Шарената и фасцинантна Куба е држава која вреди да се посети, но најтопло ми е на душата кога ќе се вратам дома во Македонија: Павле Тилев за Женски магазин
„Патувањето никогаш не е прашање на пари, туку
на храброст“, рекол големиот Пауло Коељо. Спомените кои ќе ги направиме за
време на патување, се оние кои траат за цел живот, на кои се навраќаме
постојано, но и оние кои не‘ праваат побогати духовно.
Авантуристот Павле Тилев, кој родум е од Струмица, а веќе неколку години живее и работи во Виена, Австрија пред два месеци беше за Куба и токму тоа негово авантуристичко патешествие го споделува со нас.
„При размислувања за дестинација за овогодишен летен одмор, идејата за Куба ми беше доста примамлива па се решив годинава да ја посетам оваа далечна земја. По добивањето на виза и средување на медицинско осигурување(вклучително и за Ковид) ја чекав само датата на полетување. По долгиот лет од 14 часа Виена-Мадрид-Хавана мојата возбуда започна кога од авионот го гледав Атланскиот океан, Бахамите и сите други острови со бели плажи и тиркизни води. Веднаш по слетувањето во Хавана ги почувуствував високите летни температури со висока влажност на воздухот“, вака Тилев го започнува своето патешествие во Куба.
„Кога прв пат ќе стапнете на Кубанско тло веднаш ги забележувате шарените фасади на куќите и зградите, палми, алое вера, плантажи со банани и манго, такси возила како олд тајмери на шевролет, москивиќ, лада, пајтон и коњ, пријатен народ кој со задоволство ќе ви раскаже за тежината и убавините на животот во оваа фасцинантна земја“, вели Павле.
„Просечната плата за општ работник во Куба е околу 3000 кубански песоси, тоа се премали примања за основен живот, но секоја фамилја има некој во странство кој им праќа финансиска помош на одредена девизна картичка која ја користи со лична карта и се евидентира во маркет кога купува нешто. Секое домаќинство има државна "тетратка" во која се доделува просек на месечни добра за секој член од фамилијата, пример леб, кафе, брашно, шеќер, млеко, основни продукти, лимитирани количински и за одредени продукти, сепак повеќето луѓе тешко но скромно живеат и опстојуват.
Во државните бутици и маркети сите вработени се во униформи, овде нема гужви и се разбира нема преголем избор на асортиман. Секако сивата економија е застапена и по улиците секој сака нешто да продаде или понуди. Има приватни бутици во куќи каде ќе се најавите на врата и ќе чекате ред за да влезете, па пријатната услуга од вработените топло ќе ви помогне при изборот. За туристите е доста достапно и со ниски цени, но не и за мештаните.
Куба е островска земја со изобилство на риби, но сепак рибата не е често застапена во исхраната на локалното население. Традиционално според мештаните со кои имав прилика да зборувам, најчесто во Куба се подготвува ориз, грав, пилешко, пржени банини, месо и локално овошје. Морам овде да нагласам дека мангото кое го вкусив во Куба не е воопшто со ист вкус како онаа кое го има во Европа, таков вкус и мирис досега немам почувствувано – фантазија.
Да отидете во Куба, а да не го посетите главниот град, Хавана е штета. Прекрасен голем урбан град со сплет на традиционлно кубанско секојдневие, високи модерни згради, стари шарени фасади, модерни споменици, огромни булевари, музеи, туристи, весела енергија и гужви како што доликува на секоја светска метропола. Таму имав прилика да одам на тура низ градот со традиционално кубанско такси - олд тајмер шевролет, кое го изнајмив за 105 евра, а го користев 3 часа.
Каде и да се завртете во Хавана ќе се воодушевите од глетката, но катедралата Ла Катедрал де ла Вирген Мариа (La Catedral de la Virgen María,Castle of the Three Kings of Morro), е навистина впечатлива, како и огромната склуптура на Исус од Хавана каде од заливот имате неверојатна глетка на цела Хавана која мами воздишки. Го посетив и познатиот Ел Флоридита Бар - омиленото место на Ернест Хемингвеј.
Централниот парк Алмендарес е неверојатен со својата тропска вегетација бистри води на река, огромни дрвја со ластари - чувство како да си во џунгла со спокој на црцорењето од разноразни птици.
Додека бев таму, морав да ја посетам и Варадеро, една од најубавите и најголемите плажи во светот - 21 километар. Тропска убавина од палми, заливи, бродови, вили и хотели, паднати кокоси... едноставно прекрасно.
Изнајмувањето на вила дневно е околу 80 евра, со балкон со 3 соби, со базен, со лежалки и тераса со тенди ве прави да се чувствувате дека се наоѓате во вистиски рај.
Во главниот град на Куба, Хавана наидовме на турисити скоро од цел свет: Канада, Италија, Германија, Русија...
Специфично за оваа островска земја е и тоа што, имате чувство како во Куба секој знае да танцува, на Кубанците ритамот им е во крвта - имате чувство дека танцуваат со секој мускул од своето тело. Една вечер кога гледав како танцува постар 70 годишен пар е глетка која засекогаш ќе остане во мојата меморија“.
„Цената на пијачка во кафуле е околу 2 -3 евра, пица околу 6 евра, цигари 1 евро. Маркетите во Куба немаат преголем избор на асортиман и е прескапо за локалците. Интересно е и тоа што аптеките се празни. Како туристи сакавме да земаме сувенири, е нив ги има често, насекаде има рачно изработените сувенири за кои можеш да се ценкаш за цена.
Сигурно, без да сакам сум пропуштил нешто, сепак ако сте авантурист по природа и сакате да патувате, а Куба се‘ уште не била дел од вашите патувања, топло ви препорачувам да ја ставите следна на листата за шетање. Куба - тоа беше уште еден мој прекрасен патопис кој би го повторил повторно.
Имам посетено 14 земји, но верувајте секогаш е најтопло на душата кога ке појдете дома“.
Наталија Миланова