Полека ни наближува октомври и новата академска година. Иако бројот на студенти кои ќе се запишат во прва година сѐ уште не ни е познат, според податоците од Државниот завод за статистика, новата студентска популација бележи постепено намалување во последните две години.
Постојат многу индивидуални причини за намалувањето на бројот на студентите, меѓу кои значајна улога игра постојаниот пораст на трошоците за школување и живот надвор од дома.
Школарина, учебници, стручна литература и други материјали потребни за студирање, наем на стан или соба во студентски дом, месечни трошоци за превоз, исхрана, како и другите тековни трошоци претставуваат сериозно оптоварување за семејниот буџет. Да не зборуваме пак за ситуација во која надарениот или амбициозен ученик ќе се одлучи за престој и студии во странство.
Студиите од прв циклус навидум делуваат достапни за секого во нашата држава.Но,тоа ни од далеку не е реалната слика. Дури и уписнината сама по себе да не е висока, целото студирање повлекува со себе низа дополнителни трошоци.
Според последните истражувања на проектот Евростудент, во кој учествуваат 28 држави од цела Европа, а чија основна цел е анализа на економските и социјалните услови за студентски живот, тековните животни трошоци заземаат најголем дел од месечниот буџет, со учество од неверојатни 89%, додека на трошоците кои се директно поврзани со студирањето отпаѓаат само 11% од вкупните издатоци. По нивни анализи, просечниот месечен трошок за издршка на студент во 2013 годинаизнесувал 330 евра, што проектирано низ просечниот студиски век означува вкупен трошок од речиси 20.000 евра за 5 години.
Се разбира, бесмислено е и да се очекува дека студиите ќе поевтинуваат и кога нашето дете ќе дојде на ред, ќе чинат помалку од денес. Напротив, реалистично сценарио е дека животот постепено ќе поскапува, па во иднина да студираат само оние кои тоа ќе можат да си го дозволат.
Да му помогнеме на идниот студент!
Како родители сме поставени во ситуација да мораме самостојно да се погрижиме за школувањето на нашето дете, со цел тоа да може безгрижно да одбере каде ќе студира и да го трасира сопствениот пат, како за студентските години, така и за животот кој потоа му претстои. За жал, одобрените стипендии стануваат сѐ помалку, па прашање е колку децата ќе бидат во можност да студираат без нашата финансиска помош.
И во денешно време многу студиски програми се неизведливи од финансиски аспект или во најмала рака многу тешко достапни за голем број на студенти, а прогнозите за во иднина сочат уште потешки услови за упис и студирање.
А ако сите го сакаме само најдоброто за сопствените деца, тогаш редно е да се запрашаме...
Продолжува утре...