Се грижам за пет деца како да сме биолошко семејство: Интервју со Љубица Аврамовска, мајка од СОС селото
Мајка е на седум деца, две биолошки, од кои има три внуки, и пет за кои со љубов се грижи, исто како да ги родила. Љубица Аврамовска (56) од Струмица веќе девет години е мајка згрижувач со СОС детското село. Нејзините биолошки деца се веќе воразни и имаат свои семејства, а таа и сопругот во една од семејните куќи во скопската населба Ченто, се грижат за петте деца, кои се на возраст од 10 до 15 години. За Љубица, да згрижиш дете е животна мисија. Најтажна е но и најгорда кога децата ќе си заминат од нејзиниот дом за да основаат свое семејство, како што бил случај со трите девојчиња за коишто порано се грижела, а потоа се веселела на нивните свадби. За сите предизвици со кои се соочува за да ги изведе децата на вистинскиот пат, Љубица раскажа за Женски магазин.
*Колку години точно работите во СОС детското село, како ве однесе патот токму кај овие деца, дали можеби некое лично искуство ве поттикна ?
-Вработена сум во СОС Детско Село уште од 2011 год. Но уште од самото отворање на селото доаѓав на посета кај моја пријателка која тогаш беше згрижувач. Уште тогаш се почувствував пријатно, знаете како велат “како да си дома“. Но најмногу од сè, ме привлече пристапот во грижата за децата кои го имаат згрижувачите и посветеноста што ја имаат кон децата.
Она што нé прави посебни е нашиот семеен и индивидуален пристап во грижата за дечињата на кои им овозможуваме да растат во топол дом исполнет со љубов, грижа и сигурност, заедно со своите биолошките браќа и сестри.
А грижата на згрижувачот е во вистинска смисла грижа на МАЈКА. Да згрижуваш значи заедничко живеење со децата на кои им си најпотребна. Да згрижиш дете е животна мисија.
*Колку деца има во вашата група и на која возраст се?
-Во моментот се грижам за пет деца на возраст од 10 до 15 години. Три од нив се биолошки браќа а другите две се биолошки братче и сестричка.
*Како Ви поминува еден обичен ден со нив?
-Функционираме како секое биолошко семејство : децата одат на училиште, посетуваат вонучилишни активности. Секојдневно разговараме на секоја тема отворено и како нивен згрижувач ги забележувам сите промени и потреби. На најразлични начини пристапувам со децата, во зависност од тоа какво е детето и кој пристап за него како индивидуа е најдобар. Тековно разговарам со нивните наставницикако напредуваат со училиштето, одам со нив заедно на лекар, на натпревари , одевме заедно на театар и други културни знаменитости, ги негувам и се грижам за нив, ги учам на практични животни вештини кои се важни во нивниот развој во согласност со нивната возраст и нивните потреби.
*Каков однос имате со децата?
-Со децата имам изградено однос на доверба и взаемна почит, разбирање и на семејна хармонија и динамика, согласно семејната динамика каква е потребна на децата и функцинираме на најдобар можен начин. Ние сме семејство. Моите биолошки деца кои сега веќе се големи и имаат свое семејство доаѓаат на гости и тогаш нашето семејство е уште поголемо.
*Велат дека не секој може да ја работи оваа работа, што е она најпосебното кај вас кое мора да го имате за да успеете да ги насочите децата на вистинскиот пат?
-За да ја работиш оваа работа треба да ги сакаш децата да бидеш емпатичен, совесен, грижлив и максимално посветен на нив. Потребно е да умееш да ги препознаеш нивните развојни предизвици и да умееш и знаеш како да постапиш. Долго разговараме и се договараме за сè заеднички.
*Колку време поминувате дневно со нив?
-Како СОС згрижувач секој момент го поминувам со децата, освен времето кога тие се на училиште или некоја активност која е во интерес на нивниот развој.
*Какви се проблеми решавате заедно?
-Се трудам секој предизвик да го решиме со убав и искрен разговор. Се справуваме со училишни, емотивни, пубертетски проблеми. Разговараме и кога имаме нова симпатија, нова љубов, за другарството и за сите секојдневни случки. Секое дете е личност само за себе, па тоа и бара различен пристап, најважно од се е тоа што нашиот однос е доверлив, а тој се гради секојдневно.
*Која ви била најтажната а која навеселата случка во текот на годините?
-Ми се чини најубав момент е кога се спремни да создадат самостоен живот. Живот кој силно ќе го гушнат со своите раце и ќе имаат можност за одлука за сопствената иднина. Се веселевме на свадбите на трите девојчиња од нашето семејство кои порано живееа со нас и за кои јас и сопругот се грижевме. Истите сега имаат оформено свои семејства и често знаат да не посетат со своите деца и сопругот.
Тешките моменти се кога децата имаат развојни предизвици. Но, во тие моменти тука е стручниот тим од СОС Детско село составен од психолог, социјален работник и педагог. Од нив добиваме неизмерна и секојдневна поддршка. Тука се и старателите на децата кои ми даваат поддршка лесно да ги надминеме предизвиците.
*Опишете ми го моментот кога треба да се разделите со децата, кога се враќаат дома или кога си заминуваат од селото, како изгледа тоа, што им велите за да ги утешите кога се тажни?
-Нашата релација е постојана, нашата релација е нераскинлива.
Нашата врата од куќата е секогаш отворена, во секое време за добро и лошо, за секое дете.
*Дали приватно имате свое семејство, колку кога ќе дојдете дома, кога сте надвор од селото можете да се насочите на други мисли и обврски, колку она што се случува со децата ве окупира и кога не сте со нив?
-И кога сум приватно со моето семејство, мислите ми се кај нив, а јас и сопругот секогаш сме тука, во било кое време и за било каква потреба.
*Дали сте во контакт со децата кои си заминале од СОС селото, како сега изгледаат вашите дружби?
-Како што погоре нагласив, релацијата со децата се изградени на цврсти основи и нераскинливи врски. Од децата некои имаат оформено и свое семејство, а некои се средношколци. Тие често знаат да дојдат во посета на заеднички семејни дружби. Заедно прославуваме родендени и празници. Умеат да ме изненадат со цвеќе на подарок и силна “гушка“ која неизмерно значи.
*Имало ли некое проблематично дете во кое никој не верувал а сте успеале да го насочоите на вистинскиот пат?
-Во моето долгогодишно искуство, сум имала многу предизвици и сè уште имам. Но со взаемна соработка на тимот и старателот и мојата нераскинлива врска со детето, можам да кажам дека успешно се справуваме со секоја нивна потреба во секој период од нивниот живот.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски