Шестте фази на корона: Потрошувачката и каква ќе е новата нормалност?
Корона-кризата драстично ги смени досегашните купувачки навики на начини кои би можеле да обликуваат идни купувачки стандарди, вели истражувањето на агенцијата Nielsen, американска компанија за информации, податоци и мерења.
Пандемиското потрошувачко однесување поминува, според Нилсен, низ 6 фази, зависно од ширењето на епидемијата низ светот и од нејзиното влијание врз животот на потрошувачите. Поедноставено, тоа што почна со зголемена побарувачка по витамини, маски, ракавици и дезинфициенси, завршува со зголемена онлајн-продажба и со нови потрошувачки потреби.
1 фаза – проактивно превентивно здравствено купување: интересот расте за продукти кои го зголемуваат одржувањето на здравјето и добросостојбата. Во оваа фаза информациите за коронавирусот се се уште ограничени на некоја друга држава.
2 фаза – реактивен здравствен менаџмент – приоритет на продукти суштински за заштита, лична и колективна, маски, ракавици и дезинфициенси. Ова е време на појавување на првите случаи на заболени.
3 фаза - подготвување на резерви – расте купувањето на продукти кои можат да се складираат и кои имаат подолг рок на траење и проширен е асортиманот на продукти за одржување на здравјето. Расте посетата во маркетите, се купуваат се повеќе производи. Во ова време веќе е зголемен бројот на заболени и се јавуваат првите смртни случаи.
4 фаза – подготовка за живот во карантин – се зголемува онлајн шопингот, а се намалува посетата на маркетите. Настојувањата за создавање залихи се интензивираат. Ова е време на засилување на сите здравствени аларми поради пораст на бројот на заболените.
5 фаза – живот со рестрикција – драстично намалени посети на маркетите, онлајн снабдувањето е ограничено, растат цените на одредни продукти, чија дистрибуција е отежната. Бројот на заболените е зголемен, а изолацијата се практикува како мерка за натамошно неширење на заразата.
6 фаза – живот во нова нормалност - луѓето се враќаат на нормалните животи и на редовната рутина, но со зголемено внимание на здравјето. Брзината на снабдувањето се нормализира. Карантинските мерки постепено се олеснуваат и животот полека се враќа во нормала.
Во последната 6-та фаза, засега е само Вухан, кинескиот град во кој на крајот од минатата година се јави првиот случај, а ние сме некаде меѓу 4-та и 5-та фаза, во времето на скапи лимони, отежнато снабдување со заштитна опрема и дезинфициенси, чекајќи го пикот на епидемијата. Онлајн продажбата се повеќе се охрабрува и се рекламира.
-Новата нормалност, кога ќе биде постигната, ќе биде различна од онаа пред корона-кризата, зашто купувачите се повеќе внимание ќе посветуваат на здравјето и хигиената. Нејзина главна карактеристика ќе биде и постојаната промена во синџирот на снабдување и засилувањето на онлајн продажбата.
Влијанието на новите начини на однесување со тек на времето ќе се смалува, но нема сосема да исчезен, а оние компании кои ќе ги препознаат промените и ќе им се прилагодат на новите потреби, ќе остварат успех – вели истражувањето на Нилсен.