СЕКСУАЛНА ПАНДЕМИЈА

СЕКС! Најупотребуваниот и најтабуизираниот збор во македонската азбука. И покрај неговата широка примена во реалниот живот (не само на зборот, туку и на чинот) кога станува збор за изучување на сексуалната култура и пред сè на здравствената култура, главите на некои луѓе се зариваат како ној во песок. Дали само мене ми е несфатливо дека денес, во 21 век, сè уште има луѓе кои сметаат дека не треба да го изучуваме своето тело, сексуалноста, репродуктивното здравје и со едукација да ги превенираме сексуално преносливите болести и непланираната бременост?! Не е ли потребно да ги култивираме и психолошките импликации на сексуалноста? И дали сакаме нашите деца да учат за сексот од порно филмовите или низ образовниот систем? Денес во 2021 година лажните морализатори шират лажна пропаганда против сеопфатното сексуално образование, нешто за кое прв пат гласно се залагав уште пред дваесеттина години во една од моите тогашни авторски ТВ емисии. Поминале дваесет години, а некои луѓе уште се со главата в ѕид... Поминале дваесет години, а некои болки сè уште имаат горчлив мирис...

Имав 18 години кога мојата другарка ми се јави со плачење. Речиси и да не можев да ја разберам што ми зборува низ пригушениот шепотлив глас. – „Бремена сум“ – најпосле успеа да проговори низ солзи. Се сеќавам на грутката што ми застана в грло. Се скаменив. Не знаев што да ѝ одговорам, ниту како да ја охрабрам. Низ глава ми поминаа сите нејзини соништа за иднината, факултетот на кој штотуку се запишавме, плановите за животот... И додека безутешно ја охрабрував, таа побара да разговара со мојот татко кој е гинеколог. За неа, тој беше чичко Васко, човекот кој ја знаеше од дете. Овој пат, во него гледаше лекар и спасител. Немаше дилема дека на 18 години не е подготвена да стане мајка, ниту пак реално имаше услови за тоа, сепак, одлуката да абортира ѝ беше најтешката одлука во животот. Со денови бев покрај неа додека го чувствуваше горчливиот коктел од вина, страв, срам и осуда. Рацете ѝ се тресеа долго после интервенцијата со која одлучи дека има право на избор. Абортусот е право на избор. Сепак, абортусот е една од најтешките одлуки во животот на секоја жена.

Набрзо потоа татко ми ми објасни дека голем е бројот на малолетни девојчиња кои и пред 18-та година забременуваат, па следствено, голем е бројот на абортуси и на малолетнички раѓања. Бев многу тажна. Размислував за сите тие девојчиња чии животи се обременети со комплицирани, непланирани состојби како последица на недоволна или несоодвтна едукација за сексуалното и репродуктивното здравје. Денес, после дваесет години од болната траума на мојата другарка, не  можам да се помирам со фактот дека сè уште има луѓе кои сметаат дека не ни е потребно сексуално образование! Дали овие луѓе размислуваат за иднината на своите деца? Имаат ли однос кон здравјето? Дали воопшто се запознаени со корпусот на сексуалните и репродуктивните права? Дали би ги препуштиле своите деца на „образование“ од интернет, од некои проблематични популарни содржини или уште пострашно - порно индустријата да им биде главна учителка?

Според истражувањата на Асоцијацијата за здравствена едукација - ХЕРА „во земјите со целосно развиени програми за сеопфатно сексуално образование, младите луѓе претежно го наведуваат училиштето како важен извор на информации за сексуалноста, а стапките на малолетнички раѓања се главно многу ниски. Во земјите, пак, каде што сексуалното образование речиси и не постои во училиштата, стапките на малолетнички раѓања општо земено се многу високи“.И бидејќи мојот татко е гинеколог, бев привилегирана да можам да зборувам отворено и слободно со него за здравствените и психолошките теми поврзани со сексот. Во многу семејства децата ги носи штркот. Во некои училишта професор(к)ите по биологија „се срамат“ да одговорат на „провокативните“ прашања на љубопитните тинејџери. Во некои општества како нашево, после долгогодишните истражувања за развој на програми за сексуалните и репродуктивните права, сè уште сексот се табуизира, а малограѓанскиот морал ретроградно „влегува во МерКУР“. Па, така, тврдокорните бранители на лажниот морал наместо да се информираат за програмите на ССО, шират дезинформации.

Фото: Ванчо Џамбаски

Навистина не успевам да сфатам што има спорно во тоа да се учи за овие важни компоненти кои всушност ќе го сочинуваат предметот ССО: род и пол, сексуално и репродуктивно здравје и ХИВ, насилство, граѓански аспекти и дискриминација, тело и слика за телото, врски и односи. Во предлог-концепцијата е ставен во групата на слободни изборни предмети, а не како задолжителен и колку што знам оваа година се планира само спроведување на пилот-програма во 9-то одделение, во четири основни училишта, со согласност на родителите. Изработен од Бирото за развој на образование, ХЕРА и група експерти,за жал, овој модел деновиве беше жестоко напаѓан од родители кои веројатно не се доволно информирани.

Но, во нашево општество како многу работи да не се јасни. Деновиве, покрај темпираните бомби со сексуалното образование, на тепет се и жртвите од „Јавна соба“, платформа која треба да се третира како кривично дело. „Жртвата никогаш не е виновна“; „Ако не ги казнувате силувачите, вие сте силувачот!“; „Додека жените не се слободни, сите сме заробени“ и слични други транспаренти достоинствено се извишија минатата среда на протестниот марш како поддршка на жените-жртви на платформата „Јавна соба“. Поддршката на ранливите категории е клучна во периодите на емоционална траума. За траумата, стигматизацијата и двојната виктимизација на жртвите пишуваше и психологот и психотерапевт Ана Блажева велејќи дека „срамот е клучната емоција што најчесто ги држи жртвите целосно осамени во својата болка. Целата ранливост на тоа што биле изложени, нападнати и повредени останува да гнои во чаурата на срамот. Предолго и премногу жени останале во својот срам, очај и траума сами. Самообвинувањето е дел од процесот на засрамување. Постои трансгенерациско искуство и кодекс со кој растеме дека жената треба да биде чиста, скриена, покорна, лојална и омажена за да биде вредна и почитувана. Ако самата се вреднува, покажува и ужива тогаш треба да посрами.  Ако доживее посрамување значи дека не е вредна, чиста, достојна“…

Фото: Соња Ставрова

Силна порака пратија и зборовите на Калиа Димитрoва, активистка и уредничка на феминистичката платформа „Медуза“: „Одбивам да прифатам дека треба да изгледам, да се движам, да зборувам и да се сликам на одреден начин, за институциите да постапат соодветно кога ќе бидам нападната. Одбивам да прифатам дека треба да ги правдам своите избори, за да не бидам оцрнета, навредувана и демонизирана од машката јавност, на која ниту едно сведоштво, ниту еден доказ, ниту едно понижување не ѝ се доволно вистинити ако доаѓаат од женска уста. Одбивам да прифатам дека треба да бидеме задоволни со овие трошки што ни ги фрлаат… Одбивам да се срамам што постојам!“

Реферирајќи на целата сексуална агресија, кај нас и на Балканот, што речиси зазема размери на сексуална пандемија, потсетувам дека еден голем дел се базира на сите наши премолчени покорувања. Насилниците не се раѓаат како такви, ниту се создаваат преку ноќ. Нивниот „легитимитет“ е исткаен од родово дисбалансираните приказни на кои секојдневно (многупати и несвесно) сме изложени. Значи, овие проблеми не се изолирани на пуст остров, туку се испреплетени низ длабоките корени на родовата нееднаквост.

На слична тема охрабруваат согледбите на униврезитетската професорка и активистка, Ана Мартиноска, која нè потсетува дека „долго време рап и хип-хоп музиката со текстовите и со спотовите промовираа мизогинија и ја глорифицираа објектификација и експлоатацијата на жените. Денес ситуацијата полека се менува, гласност добиваат изведувачки кои промовираат независност и оснажување на жената, вклучувајќи став дека само таа самата има контрола над своето тело и сексуалност. Ники Минаж, Ријана, Принцеза Нокија, Карди Би и многу други ја користат музиката како медиум за социјални промени. Денешните тинејџер(к)и учат за сексуалноста и родовите односи преку стихови како „We teach girls that they cannot be sexual beings/ In the way that boys are/ Feminist: the person who believes in the social,/Political and economic equality of the sexes“, преземени од познатата нигериска писателка Чимаманда Нгози Адичие, а вклопени во песната „Flawless“ на Бијонсе“.

Да заклучам, зајакнувањето на девојчињата и жените треба да оди рака под рака со соодветно и сеопфатно сексуално образование, родово сензибилизирани медиуми, силна женска солидарност и праведни и одговорни институции. Мажите и жените не се исти, имаат биолошки разлики и никогаш нема да бидат исти. Но, мора да имаат еднакви права и слободи. Што тука не е јасно?!

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развоj