Сѐ во животот е проект, квалитетен фокус дава квалитетен продукт: Интервју со Ирена Лазарова – раководител на одделение за маркетинг и односи со јавност на Централен регистар

Добивај вести на Viber

Ирена Лазарова е раководител на одделението за маркетинг и односи со јавност на Централниот регистар, а во оваа институција има повеќе од 15 години работно искуство. Приватно таа е среќна и посветена сопруга и мајка. Како балансира меѓу работните и приватните обврски, како и каков беше нејзиниот пат до успехот детално во интервјуто за Женски Магазин.

ЖМ: Како е да се раководи со организациска единица, која на некој начин, е единствена за поддршка и асистенција за деловните системи во состав на ЦР?

- Раководам со одделение на кое сум горда, во состав на институција, за која ќе си ја земам слободата да кажам дека една од најдобрите во светот, не само во земјата и на која сум уште погорда.

Организационата единица на која се имам посветено деценија ипол, повеќе од 15 години, е единствената од ваков вид и во соработка со останатите, дава секојдневна поддршка и асистенција на речиси 114000 правни субјекти во нивните секојдневни деловни процеси и постапки.

Интересен е фактот што новорегистрираните правни субјекти растат од година во година, на пример број на субјекти во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица на крајот од 2021 година бил 111996 субјекти, а бројот на истите на крајот од 2022 година се зголемил и изнесува 113854 субјекти. Меѓу субјектите има различни организациони облици и тоа:

органи на државна власт и локална самоуправа, јавни установи, јавни претпријатија, агенции, берзи и други организации основани со посебен закон, трговски друштва, финансиски организации, задруги, комори и деловни здруженија, политички партии и синдикати, општествени организации, фондации и здруженија на граѓани, фондови, заводи, верски заедници, самостојни извршители на дејност, претпријатија регистрирани во странство, претставништва на странски фирми во земјата (без правно својство), меѓународни организации и други претставништва…

Со оглед на фактот што Централен регистар е дигитализирана институција, а ваквиот пример секако треба да го следат и останатите институции кои се подеднакво значајни во деловниот свет, сѐ повеќе се интензивира потребата од експерти за корисничко искуство, а бидејќи функционираме во земја во развој, истите треба да поседуваат вештини од многу повеќе области, односно треба истовремено да се биде аналитичар на податоци, ПР специјалист, креативен комуниколог, пред сѐ добар колега и корисен проект менаџер, ако сакаме квалитетни резултати.

Јас ја имав среќата да се најдам во соработка со одличен ИТ тим, без кој ниту приоритетите на корисниците, ниту моите желби за имплементација кои потекнуваат се разбира од потребите на бизниз заедницста а благодарение на добро искусно раководство на чело со директорката, сѐ што се работи завршува како одлучичен продукт.

И приватно и службено работите ги гледам како проекти. Како процеси кои треба добро да се испланираат, а најголемиот стрес во животот ми е желбата сѐ што ќе направам да трае засекогаш. Свесна сум дека сѐ е жива материја, и баш поради тоа работам во насока на постојано подобрување, себенадградување, односно да се има предвид дека секоја завршена работа никогаш не е 100% завршена, туку секогаш размислувам како истата ќе се подобри во иднина.

ЖМ: Кој ви беше пример во животот, од каде мотив да се надградувате постојано?

- Имав добар пример од мала, растев со исклучително интелегентен постар брат, кој сега е еден од најуспешните ИТ експерти во светски рамки, а двајцата сме воспитувани во скромно, стабилно семејство, од кое и двајцата од родителите наследивме работни навики како темел и основа за живот. Искрено сметам дека примерот кој го гледаат децата е многу повлијателен од советите во форма на зборови, многу помала е веројатноста децата да ги послушаат советите што ќе им го поделите, од тоа да го следат примерот кој ќе им го дадете, од тоа што го гледаат дека го правите секојдневно.

Поддршка ми е семејството, сопругот и двете ќерки, кои исто така се воспитувани во духот на работните навики, односно дека за сѐ во животот мора самостојно да се изборат, да ги вреднуваат работите кои не можат да се купат со ниту една сума на пари, односно работите кои се бесценети: човечноста, скромноста, емпатијата.

Човек во кој се негувани овие вредности е среќен и задоволен човек и е извор на среќа и поддршка за другите околу него.

ЖМ: Како ја организирате работата?

- По природа сакам да сум што е можно посамостојна, но процесите кои се одвиваат на ова работно место се сплет од буквално сите организациски единици во состав на институцијата, односно за задоволни корисници на кои, во овој современ свет, им треба точна информација, јасна асистенција и насока, потребно е да се биде во постојана комуникација со регистраторот, односно овластените лица, како што веќе спомнав, треба да се биде во постојана и добра комуникација со ИТ секторот, одделение за техничка помош, и со сите останати колеги од сите 27 канцеларии ширум земјата.

Паралелно, предизвик ми е комуникацијата со истородните институции во рамки на форумот на бизнис регистри во светки рамки, следење на новитетите и одржување добар однос со колегите кои доаѓаат од различни култури ширум светот. Зборувам неколку светски јазици, а експертизата ја надградувам на полето на комуникации со корисници, корисничко искуство, надградба и новитети согласно потреби на корисници, нивна приоретизација и анализа на задоволство. Потоа повторно подобрување на резултатите и сѐ така во круг, што всушност е големата слика за сите поединечни секојдневни таскови поврзани со моите колеги и надворешниот свет.

Имам прекрасни колеги од сите области, впрочем сите тие се искусни експерти во своите области, а доблесно е да се признае дека не постои човек на оваа планета кој нема некој квалитет или пак не е корисен. Јас мислам дека секој е роден со некоја дарба, а наше е во тимот да ја поттикнеме дарбата на секој поединец, така ќе имаме и мотивирани колеги, здрава работна средина и квалитетни продукти како крајни резултати во остварување на мисијата на оваа институција - проширување и развивање на своите бази со дополнителни податоци (формирање на нови основни регистри и постојано унапредување на постојните) со што ЦР ќе стане единствена централна информативна база на правни и друг вид релевантни податоци, значаен учесник во креирањето на подобра бизнис клима во Републиката, промотор на странски инвестици  и општествено одговорна Институција, а со самото тоа директно ќе влијае на развојот на националната економија.

ЖМ: Како институција познати сте по членството во меѓународни организации?Колку ви помагаат во секојдневното работење?

- Да, ЦР е членка на повеќе значајни меѓународни организации, јас и директорката на ЦР сме дел и од извршниот комитет на Светскиот форум на бизнис регистри, од каде можам да кажам дека црпиме одлични идеи за развој, со цел цр да продолжи да биде меѓу најразвиените од овој вид организации.

Во таа насока се работи и долгорочна развојна стратегија на проекти.

Редовно сме домаќини и на онлајн работилници на кои регистрите ширум светот ги презентираат најновите имплементации од областа на дигиталните решенија.

Верувајте знаеме точно како започнува и  функционира деловниот промет на секој дел од светот. Многу поубаво се работи кога сме поинформирани.

ЖМ: Која е пораката која би ја упатиле на идните генерации, кои започнуваат да се соочуваат со оваа проблематика, справување и подобрување на корисничко искуство?

- Пораката е едноставна. Сѐ во животот што ќе започнете е еден вид на проект. Од едноставен почеток на денот, па сѐ до најсложените проекти кои ќе ги работите, бидејќи за се ќе треба да одберете метод, да ги почитувате роковите во рамки на фазите и да бидете одговорни со финансиите.

Со добар фокус ќе имате квалитетен продукт. Ако сте успеале на едно поле, тоа значи дека сте се фокусирале таму.

Дајте фокус на она што ви е приоритет и имате загарантиран успех!