Државата да направи стратегија за грижа за менталното здравје-родители бараат помош за децата поради ковид: Психолог Мирјана Ј. Стојановска за Женски магазин
Ковид-19 предизвика вознемиреност кај многумина од нас, а експертите предупредуваат дека значителeн број луѓе може да добијат ментални здравствени проблеми кои ќе траат и по пандемијата. Неминовно силен удар коронавирусот има и врз децата. Родителите се принудени да ги сведуваат на минимум контактите и да ги ограничуваат дружбите на најмалите како во затворен простор така и на отворено. Последици од затворањето дома неизбежно ќе има. На темата ментално здравје и ковид19 кај децата разговараме со Мирјана Јовановска – Стојановска психолог психотерапевт и претседател на Комората на психолози.
Јовановска – Стојановска вели дека во последниов период зачестено е барањето на помош од страна на родителите кои се јавуваат кај психолозите и бараат помош за потешкотиите на нивните деца-ученици, но бараат помош и за себе си. Таа ја потенцира итноста од државна стратегија за грижа за менталното и емоционалното здравје која би го покрила целото неселение, особено учениците. Вели, да се има сексуално воспитување без било каква грижа за менталното и емоционалното здравје е како да си направиме запршка за ручек без да направиме манџа.
*Карантинот и рестриктивните мерки ги депресираат децата,
за една третина се пораснати случаите на агресија и агресивно поведение во
светот. Сте се соочиле ли со слично признание од страна на родителите во последнава година и се зборува ли во Македонија за постстресовен синдром?
За жал кај нас во Македонија никој не прави истражувања на оваа тема па не ја знаеме точната бројка на порастот на агресијата кај нашите ученици. Министерството за образование би требало да посвети поголемо внимание на таков тип на истражувања бидејќи така ќе ја има вистинската слика што се случува кај нашите ученици и како успеваат нивните реформи. Така ние се користиме со податоци кои се „истражувања во светот“ што значи дека може тоа воопшто да не се однесува за состојбата во нашата земја.
Во последниве неколку месеци нагло е зголемен бројот на родители кои бараат помош од психолозите за проблемите на нивните
деца. Овие „детско - училишни“ проблеми прераснуваат во семејни проблеми. Децата
се со силни симптоми на анксиозност. Едните манифестираат недостаток на
енергија и повлекување а другите зголемена агресија и вознемиреност.
Сепак не можеме да зборуваме за пост стресов синдром бидејќи ние се наоѓаме моментално во криза. Значи еден долговремен стрес кој сѐ уште трае и за кој никој не може да има доволно добри механизми да се справи со случувањата. Пост стресов синдром ќе биде откако кризава ќе помине па ќе се справуваме со последиците од неа.
Ние сите сме во постојан притисок на случувањата околу нас кои пак предизивикуваат бура на разни емоции чиј интензитет се менува. Адаптацијата е начин како се прилагодуваме на промените но, кога тоа трае премногу долго како оваа пандемија доаѓа до премореност и личноста почнува да ја губи способноста да се адаптира на постојаните промени и развива симптоми на анксиозност.
Ковид кризата на родителите им ги потроши здравите механзими за адаптирање
*Колку одвивањето на онлајн наставата е добро во овој момент?
Без грижа за менталното здравје на учениците и нивните родители било каква настава ќе покаже неуспех. Наставниците имаа едукација во водење на „класична“ настава. Никој од нив не е едуциран и спремен за онлајн настава. Тоа доведува да се пропуштаат важни моменти како што се етичност, моралност, контрола врз однесувањето, информираност за емоционалната состојба на учениците, состојбата во нивните семејства, нивните лични проблеми, способноста на учениците да се адаптираат на кризата и многу други аспекти на онлајн наставата. Сигурна сум дека наставниците се справуваат најдобро што можат со проблемите но и тие се во оваа криза и нивните семејства и личен живот оптеретени со проблемите на пандемијата.
Така оваа комбинација е „отровна“ за сите. Особено е важно што не може да се земе пример од никаде ниту пак да се учи од некое претходно искуство бидејќи ваква долготрајна криза немало досега.
Сметам дека треба да има некој облик на настава но каков ќе биде тој облик треба добро да се размисли. Предлагам настава која ќе помогне учениците да останат во меѓусебен контакт и контакт со наставниците и училишната програма но не онаква коква била досега туку редуцирана и прилагодена на новите услови. Онлајн настава која ќе биде интересна и игрива и која ќе им помогне на учениците да се справат со „лудиот“ свет околу себе. Настава која има за цел да се реализира себе си и да си ги постигне сопствените цели ќе доживее тотален неуспех ако не се грижи за емоционалното и менталното здравје на учениците кои треба да ја реализираат таа настава.
*Што всушност им прави корона кризата на најмалите? Може ли стравот на родителите лесно да им се пренесе на децата, па да одбиваат да одат во градинка, училиште, било каде?
Справувањето со сопствените емоции го учат од родителите. Колку нивните родители имаат поуспешни механизми за изразување и справување со емоциите толку и децата ќе бидат поуспешни во тоа. Но, оваа криза на родителите им ги потроши здравите механзими за адаптирање. Ги стиска со постојан страв и незивесност и загриженост за иднината. Децата го чувстуваат тоа и го примаат во себе заедно со љубовта и грижата што ја добиваат особено затоа што кон емоциите на родителите со комплетно отворени и без граници.
Зголемен булингот меѓу соучениците
*Ве бараат ли периодов граѓани и што ве прашуваат најчесто, какви проблеми споделуваат а какви совети бараат ?
Родители се јавуваат и бараат помош за потешкотиите на нивните деца-ученици но бараат помош и за себе си затоа што состојбата на нивните деца ги загрижува нив и им прави лоши чувства. Децата не сакаат да се вклучат на настава, зголемен е бројот на панични напади кај децата, стравови, срам, лутина, агресивност, незаинтересираност за наставата до тотално избегнување да се вклучат на часовите. Булингот меѓу сооучениците е многу зголемен. Сите се жртви на овој „луд свет“ и оние кои се малтретирани но и оние кои малтретираат. На сите им треба промош. Не е лесно да се биде постојано навреден но исто така е штетно постојано да се кажуваат лоши зборови на другарите и да се смислуваат агресивни и подли дејствија. Казните не се мерки што ќе му помогнат на никого. Туку е потребно преземање на професионални стручни мерки за психолошка поддршка и помош на сите.
*Многу педијатри ширум светот забележуваат забавен развој кај децата. Забележливо било упадливо однесување, многу деца се и многу здебелени. Долго време поминуваат пред телевизор или компјутер. А родителите не ги носат редовно на контроли поради ситуацијата. Што мислите за овие факти дадени од германските лекари, забележливо ли е нешто такво кај нас?
Ние како психолози немаме организирано систематизирано следење на развојот на децата. За да постои такво нешто треба државата да го организира и тогаш би имале релевантни податоци за нашата популација. Да имаме моментално конфликт со себе си. До пандемијата водевме долги полемики како да ги спасиме децата од предолго седење пред компјутерите а сега се трудиме да најдеме начин како подолго да ги задржиме пред компјутер. Седењето пред компјутер мора да е контролирано и сведено на некој разумен временски период добро осмислено и организирано.
Државата да донесе национална стратегија за грижа за менталното и емоционалното здравје на своите граѓани
*Целосната димензија на последиците од карантинот засега само може да се претпостави. Како да се вратат девојчињата и момчињата на правиот пат , што ќе треба да преземат родителите, а што државата во однос на ова прашање?
Државата треба да си ги искористи стручњаците кои ги има и да донесе национална стратегија за грижа за менталното и емоционалното здравје на своите граѓани. Не само за оние кои побарале помош од психијатри и кои се лекуваат. Законот за ментално здравје ги покрива само лицата кои се лечат. Стратегијата би го покрила целото неселение особено учениците. Во законот за основно и средно образование нема никаде спомнато за грижата за ментално и емоционалното здравје на учениците. Има часови по физичко и споротот е застапен во наставата па еве дури и предлози за сексуалната едукција има, додека за ментално здравје ништо. Така се гради стигмата кон ментално здравје. Да се има сексуално воспитување без било каква грижа за менталното и емоционалното здравје е како да си направиме запршка за ручек без да направиме манџа.
*Дали би требало да се прекинат пријателствата поради ковид?
Пријателствата би требало да се одржат во било каков можен облик. Ние луѓето сме социјални суштества и многу аспекти на нашата личност можат да се градат и одржат само во контакт со луѓето околу нас.
*Пандемијата на Ковид-19 има длабоко влијание врз сите аспекти од општеството, вклучувајќи го менталното здравје. За кои долготрајни проблеми, според вас ќе биде одговорен ковид19?
Па сега сѐ уште неможе точно да се претпостави какви ќе бидат последиците од оваа криза. Но, според она што го гледаме можеме да претпоставиме:
- многу деца после изолацијата заради ковид нема да сакаат да излегуваат од дома надвор
- многу деца се трауматизирани од ваквиот вид на онлајн настава
- многу родители и семејства се трауматизирани од траумата на нивните деца
- децата развиваат богата симптоматологија на анксиозност што ќе влијае на нивното физичко здравје
*Што според вас е најдоброто во целата „приказна“ со корона пандемијата, ако воопшто го има?
Па што е најдобро е тешко да се каже. Но, во секој случај ќе биде многу добро што и да се планира и да се преземе, да се сфати многу сериозно во обзир грижата за менталното и емоционалното здравје на учениците. И тоа да биде појдовна точка кога ќе се градат планови и стратегии.
Ирена Ставрова