Системот те лаже

Добивај вести на Viber

Има една нумера на Београдски синдикат вика системот те лаже, не му верувај на се' што ќе ти каже, овој живот е борба затоа стани одма…

Периодов размислувам кој им ја наметна таа покорност што ја имаат генерациите од 20-30 години во општествово. Од каде таа безживотност, од каде таа фрустрација за чист кеш, од каде им се постулатите дека за да си среќен ако си маж мора да си богат газда, бизнисмениште, ако си жена мора да си мажена и веќе со две деца под мишка по можност во форма на напумпана старлета.

Ништо не ми пречи веќе, минатава година се бунев за се, се нешто имав замерка за нечиј начин на живот зошто и како го живее, поготово младите девојки. Сфатив дека не е до нив, до мене, проблемот за туѓиот живот е во моја глава. И ми требаше цела една година да сфатам зошто. Јас сум дел од генерација што фати и гласна револуција и покорност одеднаш, деца на транзиција. Бев дел од штрајкови што менуваа влади и видов како маса наведнува глава од изнемоштеност. Го преживеав прелазот од рок во турбо фолк нација кој суптилно се наметна како етика на основен живот не само во кафана туку и во секојдневие. Па од затворање дискотеки во 7 наутро помина во кафана је моја судбина од јутра до сутра. И да не го живеев Београд, да не бев во Србија скоро десет години, ќе поверував дека ова е абсолутна и единствена вистина. Да не ја видов целата слика ќе верував дека постои само и единствено тоа. Но тоа што сега ме боли, тоа што секојдневно го сведочам кај иднината на ова општество е сервилноста на младите генерации со секојдневни избори кои им ја гасат душата и ги претвораат во покорна маса. И сега сфатив дека тоа што година дена мрчев е всушност една тага за еден дел од ова општество што никогаш нема да го преживее тоа што го преживеавме ние и никогаш нема да научи што значи вистински вкус и мирис, прв бакнеж, прва заработена плата, прв вистински успех и вистински неуспех. Секоја генерација има летаргија кон минатото, да не се лажеме добар дел од општествово се' уште живее во Југославија. Сите имаме минато кон кое за жал тежнееме и кое се обидуваме да го вратиме назад. Тоа е европски ментален склоп, така не калемат, за прогрес ја сметаме покорноста кон моменталната ситуација со олеснително себе прифаќање. Јас не знам која е абсолутната вистина, никој не знае, нема едно, цел свет сме, сите сме индивидуи сами за себе. Но ќе се вратам на една мисла од Толстој, Сите семејства се среќни на ист начин а несреќни на различен, свој начин. Никој нема да ме убеди дека не сте среќни кога се заљубувате, кога сте во прегратка кај некој што го сакате повеќе од себе, кога танцувате, кога правите некоја неоправдана глупост ама ви се може заради младоста, кога сте дел од семејство кое ве цени и почитува, кога најмилите ве поддржуваат во секоја ваша одлука и стојат покрај вас, не позади, кога сте дел од семеен ручек на кој сакате да бидете, кога родителите ви дозволуваат да бидете се она што вие сами сакате да бидете, сите сме среќни кога живееме живот кој не ни е наметнат. Се памети тоа кое остава лузна со трајни вредности во животот и добро и лошо. Никој нема да ми ги врати деновите кога висев на Американска амбасада со плакат закачен на врат затоа што се борев за нешто во кое верувам. Нема да се вратат деновите кога ничим изазвана седнував во воз од Белград за Нови Сад во 8 навечер за да излезам со другарки од факс, а најслучајно да налетам на концерт изненадување од Дарквуд Даб во напуштен хангар и да заглавам до 8 наутро па од концерт одам директ на предавање. Никој нема да ми го земе првиот бакнеж со првата љубов во андерграунд клуб од кој буквално не метеа за да си одиме. Никогаш нема да го заборавам вкусот на тарт од ванила и малини што го јадев на клупа во парк во Монако кога бев во посета како гостин костимограф, дел од екипата на алтернативен театар од Македонија. Вака можам до бескрај, за секој ден можам еден цел роман да извадам. Јас одлучив така да живеам, да не се покорувам, да не ми биде лесно, да се борам за тоа што го сакам, да верувам во луѓето кои се покрај мене, по цена се да се сруши и да снема во еден единствен миг. Ама знам дека и да го снема имам капацитет да го изградам пак, ако ти раскине дечкото ќе те најде нов, ако те изневери пријателот ќе запознаеш нов, ако ги потрошиш парите ќе заработиш нови, ако ти ја запалат куќата ќе изградиш нова, ако те затворат дома ќе направиш дупка во зидот и ќе избегаш. Никој не ти може ништо додека имаш волја за живот, додека имаш омилен вкус и мирис, омилена усна за бацување, омилена рака за држење, омилено чувство кое сакаш да го задржиш за засекогаш, љубопитност да учиш се одново и трпение да се надградиш секојдневно се повеќе. Не го слушај системот, ништо не е лесно, едуцирај се, откако постои човечкиот род се водат војни, се руши и се гради, системот постои за да те покори, а ти постоиш за да го побараш тоа што го сакаш и заслужуваш. Не наведнувај глава пред животот, не се покорувај пред убавината, живеј ја. Побарај го тоа што го заслужуваш, бори се за тоа што го сакаш, покажи заби, покажи емоција, не си робот, не си карактер од социјални медиуми човек си. Не биди нежен према себе, немаме време повеќе, го дадовме времето на себе анализи и завист за туѓа среќа. Ние сме волшебни битија што знаат да љубат и губат, целиот космос се создава одново со нашето раѓање. Препознај ја твојата моќ и живеј го секој овој ден како да е последен. Не е клише, еден ден вистински нема да се разбудиш, а до тогаш одговори си, среќен ли си човеку?

Јас сум Ивана Кнез, бирам да не се покорам, бирам да не живеам по туѓи правила туку по свои, бирам секој ден се повеќе да се почитувам себе си и сопствените одлуки и да ги сносам сите проклети последици од истите. Ти до кај си?