Се подбиваа со мене и ме пцуеа, но одам напред со главата горе: Љубовната приказна на Паула Купер Трајковски
Филмска приказна има љубовта на музичарката Паула Купер Трајковскиод Jужна Каролина и на Бојан Трајковски од Скопје. Се запознале во Ирак во 2009 година, а 11 години потоа успешно го градат својот заеднички живот во Скопје, како родители на петгодишниот Ноа. Паула, која на домашната јавност ѝ е позната по дуетот „Ocean Dreams“ со Гаро Тавитјан вели дека се соочувала со многу непријатности и предрасуди откако живее во Скопје. „Ми се случило луѓе да вперуваат прст кон мене, да ме нарекуваат со погрдни имиња, да се подбиваат со мене, па дури и да ме пцујат. Ме имаат нарекувано и со погрдниот збор што почнува на буквата „н“ ,и сето ова доаѓало од луѓе што мислеле дека се „кул“ и луѓе што, во суштина, се расисти “, раскажа шарматната пејачка за Женски магазин. Сепак, таа со насмевка вели дека поради многу нешта, го избрала Скопје за нејзин дом, и решила дека позитивните искуства со добрите луѓе ќе ги победат негативните. Покрај тоа што се занимава со музика, Паула има и своја веб-страница за продажба на персонализиран накит, којашто се вика Noa Personalized Jewelry, а исто така работи и како службеничка за профилирање лицa (проверка на биографски податоци).
*Имате интересна љубовна приказна со сопругот Боја кој е од Скопје. Како се запознавте, во кои негови квалитети се вљубивте?
-Ах, тој има толку
многу квалитети. Се запознавме во Ирак, во 2009 година. Мојот сопруг не само
што е згоден туку има и големо срце и почит кон сите. Интелигентен е, отворен,
забавен и заштитнички настроен. Потекнуваме од различни места, но негуваме исти
вредности. Кога сум со него можам да бидам стопроцентно своја, а кога сме
заедно се чувствувам како да сум дома, што е навистина прекрасно чувство. Ова
се само само мал дел од причините поради кои се вљубив во него.
- Повеќепати во животот имам направено работи коишто се надвор од мојот личен комфор. Некогаш успешно, некогаш не, но, како и да е, отсекогаш сум била подготвена да се обидам повторно. Одлуката да се преселам овде беше доживеана со страв, но се вљубив во Бојан, и сакав да видам каде ќе ме однесе таа одлука. Седнавме со Бојан и ги разгледавме предностите и недостатоците од живеењето тука и решивме да се обидеме. Многу фактори си ја одиграа својата улога при донесувањето на таа одлука. Трошоците за живеење беа важен фактор, а за мене голем плус беше и нивото на безбедност.
* Дали сте се соочиле со какви било предрасуди поради тоа што сте од различна раса и националност?
-
Да, сум се соочила. Тука ми велат дека расизам или предрасуди кон луѓе
како што сум јас, или кон тие слични на мене, не постојат, бидејќи овде нема
многу припадници на црната раса, но тоа едноставно не е точно. Ми се случило
луѓе да вперуваат прст кон мене, да ме нарекуваат со погрдни имиња, да се
подбиваат со мене, па дури и да ме пцујат. Ме имаат нарекувано и со погрдниот
збор што почнува на буквата „н“ – и сето ова доаѓало од луѓе што мислеле дека
се „кул“ и луѓе што, во суштина, се расисти. Се случувало непознати луѓе да
мислат дека имаат право да ме допрат или да ми ја допираат косата без моја
дозвола. Исто така, јазикот не го владеам добро, бидејќи е тежок – но со тек на
време ќе го научам (веќе имам стекнато основно познавање). Поради тоа, еднаш се
случи и луѓе да се обидат да ме измамат за цени. Не сум плашлива личност, умеам
да се справам со нив. Морам да кажам дека овде има и прекрасни луѓе, како и
дека добрите искуства се повеќебројни за разлика од лошите. Слободно можам да
кажам дека наидов на одлични можности поради тоа што сум поинаква, и тоа
навистина го почитувам.
- Луѓето треба да знаат дека каде и да одам низ Скопје, или кој било друг град, секогаш наидувам на позитивни или негативни реакции. Сега ми е полесно, бидејќи живеам тука долго време, но има и денови кога навистина не сакам да се справувам со таквите реакции. Кога имам лош ден, наместо на нив си помислувам на причините поради кои се преселив тука. Никому нема да му дозволам да ми ја наруши среќата. Имам прекрасно семејство, прекрасни пријатели и соседи – сите тие ми даваат огромна поддршка. Би сакала луѓето да го разберат и почитуваат фактот дека оставив сè зад себе и се преселив овде бидејќи се вљубив во Македонец. Тоа баш и не е лесно во земја што не може да се пофали со голема разновидност. Ги почитувам луѓето и ја почитувам културата, па сметам дека е фер и јас да го добијам истото за возврат.
* Од каде црпите сила во таквите моменти?
- Морав
да бидам силна уште од многу рана возраст. Jа изгубив мајка ми кога имав три
години, а тоа е нешто што го менува секое дете, сакало тоа или не. Се трудам да
ги гледам работите од поширока перспектива и имам предвид дека постојат луѓе во
светот кои се борат со поголеми проблеми од моите. Според мене, најважно е
човек да се насоочи кон важните работи во животот и да се опкружи со позитивна
енергија. Јас сум таа што сум. Се сакам себеси и одам напред со главата
горе.
* Вашата најголема гордост е синот Ноа, колку години има, какво дете е?
- Син ми Ноа има 5 години. Ноа е прекрасно дете. Паметен е, талентиран, забавен, љубопитен, а понекогаш и палав, како и секое друго дете на таа возраст, но и те како знае да биде и мил. Како точно да знае кога имам потреба од неговата прегратка или бакнеж, не чека да го побарам го едното или другото од него. Среќно дете е. Ноа е моето срце.
* Што ви се допаѓа најмногу во Скопје? Кои ви се омилените места, активности и храна овде?
- Скопје
има навистина убава природа и нуди одлични можности да прошетка, пешачење и
одмор. Не можам да изберам само едно омилено место во природа, бидејќи има
премногу опции! Ги обожавам македонските свадби. Се чувствувам добредојдена на
нив и си поминувам одлично! Обожавам да играм оро! Омилено место за излегување
ми е барот „Баду“, а што се однесува до ноќниот живот, излегувам кога
можам – ги сакам хип-хоп вечерите во „Станица“ и ноќните клубови. Ги
сакам изданијата на Модната недела, бидејќи изобилува со талент за
дизајн. Секогаш сум отворена за нови настани во градот. Кога се работи за
храна, ЈА ОБОЖАВАМ македонската кујна. Омилено јадење ми е полнети бабури,
омилен десерт ми е сутлијаш, а во цела Македонија најдобро готви мојата
свекрва.
* Што најмногу ви недостасува од дома?
- Освен тоа што ми недостига разновидноста, најтешко ми паѓа тоа што ги пропуштам сите важни настани од животот на моите најблиски. Пропуштив раѓања на деца, свадби, погреби, роденденски забави, матурски прослави и многу други важни настани.
* Кога започна вашата музичка приказна?
- Пеам уште од малечка, но тогаш пеев во црковниот или училишниот хор.
* Имате одлична песна со Гаро Тавитјан, Ocean Dream. Како се запознавте со Гаро?
- Ти
благодарам! Гаро е супер. Пеев во „Скопје госпел хор“ и го запознав на
настан на кој и двајцата настапивме, но си кажавме само едно „здраво“. Немав
претстава кој е. Се дружи со диригентката на хорот, па ја прашал дали би била добар
избор за соработка за песна, на што таа му одговорила потврдно. Ми пиша преку
„месинџер“ за да ме праша дали сум заинтересирана за соработка. Кога му кажав
на сопругот, тој ме праша: „Не знаеш кој е тој?“ Хехе, Гаро ми е како брат.
Талентиран е, но и мошне скромен. Во мене препозна нешто за коешто не бев
сигурна дека го имам. Најмногу од сè сум му благодарна за нашето
пријателство.
*Дали можеби тестот од песната ѝ е посветен на вашата земја?
- Убавата работа во музиката е тоа што е отворена за толкување. Гаро го напиша текстот, а јас само граматички го коригирав на неколку места. Гаро е генијалниот ум што стои зад текстот. Кога ја испеав песната, ме поттикна да размислувам за некои нешта. Се почувствував како да сум дома, но најмногу ме поттикна да размислувам за моите соништа и цели – дека колку и да се чинат далечни, сепак се достижни.
* Кажете ми повеќе за твоите идни професионални музички проекти?
- Камо
да можев да кажам нешто повеќе; сè уште ништо не знам. Навлегов во тие води, но
одам чекор по чекор. Со Гаро имаме музика, а минатиот ноември учествував и на
фестивалот “Од ребро до рокенрол 2“, во организација на Александар
Ристовски-Принц. Принц е прекрасна личност и ме извлече од мојата зона на
удобност на фестивалот. Неодамна се оствари и една мала соработка, но не знам
дали во моментов смеам да ја спомнам. Требаше да настапувам на Виенскиот бал
2020, заедно со Петар Ренџов и неговиот бенд, но, за жал, коронавирусот ни
го попречи планот. Отворена сум за секакви можности. За мене, која било
отворена врата е можност за истражување и шанса да дознаам каде таа
води.
- Вистинската Паула ја сака слободата и е полна оптимизам. Сакам да патувам, да се дружам со семејството и пријателите, да посетувам настани, да танцувам цела вечер со пријателите и семејството, да одам на вечера и да уживам во добра книга или филм. Не ми треба многу за добар помин. Ако се смеам или сум насмеана, значи супер си поминувам. Ви благодарам многу за интервјуто!
Милица Џаровска