Само ми рекоа: „Се роди и не дише“: Емотивно писмо од таткото за ќерката

Животот не ми даде прирачник. Сестрите во болницата не ми објаснија, туку само рекоа: се роди и не дише. Седев во чекалната и се прашував: како е можно? И сѐ застана додека не истрчаа и не викнаа: „ Честитаме, мајката и девојчето се добри, ќе имате вистински борец дома.“

Бегав од твоите пелени. Кога имаше грчеви, знаев само да те бакнам и да чекам да ти помине. Потоа следеа твоите први насмевки, па чекори, па зборови. Првото кашлање. Првите фотографии и исчекување, дали сѐ добро ќе испадне кога ќе се развие филмот. Врескањето кога одеше во градинка, Кики бонбоните кои ги јадеше многу и ти се лепеа за забите. Или кога бараше да те запишам на курс по летање за да се дружиш со Петар Пан. 

Сѐ уште слушам како пука целофанот во кој се завиткани каранфилите за твојата учителка. И звукот на брановите додека се обидуваше да пливаш. Прво ќе испиеше малку солена вода, па се заскрнеше, па ќе се свртеше накај мене и ќе ми речеше: Овој не беше добар, одиме на следниот. А никогаш не знаеше да облечеш бело, а да не се извалкаш. Еднаш ќе успееш, кога оној вистинскиот ќе ти го зграпчи срцето. 

Те гледам како паѓаш во несвест откако на училишната приредба си го заборавила текстот. Ти аплаудирам за снаодливоста.

Те слушам како на баба ти ѝ велиш дека не треба да те советува затоа што не излегува од својот двор. 

Те учам да речеш: благодарам, не сакам, сакам, љубов,сон, среќа, можам, знам...

Те учам никогаш да не речеш: циган, педер, курва, мразење, болест, секс за една вечер. 

Знам дека бев зододевен кога те учев дека тетоважите се мода која поминува, дека алкохолот не се лока, туку во него се ужива. 

Бев и тука сум за тебе. Се борев за тебе, а те учев да се бориш и самата. Да не бидеш кревка принцеза. Да бидеш и мангуп и принцеза во едно. 

Имам да ти кажам дека сум горд во каква личност израсна. Треба поредовно да спиеш, да јадеш повеќе овошје и да не излегуваш со мокра коса. И помалку да пушиш. Да го клоцнеш секој оној кој те повредил. 

Дечковците од твоите приказни немаат поим колку се среќни, што и макар на кратко биле дел од твојот свет. Не се срами кога зборуваш со празно столче, со празна фотографија или плоча. На тебе барем не морам да ти објаснувам дека секогаш сум тука. А светот, нека мисли дека си луда. Туркај си ја својата приказна, оди напред и нагоре. Тоа се два дозволени правци. 

И гушни ја мајка ти понекогаш.