„Се родив, на 40 дена ме донесоа во Долно Дупени, и после со години, не знаев за друго место за летување“: Интервју со Мијата
Мијата скоро 16 години е во брак со нејзиниот сопруг Златко, со него ги имаат синот Калин и ќерката Никита.
„Монотонијата е таа која го убива бракот“, смета таа и затоа вели на еден маж потребна му е слобода, исто како и на една жена. Просторот и времето кои си го даваат помеѓу себе брачните другари, е важно за одржување на еден брак. „Среќен брак треба секој од партнерите засебно да се чувствува среќно и исполнето“, е тајната формула на Мијата за среќен и успешен брак.
За патувањата, музиката, нејзиното детство во Долно Дупени и спомените од едно убаво детство, како и тоа како е да се биде родител на тинејџери, Мијата открива во интервјуто во продолжение.
ЖМ: Постои ли формула за одржување на среќен брак?
- Мислам дека монотонијата го убива бракот. Затоа најважно во една брачна врска е да се остави простор за секој од партнерите да расте и да се развива во која насока сака. Ние не сме истите луѓе од пред дваесетина години, и со личната еволуција само носиме нова содржина во бракот. Ако се заседне човек во некоја одредена фаза може и на партнерот да му се досади. За среќен брак треба секој од партнерите засебно да се чувствува среќно и исполнето.
ЖМ: За 15 години од брак со сопругот Златко бевте на патување на Исланд. Како обично ги прославувате годишнините од брак, имате ли некоја практика или ова патување беше случајност?
- Поголемите јубилеи ги одбележуваме со патување на некоја дестинација која ни била на „списокот“. Исланд го посакувавме уште откако Златко се врати од професионално патување натпревар Исланд – Македонија во 2008-ма година целиот импресиониран од тоа што видел таму. Во текот на годината сакаме да одиме барем на едно ново место што не сме го посетиле дотогаш, без разлика дали е некој град во Македонија или некоја нова егзотична дестинација.
ЖМ: Колку често сопругот знае да ви приреди изненадување?
- Секојдневно. Некогаш пријатно некогаш непријатно.
ЖМ: Велат дека најубавите спомени се прават од патувања. Колку често имате прилика семејно да заминете на патување?
- Често патуваме фамилијарно, најмалку два пати годишно. Тоа е наш начин да им надоместиме на децата што поради сменското работење најчесто мајката не им е слободна секој викенд.
ЖМ: Има ли земја која имате желба да ја посетите, а не сте имале можност?
- Има секако, има многу. Јапонија, Аруба, Чиле, Тајланд, Норвешка, Костарика, Маурициус …
ЖМ: Топлите месеци се обично резервирани за семејните одмори, каков е вашиот план за ова лето, дали одлучивте каде ќе летувате?
- Нашиот одмор е веќе почнат наголемо (се смее). Оваа година мојот одмор се падна во втора половина на јуни, и дестинацијата за ова лето одлучивме да биде Тенерифе. Ова е наше трето патување на овој остров во изминатите десет години, и верувам дека нема да биде последен, зашто Тенерифе ги има сите содржини потребни за перфектен наш фамилијарен одмор.
ЖМ: Што најмногу ви се допаѓа во летото, како годишно доба?
- Летото е мое годишно доба бидејќи сум родена во лето. Некако лесно се носам со жешкото време, а гледам дека и комарци не ме јадат. Во лето најмногу ме радува тоа што денот трае долго, а тука на Тенерифе се стемнува уште подоцна – во 9 и пол навечер.
ЖМ: Дали летото во споредба со другите годишни времиња е поинспиративно за нова музика? Што подготвува ново Мијата на музички план?
- Ова лето го започнав со соработката со Brass Brothers и нашата заедничка клупска трака „I wanted More“ и мислам дека ова лето ќе биде во знак на настапи во живо. Тоа секако ќе биде со интензитет колку што дозволува работниот распоред, бидејќи и таму е турбо со новите ученици контролори на летање кои се во завршна фаза од својата обука.
ЖМ: Какви спомени носите од детството, кога ќе се спомене летување? Каде најчесто летувавте со вашите родители и сестра?
- Се родив, и на 40 дена ме донесоа во Долно Дупени. И после со години, можеби два-тринаесет години јас за друго место за летување не знаев, а и не сакав да чујам. Дел од летото ќе отидев и до Котража, Србија, да ги посетам другите дедо и баба и братучедите, ама во Дупени бев вистински среќна. Со друштва, со плажа, со баба што ме чуваше како очите и која ме научи да сакам да работам. Преспа со сите збиднувања во текот на летото беше магично место за сите фази на животот на едно дете, па и на тинејџер. Кога потпораснавме со друштво одевме во Крани, па се дружевме со млади дојдени во сите села на летување. Некако сите работи што не можевме да ги правиме во Скопје, таму беа возможни.
ЖМ: Имате потекло од Долно Дупени, која ви е првата асоцијација за ова место?
- Дупени за мене е поим за среќа, забава, и заштита – сигурно катче. Дури и за време на короната со моето семејство повторно се вративме на корените дупенски. Секако дека детските очи ги гледаат само позитивните работи, но и ден денес се трудам да ги игнорирам негативните нешта и да го зачувам чист споменот на моето детство во Долно Дупени.
ЖМ: Ова е вашиот месец, затоа што славите роденден. Како обично го прославувате роденденот и има ли нешто посебно што правите на овој ден?
- Минатата година за мојот роденден, на 28-ми јуни, одржав концерт во Куршумли Ан во рамките на Скопско Културно Лето. Тоа беше круна на вториот албум „VIDA“. Немам некој посебен ритуал за роденден. Оваа година за прв пат ќе го славам на одмор. Секоја година различно, како налагаат условите.
ЖМ: Како е да се биде мајка на тинејџери?
- Па не било лесно … Интересно е, ама лесно не е … И тоа што ние сме родители отворени за дискусија на секакви теми … но за жал, свесни биле ние или не, други сили ни ги воспитуваат децата. И во наше време телевизијата беше јако орудие, но ова сега што се случува … такво интензивно перење мозок преку електронски уреди, многу ми е жал за сите деца генерално. Душичиња не се ни свесни што им се случува.
ЖМ: Какви деца се Калин и Никита, кој е на мама, а кој на тато?
- Мешани се, ама вака генерално би рекла дека Калин е на Златко а Никита на мене.
ЖМ: Разговорите помеѓу родителите и децата се најважни за едно хармонично семејство. Знаат ли вашите деца да споделат тајни со вас или да разговараат за одреден проблем?
- Нашите деца споделуваат колку што сакаат тие. Никита е помалечка и споделува повеќе, а Калин многу помалку. Децата мораат да имаат свои тајни, тоа ги прави да се чувствуваат моќно, одговорно и им дава чувство на самостојност дека се во можност сами да одлучуваат за некои работи. Сепак ние сме тука да ги набљудуваме и да разговараме за секоја тема и промена во нивниот живот.
ЖМ: Дали има ограничувања за користење на технологија во вашиот дом?
- Цело време има рестрикции за користење на технологија во нашиот дом и пак чувствувам дека не успеваме да го минимизираме тоа влијание во нивниот живот. Калин до 11 и пол години немаше свој телефон и во училиште не носи воопшто телефон, ама кога ќе дојдам дома и ќе видам како гледа јутјубери што играат игрици … тогаш се чувствувам толку немоќно и сфаќам дека за тешка електронска дрога допаминска зависност се работи.
Никита ќе полни 9, и со неа сè уште ни е полесно времето пред телевизор да се стави под контрола, ама и содржината што таа ја гледа ми се чини покорисна. Ама ќе видиме…
ЖМ: Какви афинитети покажуваат Калин и Никита?
- Калин сака спорт и музика, (кошарка, фудбал, рапери), за школо да не чуе ако може. Никита многу сака школо, со радост оди, сака балет, акробатски вежби, музика и мода. Ќе видиме како ќе се развијат понатака. И за нас како родители е интересно секој ден да ги спознаваме личностите што се формираат пред наши очи.
Габриела Додевска ГлигоровскаФото: Инстаграм