Секој кој има можност треба да остави нешто убаво зад себе: Утринско кафе со Марија Јанеска

Денот ми започнува многу едноставно, лежерно што би се рекло. И секој ден е различен, од причина што рутини баш и не сакам. Сакам да искористам што е можно повеќе од утрото додека не започнале секојдневните обврски.Тоа што ми е констатно е утринската рутина за нега на лице без која дефинитивно не можам! Работам за компанија од Чикаго и имам флексибилно работно време што ми дозволува вежбањето да ми е наутро со цел да имам енергија за целиот ден. Останатите денови, оние полежерните, си дозволувам да се наспијам. Со партнерот работиме од дома и првото утринско кафе е секогаш во термос и спремно за утринска прошетка со кучето. Потоа може да почнеме со сѐ останато, а тоа најчесто е избалансиран доручек и подготовка за работа. 

Ме мотивираат секојдневните приказни и луѓето кои прават некаква добрина. Било каква! Сметам дека секој кој има можност треба да остави нешто убаво зад себе и да помага што е можно повеќе. Ме мотивира мојот тренер Елена Бубало, која неуморно ми го менува животот веќе 3-та година со здрави навики. Живееме во еден дигитален свет, каде што секое споделување на знаењето е од некаква корист. Не сум личност што често бара мотивација бидејќи тоа е нешто интимно и доаѓа од различни извори и опкружувања, но сакам и кога јас лично мотивирам некого. Тоа може да биде споделен рецепт, совет за кариера, или насоки од маркетинг аспект кон млади луѓе кои сакаат да слушнат нешто ново. 

Во текот на денот единствената обврска што е рутинска е 3 до 4 прошетки со кучето, што е одлично бидејќи да го немав најверојатно немаше да бидам толку раздвижена! Така што тоа започнав да го сметам како едно убаво поминато време наспроти обврска. Останатото време е поминато во работа, состаноци со тимот, готвење на домашна храна бидејќи работам од дома, споделување интересни теми на мојот инстаграм профил , време за себе, семејството и пријателите. За време на викендите сакам да поминувам што е можно повеќе време надвор и во природа или со мојата помала сестра. 

Во 2020-та година со почетокот на пандемијата веднаш стартувавме со работа од дома. Тогаш работев по американско време во компанија од Њујорк и тогашните карантини воопшто не ми влијаеа негативно бидејќи тие саати јас секако бев на работа додека утрото и попладнето ги користев максимално за себе. Лично го земав времето кое ми беше потребно, како и на многу луѓе за време на пандемијата. Целата ситуација мене лично психички почна да ми влијае многу последнава 2021ва година, од причина што се уште го живееме новото нормално, а навикнати бевме на социјални настани, интеракции со луѓе и многу повеќе. Би дала порака дека колку што е битна грижата за нашиот имунитет, подеднакво битно е и нашето ментално здравје. 

Денот секогаш завршува со партнерот и нашето куче, тоа може да биде долга вечерна прошетка низ нашата населба Аеродром каде има многу паркови и сме благодарни поради тоа со оглед на ситуацијата во Македонија и како се гради во последно време. Некогаш практикувам вечерна јога, или истегнување пред спиење. Повеќето од нас поминуваме по 8 часа и повеќе на лаптоп, и е прилично битно да бидеме раздвижени. Други денови сакам да зготвам добра вечера со убаво вино и да погледнеме некој филм. 

Секогаш сум за книга! Книгата ми претставува мини портал кон нови светови. Морам да признаам, оваа година многу потешко ми е да го ставам читањето како приоритет, но се трудам максимално па некогаш тоа да се и само 10 страници дневно. Моментално ја читам The Glass Bead Game од Херман Хесе. Гледам и филмови секако, но бидејќи нема премногу нови се навраќам на постари филмови или на мини серијали од кои ќе научам нешто ново. 


*Марија Јанеска - Маркетинг Менаџер*