Сибо: „Зелениот дворец“ е роман за Скопје што веќе го нема и за Скопје што го познаваме

Добивај вести на Viber

Една од највпечатливите градби во Скопје, зелената куќа-дворец во населбата Црниче, околу која со години се плетеа мистерии и легенди, е главната инспирација за приказната во новата книга „Зелениот дворец“ од авторот Сибо. Романот, кој е добитник на наградата „Пегаз“ за 2022 година, беше промовиран вчеравечер (26 април) во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје, во присуство на многубројна публика од културната и книжевната сцена. На настанот присуствуваа членовите на жирито во состав: Владимир Јанковски (писател и добитник на наградата Роман на годината за 2020 година), Елизабета Баковска (писателка и книжевна теоретичарка) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“). Промотор на книгата беше писателката Јана Мишо.

По врачувањето на плакетата, авторот Сибо истакна дека е поласкан што ја добива наградата за најдобар необјавен роман – „Пегаз“.
– Отсекогаш сум сакал да напишам книга за Скопје, да му се оддолжам за сѐ што сум преживеал со него. Книгата ја напиша градот, вметнувајќи дел од приказните на неговите жители. Ова е книга за градот, за скопјаните, за скриени приказни на малите, но големи луѓе, за Ристиќева палата, за поплавата, земјотресот, за едно Скопје што веќе го нема и за Скопје што го познаваме. Оваа книга можеби не е само за една куќа, една мистерија, ниту за една љубов ниту за нечиј живот. Но, приказната е во Скопје. Можеше да се случува каде било, а сепак е блиску до нас. Ова е роман за Скопје и за неговите животи, за физичката формула за љубовта. И секоја врска меѓу луѓето, градбите, различната хронологија и различните димензии, дури и различните жанрови што се испреплетени во оваа приказна ги врзува една емоција. „Се случило ама не се случило“ – или со дијалектот од приказната „се десило ама не се десило“... На крајот, би сакал да се заблагодарам на секој иден читател. Еднакво ми значи како и првите читатели, од најблиските. Поласкан сум дека наградата „Пегаз“ ја добивам од реномираните писатели Владимир Јанковски и Елизабета Баковска, заедно со уредничката Бисера Бендевска, на писателката Јана Мишо, која го одржа среќниот крај пред почетокот и, секако, на мојата матична куќа „Арс Ламина“ со директорката Бранка Бугариска за довербата во мојата работа уште многу пред да стигнат наградите – изјави Сибо.

Романот „Зелениот дворец“ е роман – временска машина низ историјата на градот Скопје и неговата трансформација во дваесеттите и во шеесеттите години на минатиот век, и во сегашноста.
Во фонот на урбанистичките промени на градот, поттикнати од различни човечки и природни влијанија, Петар – средовечен маж и научник од совремието – се чувствува како да не припаѓа на времето во кое живее и доживува необични случки што го поттикнуваат да ја продлабочи идејата за постоење на паралелни универзуми. Привлечен од нејасна внатрешна сила, доаѓа до куќата-дворец во населбата Црниче во Скопје, изградена во дваесеттите години на 20 век на тогашната периферија на градот. Легендата вели дека таа куќа била опседната од духови и проколната, но за Петар ќе биде поаѓалиште кон неговото следно патување.

Јана Мишо, во својот промотивен осврт кон книгата, истакна:
„Многу ми е драго што конечно излезе романот, затоа што ни е даден подарок, како скопјани и читатели, по читањето, секогаш кога ќе поминеме покрај некоја од пулсирачките точки на градот, да ни се создаде пред очи слика што само добар роман може да ти ја вреже во главата. Зборувам за оној момент, кога ќе ја прочиташ ’Мулен руж‘ на Пјер ла Мир, па ќе поминеш покрај гробиштата на Монмартр или покрај кафеана каде што седеле уметници што денес ги има во Лувр, да ти се врати истото чувство како моментот кога си прочитал за нив. По ’Зелениот дворец‘ тоа се случува кога ќе поминеш покрај Ристиќева палата, покрај Железничарската зграда или Француските гробишта. Приказната е многу несекојдневна и необична за нашата литература, а сепак, и покрај фантастичните моменти, толку реална и човечка. Ликовите се толку комплексни, а сепак едноставни, и формулите што се провлекуваат низ приказната, полесно се објаснуваат преку филозофија отколку преку физика. ’Зелениот дворец‘ е едно ’честење‘ за сите што на некој начин биле допрени од Скопје“.

Владимир Јанковски го претстави образложението на жирито за одлуката „Зелениот дворец“ од Сибо да ја добие наградата „Пегаз“ за 2022 година:
„Основната наративна нишка на романот ’Зелениот дворец‘ на Сибо ја сочинуваат три временски точки поврзани со градот Скопје: Скопје од втората деценија на дваесеттиот век, Скопје од земјотресот во 1963 година и современото Скопје. Книгата тргнува од познатата, речиси архетипска тема на книжевната фантастика: можноста поединецот да влезе од една временска димензија во друга. Авторот го користи овој мотив за да ја раскаже својата приказна за преклопувањето и вкрстувањето на различни временски димензии во еден простор, кои предизвикуваат необични настани, чудни средби и неочекувани животни пресврти. Во приказната за талентираниот научник и чудак Петар, кој одеднаш ќе се најде пред една навидум нерешлива егзистенцијална ситуација, авторот комбинира судбини на неколку ликови од неколку временски слоеви на Скопје. ’Зелениот дворец‘ е филозофски роман за емотивно-психолошките последици од претпоставената нелинеарност на времето, а истовремено е и љубовна и урбофилска приказна за различните историско-културолошки слоеви на градот. Станува збор за динамичен роман, со прецизно исцртани ликови, натопен со хумор и иронија, но и интензивни емотивни сцени. Заради наведените книжевни карактеристики на овој ракопис што го издвоија од другите конкуренти, донесовме едногласна одлука ’Зелениот дворец‘ да ја понесе наградата ’Пегаз‘ за 2022 година“.

На годинашниот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“, што ја организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 38 ракописи. Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2022 година беа разгледани и ракописите: „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на победничкиот роман во посебна едиција.
Ова е четврто издание на книжевната награда „Пегаз“ , што се доделува од 2019 година. Досегашни добитници на признанието за најдобар необјавен роман се: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019),  „Лазарка“ од Љупчо Петрески и „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски (2020) и „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021).  Конкурсот за петтото, јубилејно издание на „Пегаз“ за 2023 година, ќе биде објавен наскоро.
Романот „Зелениот дворец“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, наскоро ќе биде достапен во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.



ПР Објава