Сашо Поповски за „Македонски џез фестивал“ како дел од асоцијација на светски џез фестивали
Во период кога сите настани се откажани, Интернационалниот Џез Фабрика Фестивал (JFF) кој традиционално се одржува секој Април во Битола, влегува во програмата на МОСТ – Унгарија во друштво на 10 фестивали од Европа и 9 фестивали од Балканот.
Тоа беше причина повеќе да разговараме со организаторот на овој фестивал, професорот Сашо Поповски, кој во овој период го заврши и својот најнов албум. Имено тој е џез музичар од четвртата генерација македонски уметници, шеф на џез-катедрата при музичката академија на универзитетот Гоце Делчев – Штип, композитор и педагог. Современиот џез со елементи на традиционална македонска музика ја прави неговата музика уникатен и добро познат учесник на музичките сцени во Европа. Повеќе од 20 години на сцената преку различни проекти соработува со многу уметници.
- Тоа се одлични вести за целокупниот тим на (JFF) кој напорно работеше во изминатите девет години, максимално посвететено и професионално на проектот Џез Фабрика и Фестивал да се најдеме на културната карта на Европа, во време на глобална пандемија која за жал станува реалност врз која во иднина ќе ги прилагодуваме сите наши проекти и нивната реализација во овие тешки мигови за сите нас. Џез Фабрика Фестивал е избран во друштво на 9 балкански музички фестивали на што сме горди и со нетрпение го чекаме стартот на програмата, а фестивалот во блиска иднина ќе прерасне во културен двигател во пелагонискиот регион и нашата држава- изјави Поповски.
* Како дознавте за таа асоцијација и што приемот таму значи за македонската музичка индустрија?
- МОСТ - Унгарија е организација на која главна цел и е доближување на
балканската музичка индустрија со европската, преку логистичка, организациска и
финансиска поддршка на фестивалите, помош во делот трансфер на артистите,
промоција на балканските фестивали преку нивната мрежа на сцените во европа,
едукација на букинг агенти и културни работници – здруженија и сл-вели Сашо и
додава- Проектот е финансиран од
Европската Унија во делот за креативна Европа а партнери се организации и
фестивали како Егзит – Нови Сад, Вомекс
– Будимпешта, Темишвар 2021 Европска престолнина на културата и други.
* Во програмата на Џез фестивалот во Битола секоја година се и џез-работилници со наслов -Џез фестивали – организација – вмрежување – мобилност на артисти, преку кои се создава соработка со повеќе светски фестивали.
- Џез Фабрика Фестивал е член и на ЕФФЕ (Европската Асоцијација на Фестивали)
која за преиодот од 2019 – 2020 ни го дедели нивниот амблем за (Remarcable Arts Festival), како и на балканска асоцијација на џез фестивали меѓу кои: Кикинда Џез и
Блуз Фестивал – Р. Србија, Петровац Џез Фестивал – Црна Гора, Џез Фортнајт
Фестивал – Скопје, Рочела Џез Фестивал – Италија и од оваа година нов партнер ни
е Силе Џез Фестивал – Италија-ни изјави Поповски па додаде- За следната година
2021 планирана е соработка со еден џез фестивал од Шпанија и еден домашен џез
фестивал со што се приближуваме до зацртаната бројка од 10 фестивали со која во
иднина ќе развиваме сопствена платформа која ќе значи промоција на Македонски
Џез Артисти – Изданија на сцените на овие џез фестивали.
* Како пандемијата и изолацијата делуваше на Поповски и неговиот професионален ангажман?
- Кога на крајот на 2019 го комплетирав мојот петти албум (Fallen Land) во формација трио заедно со Иван Бејков – контрабас и Виктор Филиповски – тапани и перкусии, не бевме свесни за глобалните предизвици, социјалните услови во кои ќе го промовиравме албумот само една година подоцна. Светот што го познававме предходно се промени и ништо нема да биде исто како порано! Ова парче музика е составено од седум мои оригинални композиции, миксот го направи Тони Китановски, а мастерингот Тони Китановски и Ангел Ќосев во студиото Подрумот.
Албумот ќе биде издаден од SJF Records (Скопје Џез Фестивал) на мое огромно задоволство, процесот на промоција и презентација започна со концертот во рамките на годишната забава на Скопски Џез Фестивал во МКЦ Скопје, секако стигнаа и рецензии за материјалот од сериозни џез портали како: Jazzitalia , Synpress Ufficio Stampa , Magyar Nemzet , Tgcom24. За жал датумот за официјална промоција на албумот бевме приморани да го пролонгираме за на есен кога веруваме дека оваа состојба ќе заврши.
* Традиционално овој период битолчани, но и љубителите на добриот џез го очекуваа со нетрпение Џез фактори фестивалот, кој се организира во соработка со Центарот за културна деконтаминација од Битола. Запрашавме дали имаат нов датум?
- Како и останатите културни манифестации погодени од оваа глобална пандемија моравме да го пролонгираме датумот за реализација и искрено се надевам дека во периодот од Септември до Ноември 2020 ќе бидеме во можност да го организираме фестивалот во неговата оригинална форма со главна и странична програма, шоукејс на Македонски бендови, дебата и работилница, но секако постои и опцијата за онлајн реализација преку дигиталните музички платформи што во моментов е глобален тренд. Сепак предстои период на координирање со државните власти и министерството за култура кое е наш главен поддржувач и заедно да одлучиме за понатамошните чекори.
* Професор сте на Музичката Академијата УГД. Штип, како се одвива наставата периодов?
- Универзитетот Гоце Делчев Штип е лидер во земјава во делот на имплементација на дигиталните содржини и алатки за студентите и вработените уште од денот на негово формирање, па така процесот за онлајн настава се имплементираше многу природно преку платформата ТИМС , на задоволство на студентите. Тие во овој семестар покажаа одлични резултати во совладување на наставните содржини , и на мое големо изненадување постигнавме голем напредок кај индивидуалната настава по инструментите за која во самиот почеток на имплементацијата како колектив бевме доста резервирани. Мое лично мислење е дека овој модел на настава во блиска иднина ќе прерасне во водечки тренд , додека пак развојот на технологијата и пред се имагинацијата на младите (студентите), ќе им креира предизвици кои нашето високо образование ќе го придвижат во нагорна насока.
За Џез фестивалот во Битола реномирани светски музичари искажаа позитивни критики.
Теодосиј Спасов изјави- На Балканот има сериозни фестивали, овој е еден од нив, мило ми е што имав можност да настапувам како дел од истиот.
Тони Китановски истакна дека овој фестивал е најдобар начин да се презентираат сите соработки со гости од соседството или пошироко и најважно да се претстават младите џез музичари.
Васил Хаџиманов кој настапи на првото издание изјави дека е доста значајно да се имаат фестивали како овој кои работат на промоција на џез музиката.
На тоа издание настапи и Душан Јевтиќ кој на фестивалот му посака долги години постоење.
Покрај нив
настапиле и Виктор Филиповски.
Џоле Грујовски Квартет и Кабадајас. тапанарот од Израел Асаф Сиркиз. Фирс,
Иван Бејков и други.
* Колку значи поддршката за еден млад фестивал кој за кратко време стана препознатлив на европската џез сцена?
- Во моментот главната поддршка на (JFF)е Министерството за култура кое за наша среќа ја препозна идејата за формирање на џез фестивал, ја сублимираше нашата работа изминатите девет години и континуирано ги зголемува средствата за реализација на фестивалот со што нашата понуда и програма секоја година е се поголема. Кога станува збор за финансиска поддршка во овој дел би требало да помогне и Општина Битола како и приватниот сектор (компании) кои ја имата обврската за финансирање на културни настани и манифестации, а со тоа и исполнување на нивната општествена одговорност, што е модел и практика кај членките на ЕУ и развиените држави.
Додека ние разговаравме, за најновиот албум на Поповски излезе рецензија од реномиран џез портал од Бостон, САД, а како што неофицијално дознаваме, постои заинтересираност од њујоркшката џез сцена за промоција на истиот.
Фотографии Даниел Ѓурчиновски и архива на Џез фактори фестивал.
Неда Маретиќ