СЕЌАВАЊЕ НА ДРАГАН НИКОЛИЌ: Македонските актери за легендарниот уметник

Добивај вести на Viber

Викендов се навршуваат две години од смртта на великанот на српската актерска сцена Драган Николиќ. Со легендарниот уметник, најпознат по улогата во култниот југословенски серијал „Отпишаните“, имаа можност да соработуваат и повеќе македонски актери, меѓу кои се Мето Јовановски и Коле Ангеловски.

Јовановски кој е еден од нашите најпознати актери со Николиќ глумеше во еден филм и во телевизиската серија „Село гори, баба се чешла“. Тој во една прилика истакна дека Драган е великан кој на многу едноставен начин умеел секојдневието да го преточи во возвишен креативен сценски живот.

- Маркантна актерска појава во филмското и театарското глумиште. Одигра значајно успешни, супериорни улоги со многу награди и признанија. Со својата креативна моќ апсолутно ја освои и придоби севкупната театарска и филмска публика. Едноставно добар пријател, актер, човек со голема душа и срце – рече Јовановски.

Само пофални зборови за Николиќ имаше и нашиот докажан театарски и филмски актер, режисер и сценарист, Коле Ангеловски.

- Бевме големи пријатели. Се запознавме за време на студиите во Белград и низ годините заедно снимивме 7-8 филмови. Се дружевме секогаш кога доаѓаше во Скопје или кога јас ќе заминев во Србија. Имаше многу анегдоти со него. Кога заедно полагавме античка книжевност во првата година од студиите, професорот го праша за софистите. Драган, мртов ладен, одговори: „Како не знам. Тоа се обожавателите на Софија Лорен“. Доби шестка и беше пресреќен–раскажа Ангеловски.

Драган Николиќ почина на 11 март 2016 година. Неговите брилијантно одиграни улоги засекогаш ќе се паметат. Исклучително талентиран и шармантен. Имаше разновиден, динамичен и многу плоден животен и творечки опус. Беше голем актер, но и човек.

Подготви: Ѓорге Стојанов