Си помислив како ќе го оставам моето 4-месечно бебе без мајка: Антониела од Прилеп за битката и победата над Хочкиновата болест

25-годишната Антониела Николоски од Прилеп неодамна прослави една година откако ја извојува битката над подмолната Хочкинова болест

Хочкинов лимфом е лимфопролиферативна малигна болест, а го носи името на англискиот лекар Томас Хочкин. Станува збор за првата прецизно опишана малигна болест, како и прв канцер успешно третиран со хемотерапија и радиотерапија. 

Имено Хочкиновиот лимфом претставува 1% од сите малигни заболувања или 2 - 3 на 100.000 жители се афектирани од оваа болест секоја година.

Токму една од нив беше и Антониела, која како тукуштопородена мајка во 2021-ва година, на свои 23 години се соочи со ваквата страшна дијагноза. Симптомите ги почувствувала уште во бременоста, но не обрнала внимание бидејќи биле многу слични со нормалната бременост.

- Драстични промени забележав по самото породување. Иако се трудев да немам негативни мисли, чувствував дека се случува нешто бидејќи немав сила и енергија апсолутно за ништо, постојана поспаност, ниски вредности на крвта, губење на здив и слично - објаснува Антониела.

Посетата на болницата ѝ ги потврдила сомнежите, и ја добила дијагнозата Хочингова болест за која докторите биле оптимисти бидејќи околу 95% од пациентите се излечени.

- Детално ми беше објаснет процесот на лекување. Иако јас веќе бев трет стадиум и беше баш сериозно, докторите ми дадоа надеж. Лекувањето траеше година дена на Универзитетска клиника за Хематологија во Скопје.

Наместо безгрижно да ги поминува најубавите први моменти со своето бебе, оваа тазе мајка во тој момент доживува нешто сосема тешко и неочекувано, кое мисли дека можеби нема да се заврши добро.

- Првата мисла ми беше како ќе оставам четиримесечно бебе, и тоа ми беше воедно и најтешко и самата помисла дека можеби нема да има среќен крај. Ми беше тешко да размислувам дека ќе треба да расте сама, односно без мајка, но мислев и на моите родители, за нивната болка и тага, едноставно на сите кои ги сакам, и кои можеби ќе требаше да се научат да живеат без мене.

За да ја прифати реалноста и да сфати што точно се случува, Антониела вели дека ѝ било потребно баш многу време, а тоа го постигнала со многу работа на себе и разговор со психолог, што смета дека е една многу важна алатка за сите лица кои се борат со оваа тешка болест.

- Сметам дека психолот е многу важна алатка во оваа болест и треба да се зборува многу за тоа, и да има бесплатни услуги за лица болни од рак кои не можат да си дозволат сами да платат - децидна е таа.

Соопштувањето на вакви страшни вести на оние кои најмногу ви значат во животот не е никако лесно во овие моменти, а нивната реакција и односот, како и поддршката се многу важни за болниот. Антониела лично му кажала само на нејзниот сопруг Антонио и на нејзината мајка.

- На другите членови им соопшти мојот сопруг и не се ни сеќавам многу на тие моменти. Најголема поддршка имав од сопругот, родителите, брат ми, но и сите блиски околу мене беа навистина за вистинска пофалба. Сите беа со многу разбирање за ситуацијата и не забележав драстични промени во односот.

Најголема мотивација во најтешките моменти од лекувањето на оваа млада мајка е секако е нејзиното бебенце Теона, а самата помисла дека има само 23 години ѝ давало уште поголема сила да се бори за да има поубави и посреќни денови. 

- Успеав да не ја изгубам вербата и надежта иако во некои моменти бев навистина лошо - признава Антониела.

Постојано на релација Прилеп-Скопје-Прилеп, Антониела не може да биде постојано покрај ќерка си, но за среќа нејзините најблиски се покрај неа во секој момент и се трудат да ѝ го надоместат мајчиното отсуство или барем да направат да биде поневидливо.

- Имав многу помош околу неа, најдовме и жена која ќе ја чува, не можев целосно да ѝ се посветам колку и да сакав. Сега кога е веќе детенце сфаќам колку имам пропуштено и се трудам да надоместам. Сите блиски излегоа во пресрет, родители, тетки, баби, другарки. Таа беше многу мала мислам дека не го почувствува моето отсуство бидејќи имаше многу љубов околу неа, се надевам дека нема да има последици.

Поради терапиите Николоски ја губи и косата, па често носи турбани, а и перика. Исто така губи и доста килограми. Колку таквите моменти ја нарушија нејзината самодоверба:

- Тоа околу косата беше последно што ми паѓаше на памет. Нормално дека се губи самодовербата, но јас не ја изгубив само косата туку и многу тежина и искрено тоа ми беше потешко. Носев и перика, но поудобни ми беа турбаните, забележував погледи од странци на улица, но не и коментари. Ретко кој би се осмелил да ти каже нешто во лице.

По природа вели дека не е затворен тип и дека тоа многу ѝ помогнало да нема депресивни мисли, а и кога ги има брзо да ѝ поминат. Иако самата болест не ѝ дозволувала да ги прави работите како претходно и пропуштила многу родендени и забави, сепак кога ѝ дозволувало телото излегувала во природа и се дружела со своите најблиски пријатели.

За среќа, после една цела година, во ноември 2022-ра Антониела ги добива најубавите вести на светот - ракот е излекуван.

- Резултатите ги зедов јас и прва ги прочитав, почнав да плачам, му се заблагодарив на Бог и само сакав да стигнам дома да ја видам Теона, а во меѓувреме се јавив на блиските да им ја соопштам веста. После тоа следеше баш добра забава во кафана. 

Сега кога веќе прослави една година од тој момент, таа ужива со своите сопруг и ќерка, се чувствува одлично, оди редовно на контроли, се грижи многу повеќе за нејзиното психичко и физичко здравје, а има и важна порака за нашите читатели:

- На сите кои се борат со оваа болест која слободно можам да кажам дека е модерна болест и е многу честа, да не се откажуваат, да имаат верба во Бог и во себе, надеж, да си најдат мотивација која ќе ги води, ништо не е невозможно и сите тешки моменти и болка ќе поминат. И најважно од сѐ сите кои забележуваат некоја промена и имаат било какви симптоми да направат преглед, тоа може да спаси живот.


*Д.Караташова Илиоска