Самохрана и невработена мајка со борбен дух: Приказната на Мими од Скопје - девојката која чита за нас

Добивај вести на Viber

„Прочитав една книга која беше по различна од сѐ што дотогаш сум прочитала. Сакав да ја чујат и некои луѓе кои многу ми значат, а се мрзеливи за читање, па морав да им ја читам на глас“ - токму вака, сосема случајно и ненамерно започнува новото поглавје во животот на Мими Стојановска од Скопје - девојка која денес, секој од нас има прилика да ја слуша со часови и часови како чита, со многу страст, со пријатниот глас кој смирува, со многу емоции и посветеност. 

За себе вели дека е обична (нормална) девојка од Скопје, сега веќе сама мама на две златни машки дечиња, 7-годишниот Борјан и две и пол годишниот Војдан. 

35 годишната Мими Стојановска е девојка чијашто животна приказна ни побуди многу емоции. 

Мими по професија е професор по филозофија и магистер по економски науки, во животот работела како водител, новинар, ПР, маркетинг, но за жал и покрај нејзиното богато образование и уште побогато работно искуство таа е невработена.

Првично, вели таа, одлуката да не работи ја донела за време на втората бременост, бидејќи сакала да се посвети на бебето, меѓутоа кога одлучила повторно да побара работа не ѝ се посреќило.

- Пандемијата не е причина за невработеноста, напротив, добив шанса за една прекрасна работа токму пред два месеци. Барав на сите страни, некој се одзва на молбите, бидејќи од мај месец сум самохран родител, но раководство таму, имаше, според мене, нездрави идеи за тоа како треба да функционира еден тим и така повторно, после неполни два месеци, останувам без работа.

Тој период за Мими бил многу тежок, но три работи ѝ помогнале многу да ги преброди тие тешки моменти. Една од тие работи е токму книга.

-Да, тоа е всушност книгата - "Е баш ме заболе". Како ми помогна...претпоставувам дека тогаш сум била и подготвена за промени. Научив дека нештата за кои се грижиме се толку безначајни, а животот прекраток. Многу малку се оние работи на кои вистински треба да ја дадеме својата енергија, време, љубов, грижа. Научив дека кога ќе ја превземеме одговорноста за личните одлуки, за изборите што ги правиме, нам ќе ни биде не само полесно, туку и помудри ќе излеземе од сето тоа искуство. А, другите две нешта кои ми помогнаа... посетата на манастирот Острог и психотрапевтот Вера Типко.

Токму книгата "Е баш ме заболе" отвора едно ново поглавје во нејзиниот живот.

-Прочитав една книга која беше по различна од сѐ што дотогаш сум прочитала. Сакав да ја чујат и некои луѓе кои многу ми значат, а се мрзеливи за читање, па морав да им ја читам на глас. Позитивните промени што ги направи кај мене, ги направи и кај нив. Така, увидов дека треба да ја доближам до што поголем број на луѓе, а притоа да не останам без глас . Денешнината барем нѐ има "благословено" со интернет и социјални медиуми, па не беше тешко да се одлучи дека најдобар начин да ја чујат книгата, е јуТјуб канал.

Аудио книгите на странски јазици ги има многу, но не и на македонски, сепак, Мими вели дека со оглед на малата публика која ја следи на нејзиниот канал, заинтересираност за слушање книги има.

-Со оглед на тоа што каналот е релативно "млад" - осум месеци и нема никаква реклама за истиот до сега, ДА. 4 книги, од кои 2 за возрасни и 2 детски, се многу малку, а заинтересираноста, барем од она кое стигнува до мене, е доволно голема и премногу позитивна.

Но, дали во Македонија може да се направи кариера и да се заработува од јуТјуб?

-Никогаш не размислував во насока на заработка, а дека може во Македонија да се заработува од ЈуТјуб, може! Но, за жал, со контенти кои се празни, за мене како мајка, погрешни, не корисни, па дури и штетни. Ова е уште една причина повеќе да се истрае во напорите, на луѓето, пред се' на децата, да им се доближат книгите, со кои ќе растат духовно, емотивно, разумски… Понуди има да, еве и ова интервју е за мене е еден вид соработка, дури и многу повеќе, поддршка, и Ви благодарам за тоа од срце. Деновиве разговарам со повеќемина кои сакаат да помогнат да се развие овој канал во насоката во која сметаме дека треба, но останува времето да покаже дали сме успеале.

Мими вели дека не постои на светот нешто убаво, а притоа да е лесно или едноставно. Иако снимањата знаат да бидат напорни, таа ужива во читањето.

-Во снимањата уживам, го правам со чиста љубов и емоција, па затоа и не ми е тешко. Паузите не ми се дефинирани, некогаш знам да се занесам и да снимам и повеќе од еден час... а понекогаш, ако сум уморна, да изгубам сила и по 15 минути. Фактор за паузите е и содржината на конкретната книга, колку бара драматизација, со каква динамика треба да се чита.

На Мими би ѝ значело многу доколку го зголеми бројот на следбеници на нејзиниот ЈуТјуб канал „Слушај книга / Читам за вас“, бидејќи моментално е невработена, а приливи од јуТјуб каналот би ѝ значеле многу, па покрај финансиската поддршка, следбениците ќе ѝ бидат поттик и за снимање на повеќе книги.

-Тоа ме учат луѓето кои го разбираат алгоритамот на јуТјуб  Никогаш не планирав да заработувам од овој канал, бидејќи го започнав и ќе го продолжам затоа што навистина го сакам ова, ми претставува еден вид на "издувен вентил". Но, советите се дека, доколку можам, зошто да не го монетизирам, особено во ситуацијата во која сега се наоѓам. А приливите, исто така, ќе овозможат и снимање на повеќе книги. 1000 следбеници и 4000 часа гледаност е условот на ју тјуб да се аплицира за монетизирање.

Погледнете, но пред сѐ  слушнете ги видеата на Мими, ви ветуваме дека и вие ќе уживате во нејзиниот глас исто колку и ние. И секако претплатете се на нејзиниот јуТјуб канал за да достигне што поголем број на следбеници - бесплатно е!


*Љ.И