Си блеам во празно

Добивај вести на Viber

Понекогаш знае да ми се случи да седам и да гледам во празно. Ете така, да блеам, што се вика.

Да се загледам така во една точка, ко мислиш ќе продрам низ неа и ќе видам што има и низ неа, и од другата страна.

И не е, дека ова не ми се случувало.  Да видам што има во неа и од другата страна.

Овие “точки-точки“, знаеле да бидат некои животни проблеми, некои нерешливи ситуации, некои препреки, кој овде-онде животот знаел да ми ги подметне.

И така загледувајќи се, знаело понекогаш, да не речам многу често, токму зад таа “точка“, во која ти се чини дека блееш како во празно, да биде решението на проблемот.

И туку само наеднаш се гледаш себе си од страна и гледаш каде запнуваш и каде се сопнуваш.

Твоето “второ јас“ го подместува каменот кој ти стои на патот, или те помрднува тебе малку полево, или подесно и патеката продолжува непречено да се отвора натака.

И затоа ги сакам овие “бленења“, бидејки во нив има прекрасни “Балтазаровски моменти“. Една капка, само една капка од тие празни мисли и “оп“, проблемот сам се отплеткува. 

Пред некој ден така, возиме со кола со маж ми, повторно накај Охрид (не ми се пропушташе Малкович) и молчиме.

Тој вози, а јас си гледам во моите точки.

Заблежувам разно-разни сцени и ситуации.

Патекава врви прво низ Ѓорче Петров, па тука на излез кај Сарај, па потоа почнуваат оние безброј патарини, па оние завои кај Маврово и Стража, па таму малку пред Охрид, оние камиони, кои веројатно милимитар, по милиметар го прават патот. Како гоблен го везат си мислам.

Од почеток, до крај на патувањево ви велам имаше разно-разни случки.

Една жена претрчуваше улица. Еден маж на точак, ја исправи левата рака под прав агол со своето тело, давајки “жмигавец“ дека ќе ни го препречи патот и дека ќе ни помине пред кола.

Едни две тетки во мантили со шамија, натоварени со по две торби зарзават, во секоја рака, беа седнати на еден тротоар. Си муабетеа нешто и веројатно си одмараа, пред да го продолжат патот кон дома.

Едно црно ауди не прошиша таму на последниот семафор кај Сарај поминувајќи на црвено и оставајки зад себе мала правлива трага. Веројатно ќе стигне четири и пол минути пред нас, си помислив.

Освен ако не го сопре полиција, бидејки тие на оваа делница стојат, односно се кријат и излетуваат со палката стоп и тоа баш таму каде има ограничувања на само триста-четарсто метри од патот. Е тие, се баш таму. Секогаш. Особено за викенди и празници.

Ама па, ако е од “нивните“, ќе го пуштат - си мислам. Ова си е вака, отсекогаш кај нас.

На три од четири патарини не им работеше, односно им беше паднат системот, па не можевме да платиме со картичка, ама па ферски не пуштија без пари, само рекоа “вози, за да не се прави гужва“, бидејки нивна беше грешката.

Кога почнаа крвините таму пред Маврово и Стража, си гледав во прекрасните шуми од двете страни на патот.

Оваа година и Мај и Јуни беа дождливи, па природата е разбујана, ми се чини како никој пат во ова време од годината.

Имаше се разбира, колку да не е без ич и по некое празно пластично шише, некоја празна конзрва и некоја кеса од кроасани, или смоки. “Ѓубренца“, какви што ретко сретнувам по западно-европските патишта, а какви што често сретнувам по некои малку позапоставени држави низ планетава.

На Стража сликата беше малку погрда, имаше малку повеќе ѓубре, отколку што окото на набљудувачот може да поднесе.

Тоа беше така, бидејки е вистински “пик“ на сезона и имаше стотици автомобили и десетици автобуси, а канти за отпадоци, помалку, отколку што таа бројка луѓе има потреба.

И ова е вака откако знам за себе. Педесет години, јас ги гледам ваквите, или слични приказни.

Педесет години, слушам едни исти луѓе како постојано зборуваат за вакви, или слични нешта кај нас.

Педесет години, вртиме во круг како куче кое сака да си го гризне опашот.

Педесет години е ова вака. Тоа се скоро цели животи.

Цели животи посветени на едни исти приказни и на едни исти сцени.

Колку и каков треба да е човекот, за да им поклонува на вакви ситуации, драгоцени моменти од својот живот. Драгоцени години.

Како што некои луѓе кај нас, изградија политички кариери и заработија еден куп пари, матејки празна слама, така еден куп луѓе посветија животи и животи гледајки ги овие нешта од мрачната страна на приказната.

Тој ден, кога сето ова го гледав по стоти пат пат во животот, бев среќна од една сосема друга причина.

Душата ми пееше од радост.

Ниту една од овие сцени, тој ден не ми пречеше.

Имав нешто друго кое ми ширеше радост во мислите.

Хм, си помислив, гледајки во тие мои “празни точки“…, кога во животот случајно, или намерно се занимаваш со нештата кои ти причинуваат радост и задоволство, тогаш дури и Аудито, кое те претекнува на полна линија и на црвен семафор, не може да те изнервира.

Можеби има мака човекот, можеби се секунди за нечиј живот во прашање, можеби му е ново, па му е мерак така да вози, а можеби е таков човекот…

Секогаш има “можеби, ова, можеби она“. Никој пат не знаеш што е. А многу е глупаво да го трошиш животот на вакви нешта.

Во такви денови, кога твојата радост надвладува над каква било од овие сцени, ти сфаќаш дека нештата кои не можеш да ги промениш во животот мораш да ги прифатиш такви какви што се.

Бидејќи твојот живот е многу подрагоцен од тоа за да ја посветиш нервозата на вакви, или слични сцени.

Роден си тука. А кога си тука роден, тоа може да биде така и само така. Педесет години е така. Со, или без тебе. Затоа не му ја “поклонувај“ нервозата на она што е така и само така. Наштелај го своето око да ги гледа само убавите нешта. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин