Се воздржувам да не заплачам: Тамара од Тел Авив за Женски магазин
Елегантна и шик беше Тамара Тодевска на портокаловиот килим во Тел Aвив, на забавата по повод официјалното отварање на 64. Избор за песна на Евроивизија.
Дизајнерот Александар Ношпал за неа избра црно свилено здолниште и палто во иста боја. Во тон со Тамара беа облечени и придружните вокали: Антониа Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев, како и целата екипа.
„Си поминавме одлично. Агендата е напорна, но ни причинува задоволство секој миг поминат овде“, ни изјави Тамара од Тел Авив. „Тамара овде е вистинска ѕвезда, фановите полудеа по неа“, ни изјави Коста Петров, авторот на текстот на песната „Proud“.
На прес конференцијата по повод претставувањето на македонската евровизиска делегација, поп-ѕвездата изјави дека додека пее не може да ги совлада емоциите и ѝ доаѓа да заплаче.
„Постојано мислам на мојата ќерка додека пеам, на моите деца и не можам да ги совладам емоциите, ми доаѓа да заплачам. Ја создадовме оваа песна за нас, за тебе, за тебе исто така, за сите нас. Чувствувајте се горди на тоа што сте“, рече Тамара на прес конференцијата која ја пренесе Македонската телевизија, покажувајќи накај присутните новинари.
„Мојата ќерка ме поддржува од дома. Таа не е тука со мене. Ме праша: „Каде си?“ Јас ѝ реков: „Еве ме крај морето“, и таа ми одговори: „Ги облекувам моите чевли и доаѓам“, изјави таа на забавата.
Првото полуфинале на „Евросонг“ е утре, а Тамара настапува на второто полуфинале, во четврток. (М.Џ.)