Секогаш ќе го изберам здравјето отколку потребата да свртиме едно оро: Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, експерт за протокол

Добивај вести на Viber

Сите познати протоколи на однесување, дипломатско и граѓанско, пријателско и професионално, љубовничко и џентлменско, последниве шест месеци по прогласувањето на пандемијата целосно се променија. Луѓето се несигурни за многу нешта. Како треба да се однесувам, како се очекува да работам, што треба да сторам? Протоколот, кој досега беше прилично јасен за многу ситуации, сега наеднаш се менува, и тоа секојдневно и во од. Штотуку завршениот самит на ЕУ во Брисел, прв одржан лице в лице по месеци на исклучиво виртуелна комуникација, покажа дека и дипломатите се исто толку несигурни околу новите правила на однесување.

Со Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, основач и директор на Академијата за протокол на Македонија и меѓународен консултант по деловна етикеција и дипломатски протокол, со повеќе сертификати стекнати и усовршени во Вашингтон, Брисел и Лондон, се обидуваме да навигираме низ новите правила – во дипломатијата и во секојдневниот живот. 

*Шест месеци по почетокот на ковид-пандемијата, дали е новиот протокол на однесување веќе составен? Или е тоа постапка во процес?

-Пандемијата предизвика спонтано менување на правилата на однесување, а со тоа и на она што се нарекува дипломатски протокол или меѓународен систем на куртоазија. Со оглед дека станува збор за глобален проблем, а државите ги следат препораките на СЗО, главните препораки се однесуваа на телесните допири и дистанцата. И тоа веднаш промени неколку клучни работи – ракувањата, растојанието на кое што се стои, собирите. Ракувањето е универзален поздрав кој секаде и отсекогаш значел срдечност, доверба, пријателство, соработка. Ракувањето беше прифатено и во култури кои имаа други традиционални начини на поздравување, кои со пандемијата доживеаја „камбек“ – намасте (спојувањето на дланките како за молитва), поклонувањето со главата или благо свиткување во рбетот, или замавнување со раката. До пред некоја недела удирањето со тупаници или чукањето на подлактиците беше дозволено, сега и тие два начина се сметаат за благо опасни бидејќи доаѓа до контакт и се намалува растојанието меѓу двајцата, па и тие полека се избегнуваат. Значи, дојдовме до целосно исфрлање на стандардиот начин на допирање или доближување, дури во лифт сега не можете да влезете доколку внатре има друг, но мерките за заштита на човечкиот живот секогаш имале и треба да имаат првенство над другите правила.

*Новиот дипломатски протокол од штотуку завршениот ЕУ-самит во Брисел постави назнаки, слични на секојдневно однесување на граѓаните. Има ли нешто што експертите за протокол гледаат (и знаат) зад уловените моменти на новинските фотографии?

Институциите на Европската унија уште одамна започнаа на упростување на дипломатскиот протокол заради обимот на нивните меѓународни контакти и посети и придржувањето на стандардните протоколарни правила ќе значеше отежнување на нивната секојдневна работа. Замислете како би било ако секојдневно примате по десетици официјални лица и секому би требало да постилате ќилими? Но, тоа не значи дека практичноста на ЕУ протоколот одеше на штета на љубезноста и почитувањето, сепак елементите на куртоазија се задржуваа, само што беа многу попрактични и поедноставни.

Сега, со оглед дека станува збор за  пандемија и целото човештво се соочува со истата опасност, новите начини на церемонијалот се применуваат многу лесно зашто знаете дека другата страна нема да се навреди бидејќи минува низ истото. Знаете дека Макрон нема да приговори доколку Меркел  стои на 3 метра од него и не се поздрави, затоа што вирусот е и во Франција и во Германија. Дипломаткиот протокол и системите на куртоазија доживеаја целосно прилагодување на новата ситуација до таа мерка што дури и ако сакате да се поздравите на стандардниот начин, ризикувате да бидете критикувани од останатите. Средбата на хрватскиот премиер Пленковиќ и претседателот Милановиќ пред некој ден покажа дека  дури ако едниот пружи рака, другиот може да ја одбие, што ве доведува во уште понепријатна ситуација. Изјавата на Пленковиќ „Вие мислите дека е кариес, ама јас мислам дека е опасен вирус“, покажува дека цената на личното здравје и заштита е многу повисока од пружената рака. ЕУ Самитот покажа колку сериозно ја сфаќаат пандемијата европските лидери, не видов во ниту еден момент да бидат симнати маските, а и останатите светски лидери кои покажуваа одредена доза на инает на почетокот многу бргу сфатија дека вирусот не е играчка и дека нивниот лош пример го следеа многу нивни граѓани што доведе до катастрофални последици со бројот на заболени.

* Има ли нови начини за искажување срдечност и насмевка, во претпоставените нови протоколи, сега кога лицето е покриено со маска?

Маските кријат голем дел од фацијалната експресија, а изразот на лицето има огромна улога во поддржување или побивање на вербалната порака. Ако некому упатувате комплимент или позитивна порака, тaа позитивна порака треба да ја изразите и невербално. За жал, она што ви останува е движењето на очите, бидејќи остатокот е покриен со маска. Срдечноста и насмевката сега ќе мора да ја изразите со тонот на гласот и останатиот дел од телесната гестикулација, движење на рацете, позицијата на телото и сл. Ако дојдете во ситуација да се сретнете со некого и ако го поздравите, а заради маската на лицето тој не може да одгатне кој сте, кажете си го името гласно, не симнувајте ја маската.

*Колку новите правила на однесување влијаат на човековата комуникација?

Поминавме на целосна он-лајн комуникација, од што не беа поштедени ни државниците ниту дипломатските средби и контакти. Целата дипломатија стана виртуелна, каде што контактот со другите е преку екран, каде што зависите од техничките услови и стабилноста на интернетот, каде што мора да бидете кратки, концизни и каде што контактот со очите со вашите соговорници сега е зјапање во точката на камерата.  Масовните собири и меѓународни конференции станаа речиси невозможни, особено што 99% од нив се одвиваат со симултан превод на поголем број јазици и сето тоа сега е невозможно бидејќи онлајн платформите не овозможуваат истовремен превод на толку многу јазици. Понатаму, не секој е обучен и знае да ја користи новата компјутерска и комуникацијска технологија, се случува системот да падне, да нема тон, да не може да се пристапи до каналот на саканиот јазик.

Друг недостаток е и целосното отсуство на личните контакти, меѓусебните средби, дружењето... Не сакајќи влеговме во нова ера која можеби се чинеше дека ќе биде во далечна иднина, но ни дојде многу поскоро и бара трпение и прилагодување од сите. Но, нивото на професионалност и  стандардните форми на однесување мора да се задржат секаде каде што е тоа можно, за да не дојде до целосен распад на системот, на пример, за зум средбите не значи дека треба да застанеме пред екран во пижами, a зад нас да се гледа ненаместен кревет, или пак дека треба да ги исклучиме формите на љубезност и обраќање само затоа што не се гледаме со луѓето лице в лице.

* Протокол за ресторани, протокол за свадби, протокол за базени, за маркети, за работа, претпоставувам наскоро и на училиште. Што е, од гледна точка на вашата професија, најпредизвикувачки во целата оваа ситуација?

-Најважно е човечкото здравје и живот. Секој од нас мора да почитува правила бидејќи тоа е она што не држи како модерно уредено општество. Секое игнорирање на правилата, било за КОВИД-19 или за друго, нè води во анархија која ќе биде погубна за сите. Ниеден од нас не е изолиран и безбеден, доколку не се безбедни и тие околу нас. Несфатлива ми е неодговорноста на некои од нашите сограѓани -  дури и кај политичарите гледав ескивирање на мерките за заштита и тоа само покажува дека сè уште не сме дојдени до ниво каде што ни работи самосвеста, туку сме на ниво каде што дури ни казните немаат ефект, а тоа е поразувачки. Правилата се менуваат онака како што налага ситуацијата и мора да ги следиме. Вирусот е таков, непредвидлив, непознат и логично е да го дознаваме „во од“, а со тоа ќе се менуваат и мерките за заштита. Се појави една нетрпеливост меѓу оние кои почитуваат и другите, читам и гледам препирки и докажувања и во реалноста и по социјалните мрежи, почнавме да се делиме на „тие“ и „ние“, како да нè ни беа доволни поделбите по други убедувања. Очекувам оние што ги избравме на изборите да бидат пример за останатите, очекувам конечно да созрееме и да сфатиме дека не сме најумните и не сме најучените и дека од ова мора да излеземе помудри како општество. Секогаш попрво ќе го изберам моето и вашето здравје отколку потребата да се изгушкаме или да свртиме едно оро. 

Јасна Франговска

*Таа е активен учесник и говорник на многу меѓународни настани поврзани со протоколот, автор на повеќе научни трудови за дипломатски протокол и етикеција меѓу кои и Научната конференција во Харвард, Бостон, а континуирано извршува обука по деловна етикеција и дипломатски протокол во државните институции во Република Македонија. Во 2003 година е добитник на наградата „Бенџамин Франклин“ на американскиот Стејт Департмент за создавање и усовршување на протоколарната база на податоци за потребите на амбасадата, а во 2008 беше прогласена за една од десетте најуспешни жени менаџери од страна на Агенцијата МАРИЛИ.

* Таа е акредитиран симултан толкувач од страна на институциите на Европската унија, Меѓународниот трибунал за воени злосторства на ОН во Хаг, како и многу други меѓународни институции. Зборува англиски, хрватски и италијански.