Се празнува Марковден, народот верува дека ова никако не треба да се прави: Еве кои обичаи го следат овој празник

Македонската православна црква и верниците денеска го слават Свети Марко, писателот на едно од четирите евангелија. 

Се верува дека оној што ќе згреши денес и не го послуша апостол Марко, ќе биде казнет во форма на бури и громови кои ќе го уништат неговиот имот. Затоа на овој ден земјоделците не работат ништо на нивните ниви.

Му беше сопатник и помошник на апостолот Петар, којшто во своето Прво послание го нарекува син свој, не син по тело туку по дух. Кога Марко беше во Рим со Петар, верните го замолија да им ја запише спасоносната наука на Господ Исус, Неговите чуда и Неговиот живот. Така го напиша Светото Евангелие, коешто го виде и го посведочи за вистинито и самиот апостол Петар. Тој го постави Марко за епископ и го испрати на проповед во Египет. Така тој беше првиот проповедник на Евангелието и првиот епископ во Египет. Египет беше сиот притиснат од густиот мрак на незнабоштвото, гатањето и злобата. Со Божја помош Свети Марко успеа да го посее семето на Христовата наука низ Либија, Амоникија и Пентапол. Од Пентапол, воден од Духот Божји, дојде во Александрија. Таму успеа да ја заснова Црквата Божја, да постави епископ, свештеници и ѓакони и сè добро да утврди во благочестивата вера. Својата проповед ја потврдуваше со големи и многубројни чуда. Кога незнабошците подигнаа обвиненија против него, како против разорувач на нивната идолопоклонска вера, а градоначалникот почна да трага по него, тој побегна повторно во Пентапол и таму продолжи да го утврдува своето поранешно дело. После две години, Свети Марко, на голема радост на верните чијшто број во меѓувреме се умножи, се врати во Александрија. Тогаш го фатија незнабошците, цврсто го врзаа и почнаа да го влечат по калдрмите викајќи: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот ранет и искрвавен го фрлија во затвор. Овде најнапред му се јави Ангел небесен и го храбреше и го крепеше. Потоа му се јави Самиот Господ Исус и му рече: „Мир на тебе, евангелисту Мој!“ А Марко Му одговори: „И на тебе, Господи мој, Исусе Христе!“ Утредента злочестивите луѓе го извлекоа од затворот и повторно го влечеа по улиците, извикувајќи го истото: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот измачен и истоштен Свети Марко изусти: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!“ и издивна. Неговите свети мошти беа чесно погребани од христијаните. Низ вековите им даваат исцеленија на луѓето од маките и од болестите.

Денешниот ден се смета за „благ ден“, време за одмор и молитва. Оваа традиција се префрлила и на други занимања - денес воопшто не треба да се работи бидејќи се верува дека Свети Марко шета по светот со корпа полна град, па кој работи праќа бура која ќе го следи во текот на целата година.

Исто така, лош ден е и за месечарите! На овој ден, народот верува, не треба да дремете во текот на денот бидејќи така ќе бидете немирни, поспани и болни цела година.

Исклучок се оние што веќе „згрешиле“ и спиеле на Ѓурѓовден - треба малку да дремнат и на Марко, бидејќи така ќе го „поништат ефектот“ од претходниот сон и тие нема да биде „казнет“.

Денешниот ден, кој го нарекуваат Ден на мајсторите, особено го прославуваа ковачите, кои веруваа дека глувците ќе си го гризат мевот ако работат на тој ден.

Денот посветен на Светиот апостол и евангелист Марко - Марковден црквата го празнува на 8 мај според Грегоријанскиот календар, т.е. 25 април според јулијанскиот календар. Тоа е празник посветен на Христовиот ученик и прв помошник на свети Петар, Марко, кој на барање на верниците напишал книга за чудата и учењето на Исус.

Според преданието, така е создадено првото евангелие.