Што ќе оставиш зад себе?
“Да се живее животот како секој ден да е последен” ми беше баналност во која не верував. Како така? Како може така да се живее кога има толку работи кои треба да се испланираат, да се средат. Предноста на младоста е што сите мислиме дека сме бесмртни, дека умирачката е којзнае каде зад нас и дека ништо нема да ни се случи. Затоа, младоста е бестрашна, лудо храбра и брза, да не речам дрска во својот најголем цут. Можеби тоа е причината што баш и не се грижиме за себе кога сме помлади. Живееме живот кој е со брзина од 200 км на час, имаме нездрави навики и храна, пиење со непромисленост дека цената која се плаќа на подоцнежни години е премногу висока. Да не звучам песимистично, но данокот кој секој од нас го плаќа е данок на младешката илузија дека нас гром не не’ бие. Само кога ќе ми текне дека главно задоволство и хедонизам ми беа чипс и кока кола, седење до 3, 4 часот наутро слушајќи музика или одење до ниедно време на домашни забави (кои уште ми недостасуваат).
Кога бев мала најголема радост ми беше одењето во Битола кај баба ми и кај дедо ми. Куќата секогаш спастрена, оти во помалите места никогаш не се знаеше кој може да тропне на врата а беше грев да се прими гостин во нечиста куќа. Еден од најголемите ќефови ми беше тарашкањето по плакарите на баба ми и пробување на нејзините чевли кои отпосле ги израснав, па таа се чудеше како може женско дете да има стапало со број 39-40. А на баба ми плакарите беа како да влегувам во земјата на чудата. Тантели, фустани и костими сошиени по најновите броеви на Бурда, кошули од селско платно извезени на ракавите и деколтето. Алишта кои не беа само од баба ми, туку и од прабаба ми Антигони (семејството на мајка ми има потекло од Грција, власи од Лерин и Солун. За жал, никогаш не го научив јазикот, а денес е нивниот празник-ништо не е случајно, па така и ова мое сеќавање). Секогаш имаше и покое неотпакувано парче, како сатенска ноќница, кошула или пешкири. Тогаш не разбирав зошто не се носат, но се’ ми се разјасни еден ден кога баба ми (сериозна во ликот) не ја седна мајка ми за да и’ објасни каде ги чува алиштата за погреб. Јас бев во шок оти тоа ми беше толку далечно и нешто на што никогаш не помислував. Погребите ми беа за ептен стари луѓе, изнемоштени и некои кои се таму некаде далеку од моето семејство. Така, Нене (така ја викав баба ми Марика) си имаше спастрено алишта за погреб на најгорната полица од плакарот, онаму каде што не можев да си играм модна ревија. И кога велам дека имаше цела гардероба, токму така и беше. Од долна облека, фустан, чорапи, чевли па се’ до инструкции како треба да изгледа кога ќе почине оти си беше побожна и секогаш велеше “кај госпо да не ме праќате ко за по дома кога седам”. Патем речено, по дома беше поубаво облечена отколку што се облекувам јас дури и тогаш кога излегувам.
“На доктор, надвор и за пред госпо не се оди ко поплава да те исфрлила” велеше Нене, а мене тоа ми беше ем морбидно ем смешно (“госпо” не е дека сум лапнала буква, туку дека така го викаше, без “д” на крајот). Она што го паметам од дете беше лекцијата која моите баби и дедовци ми ја кажаа, а се однесуваше на тоа што ќе оставам зад себе кога веќе ќе ме нема. Не е ова некаков мој страв од смрт, оти повеќе имам страв од тоа да не завршам како растение, без моќ да одлучувам сама за себе, но во последно време откако почнаа да си одат луѓе кои ги знам и познавам, некако само по себе ми се наметна како прашање.
Што ќе оставиме зад себе?
Ниту еден од нас не е тука без причина. Сите си имаме некоја цел со нашето постоење, некоја улога и мисија и мислам дека вистинското уживање во животот почнува тогаш кога ќе осознаеме зошто сме тука. Да се прави она што ни носи спокој и душевен мир, да се живее денес како да ќе нема утре, да се остави печат, да се биде со причина тука, е најголемото откровение кое го доживеав во моиве 50 години. И она што е најважно, не е целта да се биде успешен, богат или моќен, туку задоволен со себе и она што го живееме. Е, вака напишано делува лесно и како да нема некоја голема филозофија, ама не е баш така. Мене ми требаа скоро 50 години за да станам свесна оти мирот не се раздава, а ни душата. Ми требаа долги години барање себе и копање внатре за да почнам да живеам онака како што сакам, за да можам во секој миг кога ќе застанам да се преслушам до каде сум, да да си кажам “ок е Ано, таму си каде што ти е убаво”.
Во потрошувачко општество во кое сме втурнати, мерилото за успех е во лагодноста на живеачката. Богат си-добро е. Моќен си-добро е. А кога ќе поткопаме подлабоко, неминовно е да се свестиме оти ниту моќта, ниту парите ќе ги однесеме со нас во гроб. Да се трупа за следните генерации, да се разгалуваат деца не со љубов, туку со пари и скапи подароци е нешто што е малку нездраво. Читав некаде една убава мисла која одеше некако вака (парафразирам): лоши времиња создаваат борци кои се трудат да донесат добри времиња за идните поколенија, но тие обично ги носат лошите времиња назад оти го арчат она што го создале нивните претци. Или, јас го сфатив тоа вака. Се трудиме цел живот да им оставиме на децата материјални работи, при тоа заборавајќи да ги научиме да се трудат, да работат, да се потпираат на себе и на својата пот. Им оставаме многу повеќе материјално, отколку духовно и корисни совети и лекции за да знаат оти животот е тркало. Еднаш е човек горе, еднаш е долу...додека се врти тркалото наречено живот, така е.
Што сакам да оставам зад себе?
Сакам да оставам дете кое ќе знае да разликува добро од зло, да мисли со своја глава, да нема отпор да засука ракави за да се потруди да ги направи работите поволни за неа. Сакам да оставам дете кое ќе е свесно дека поважно од тежината на парата е тежината на зборот кој ќе го изусти, да знае дека себичноста е особина која ќе ја чини отсуство на емпатија и луѓе кои ќе се тука во секоја прилика. Сакам да оставам зад себе дете кое ќе знае дека мирниот сон и чистиот образ имаат поголема вредност од ексклузивна гардероба или скапоцен накит, оти накитот може да го изгуби и повторно да го надомести, гардеробата ќе се скине и ќе купи нова, ама мирната совест и чистиот образ се работи кои не се купуваат со пари.
Сакам зад себе да оставам барем уште неколку книги и спомен дека сум била убав човек со големо срце. Споменот дека сме биле чесни и добри луѓе вреди повеќе од тежината на паричникот, споменот дека сме оставиле зад себе име и презиме кое ќе свети и ќе е без дамки вреди повеќе од било какво материјално богатство.
И за крај...колумнава ја посветувам на сите оние кои си заминаа прерано, но чиј лик и име ни се вртат во главите исто како да се тука. Нека им е лесна земјата и нека им е вечен споменот.
А вие, вие да сте ми живи и здрави!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
“Не е важно колку ќе спечалиш во животот
Туку зад себе шо ќе остајш
Оти и азно да имаш, ќе се изарчи
Парите се лизгаат низ раце
За ова требале, за она си ги дала
Гледај зад себе шо ќе остајш
Образот чист да ти биди
Неиспоганет со лаги и лошотилак
Оти тој најдолго на лицето останува
И со него друг образ ќе допираш
На тој шо твој чоек ќе е
На чупчето твое
Остај зад себе чистота
Остај зад себе светлина и прав пат
Сите агли во него испрај ги и терај
Не застанвај
Не коленичи пред никој
Глата гордо горе да ти е
И простум да си дур в замја не те клаат”
Паметам се’
Секој збор ти го паметам
И еве ме
Со полни 50 зад себе
Со пат кој не е толку прав колку што би сакала
Ама образот чист ми е
И срцево мирно
И зад себе ќе оставам здраво и право дете
На кое и ти горда би била
Оти иако мала, чесна е
И знае што сака
Своја
Инаетлива, а сепак кротка
Јагне, ко шо би рекла ти
И зборој ќе оставам
Боже здравје, барем уште неколку книги
Само телово и умот да ме крепат
Ќе оставам светлина во срцето
И љубов колку за сиот свет
Ќе оставам уста неиспоганета
И чиста мисла
Малку ѕвездена прашина и спомени
Кај оние кои ме љубеле
Малкумина, ама алтан луѓе
Друго и немам
А и некако како стареам друго и не ми треба
За храна и вода имам
За дружба страдна не сум
Ниту пак за љубов оти во себе ја носам
Прелева
И нека оди
Бадијала никогаш не е
И времето ко ќе ми дојди
Знам дека ќе си заминам со насмев
Оти ќе знам дека ме чекаш
И спокојна ќе бидам
Оти и душава зад себе што ќе ја оставам
Ќе мириса на слобода
На небо
На ќерка ми
На него
(посветено на Нене)