Родители, не тргајте на зимување без детско седиште
Поради временските услови на патиштата, во зима е особено важна безбедноста на децата во сообраќајот. Во периодот на зимскиот распуст и семејните патувања, кај возачите треба да е развиена свеста за зголемена внимателност и почитување на пропишаните правила.
Законските обврски предвидуваат зимска опрема, секако и децата да се возат во детско седиште. Кога ова последното е во прашање, возачите знаат да не го почитуваат ова правило. Детето е најбезбедно кога се вози во специјализирано седиште.
Во сите земји од регионот, во Европа, таа обврска доследно се почитува, а полицијата ги казнува возачите кои не го прават тоа. Казни има и во соседна Бугарија, во Србија, но и во Унгарија, Австрија, Хрватска, Словенија. Надлежните потсетуваат дека граѓаните сега во ек на зимски одмори треба да се свесни дека мора да го почитуваат ова правило, но не само заради тоа што ќе платат казни туку и затоа што тоа е клучно за безбедно возење на децата.
Таа е законска обврска и кај нас, но според официјалната статистика од Министерството за внатрешни работи, од 2015 ггодина или од кога оваа обврска е задолжителна до средината на минатат година изречени се само 39 глоби за овој прекршок низ цела држава. Казната е 35 евра и 15 негативни поени. Во исто време црната статистика на смртност на децата во сообраќајни незгоди е поразителна.
„Фактор“ веќе пишуваше дека доста родители се убедени дека нивното новороденче никој не може подобро да го заштити од нив самите, а посебно не „корпата“ во која ќе биде стегнато со некакви појаси. Според сите тестови, во случај на незгода, речиси е невозможно да се задржи детето во прегратка. Испитите покажале дека во таков случај дури и да успее родителот кој го држи детето да го задржи кај себе, често рефлексно го стегаат па се прави дополнителен проблем.
Македонската сообраќајна статистика не е најдобра. Според податоците децата се често дел од сообраќајните незгоди. Бројките од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата покажуваатоти во 2015 година, од 148 загинати лица во сообраќајни незгоди, 22 биле деца до 18 години, а 9 од нив биле деца на возраст до 4 години.
Закон за задолжително детско седиште во автомобилот се воведе пред три и пол години. Според статистиката вкупно 4 глоби се напишани за првите шест месеци од 2018 поради непочитување на Законските правила за поставување детско седиште во автомобил.
Од РСБСП неколкупати апелираа до возачите, до родителите, да го почитуваат Законот и да ги заштитат своите деца од повреди и загуби односно да користат соодветно детско седиште.
Употребата на детски седишта, ја намалува смртноста кај децата за 50 отсто, а кај бебињата и до 70 проценти.
За комплетна заштита на децата во сообраќајот особено е важно да се одбере соодветно седиште и истото правилно да се постави. Детските седишта се поделени во неколку групи, во зависност од телесната тежина на детето, а постојат и различни модели од повеќе производители, кои можат да ги збунат родителите. За да одберат правилно родителите најдобро е да се одлучат за седиште со ознака ECE R44, која означува дека се работи за производ во согласност со строгите законски прописи и безбедносната регулатива на Европската унија.