето секојдневие. За мене овој креативен исчекор е предизвикот кој ја освежува мојата работа со колегите продуценти и текстописци.  Инаку и да немам песна посветено на Мачка, на него мислам секогаш кога пеам ( се смее гласно).

* Што мислиш, ќе дојде ли време кога домашната музика ќе биде број еден кај публиката, и може ли музиката и забавата да ни стане главна тема на секојдневен муабет наспроти политиката?

-  Во моментов мислам дека мора секој да избега од конфорот и вистински да почне да истражува што го возбудува како музика. Не поднесувам хитови кои се буквално пресликани од некој светски хит. На ова поднебје, каде што музичките култури се среќаваат, и ние кои важиме за музикална нација, мораме да креираме вистински нешта кои ке ја допрат душата на нашата публика. Кога наместо желба за инстант хит, ќе се потрудиме сите да имаме повеќе уметност и сериозен процес на творење во студио, ќе имаме и сцена на која ќе блескаат квалитетни уметници. Публиката таквите ги препознава и им се предава. Така некако мислам дека се гради кариера и се создава сцена за почит. 

* Имаш ли свои женски ритуали и колку сега во бременоста, и со Хана која е во активна возраст можеш да се посветиш на себе си?

- Имам ритуали, но се што правам рекламирам на инстаграм така што таму многу повеќе на оваа тема. Да седнам да размислам, немам време за себе, но се што правам ме прави среќна токму мене и моите намили, така што сето време е повторно само мое време. Бидете сите поздравени, ве сакам!


Милица Џаровска

Фото: Бојан Стоилковски