„Секој пат кога животот ми сервирал тага и болка, тоа го преточував во песна“: Нина Бадриќ специјално за Женски магазин
Oд првиот ден
кога се појави на музичката сцена на поранешна Југославија, Нина Бадриќ ги „купи“ сите со
својот магичен глас, позитивна енергија и харизма која никого не остава
рамнодушен. Години подоцна, ништо не е променето, напротив, со своите песни, од
кои повеќето се авторски, знае да расплаче многумина, а со своите шеги да насмее до солзи, токму затоа е драг гостин каде и да се појави. Искрена и
спонтана, Бадриќ за себе многупати има изјавено дека не поднесува лаги и игри
кога е во прашање љубовта, но и генерално односите со луѓето и жали, што овие негативни особини денес се многу чести, па во тие игри се губат оние кои вредат и се
сакаат. Токму на оваа тема разговаравме и за Женски магазин, но, со оглед на
тоа дека не е чест гостин во Македонија, разговорот го започнавме со она што прво го прави кога ќе пристигне во нашата земја.
Ж.М.Што прво правите кога ќе пристигнете во Македонија, кој е вашиот „ритуал“?
Од аеродром веднаш одам во еден скопски ресторан и буквално јадам од сите можни јадења кои јас ги обожавам, а ги нема во Хрватска. Печени пиперки, грав, печурки, зеленчук, разни салати... се она што тие ќе ми подготват, тоа е прекрасно.
Ж.М. Премногу хитови „Da se opet tebi vratim“,„Carobno Jutro“,„Dodiri od stakla“, „Dani I godine“… Сите овие текстови се прекрасни и љубовни, па би сакала да прашам, со оглед на тоа дека на многу ваши песни се потпишувате како текстописец, колку во овие стихови има дел од вашиот живот?
Ох, има во секоја. Без оглед на тоа што повеќето текстови се авторски, како текстот така и музиката, и оние песни кои не сум ги напишала јас, наоѓам начин да се соживеам со текстот кој го пеам, како да е моја приказна. Така што во секоја песна има дел од мене.
Ж.М. Велите дека романтичните филмови ја имаат „искривено“ перцепцијата за тоа што значи вистинска љуов, поточно, дека реалноста е далеку посурова. Дали некаде длабоко во себе верувате дека постои искрена и вистинска љубов?
Апсолутно, и денес тврдам, поточно, моето мислење е дека
холивудските филмови ни ја искривија нашата перцепција за љубовта. Тие
направија една нереална слика, за некакви односи кои во реалниот живот не
постојат. Јас и покрај тоа верувам дека некаде постои, не идеална љубов, туку
вистинска љубов за секој од нас. Секој од нас има некаква „идеална“ приказна,
секој од нас бара богат, некој добар, некој пак бушав партнер хахаха, секој од
нас е различен.
Ж.М. Во една прилика имате изјавено дека животот почнува по 50-те години, тогаш жените се „свесни“ за себе, за своите квалитети, остварени, а и навистина, вие никогаш не сте изгледале подобро од денес. Што е тоа што ве исполнува, со оглед на тоа дека зрачите со посебна енергија која сите ја забележуваат?
Јас се шегував кога го кажав тоа, но дефинитивно она кое зрачи од мене е мирот кој низ животот го стекнав. Во тие години кога си млад, трчаш за сите, несигурен си. Пред се пости една голема несигурност, дали си доволно добар, дали на некој ќе му се допаднеш, дали за некој ќе бидеш добар, дали ќе ги исполниш туѓите очекувања... А тогаш кога животот малку ќе те „ошамари“ и скрши, тогаш сфаќаш дека единствените очекувања кои треба да ги исполниш се своите. И кога на тој начин човекот, поточно жената почнува да живее, во некои зрели години, кога веќе многу од тоа го остварила, кога има финансински мир, дека се тоа го има сама створено... во животот можеш на друг начин да гледаш работите околу себе. И не трчаш повеќе за никого.
М.Ж. Колку е тешко да го реализирате сето она што го "бара" славата, со оглед на тоа дека сте под постојана лупа на јавноста, „мета“ на папараците, новинарите, фановите... Потребно е постојано да изгледате убаво средено, да внимавате буквално на се?
Скеако дека не е лесно. Тешко е, поточно напорно е бидејќи сите, во секој момент очекуваат да изгледате добро, да сте насмеани, среќни, да сте љубезни, да сте без проблеми... а тоа е невозможно. Тоа е навистина невозможно. Во илјада животни ситуации, луѓето ме имаат водено без шминка, на плац како го шетам кучето во тренерки, како фрлам ѓубре... На овие простори јас не познавам личност која живее холивудски, вонземски живот, можеби само Лепа Брена со својот статус кој одамна го има заслужено, или тие некои ѕвезди од поранешните Ју простори кои станаа ѕвезди, но ние поновите, така би се изразила, не е возможно да живееме така. Некогаш ќе излезеш лошо на фотографиите, денес сите имаат телефони и камери, па ќе те „фатат“ во сите ситуации. Не можеш ниту да бидеш постојано расположена и насмеана, некогаш едноставно ти се случиле илјада проблеми за кои луѓето незнаат дека ги носиш и со што се живееш, а ти пред нив мораш да носиш насмевка. Всушност така изгледа оваа професија.
Ж.М. Се вели дека многу жени кои не се во брак, најчесто изгледаат одлично бидејки „нема кој да ги нервира" без оглед дали никогаш не се омажиле или се разведени. Сметате ли дека убавината на жената особено по 40-те, најчесто „лежи“ во тоа што е слободна?
Хахахаха. Не би се сложила со тебе, но, судејќи по своите пријателки кои се разведени, а за жал ги има многу, морам да признаам дека секоја од нив заблеска по разделбата. Така што се гледа дека едноставно го превземале животот во свои раце. Како се вели, „кога животот ти дава лимон, направи си лимонада“ и погледни, дали од се лошо можеш да извлечеш нешто добро. Мене секој пат кога животот ми сервирал болка или тага, тоа го имам преточено во некоја песна која на крај публиката ја засакала, а јас пак сум нашла еден начин на кој моето страдање или болка го имам претворено во нешто добро. Сметам дека секоја една жена треба да биде силна и своја.
Елеонора А.