Сите носиме болка во себе: Интервју со писателката Наде Стојилковиќ- Атанасовска

Добивај вести на Viber

Романот „Ќерката на дрвосечачот“ го завршила уште во 2000 година, но поради како што вели условите во домашното издаваштво, се промовираше дури месецов. Наде Стојилковиќ- Атанасовска е познат новинар,и има работено како уредничка во повеќе печатени изданија. Новинарското искуство ѝ помогна да го напише првиот роман, кој е силна женска приказна, инспирирана од туѓите судбини. Низ главниот лик на романот, Дана, Наде вели дека ја открива женската сила и издржливост. 

- „Ќерката на дрвосечачот“ е вашата прва книга која е опишана како дело кое раскажува за женската издржливост. Какви точно женски ликови третира приказната?

* Ако зборуваме само за женските ликови, главниот женски лик е Дана, и книгата е всушност нејзината животна судбина, додека споредни женски улоги се нејзината мајка, која прерано умира, нејзината стрина која ја третира како слуѓинка во куќата, нејзините братучетки... Потоа Дана се преселува да живее во Скопје и овде се појавуваат нови женски ликови во нејзиниот живот, газдарицата Зорица, чии деца е доведна да ги чува, комшивката Ценка мајка на нејзиниот иден сакан, која многу ќе и помогне во најтешките денови, но и многу ќе и одмогне поради типично балканскиот заостанат начин на сфаќање на работите, другарката Кате со која ќе се запознае кога ќе се најде во иста “непримерна“ ситуација,  пријателката на Ценка – Марика, која ќе одигра позитивна улога во нејзиниот живот со тоа што многу ќе и помогне... Има уште неколку споредни женски личности што го дополнуваат светот на Дана, но со некој реципроцитет има речиси исто толку и машки ликови. 

- Дали ваши блиски ве инспирираа да ја напишете, од каде идејата?

* Отсекогаш ме интересирале туѓите судбини. Имам огромна моќ да слушам кога некој сака да го раскажува својот живот и, на некој начин, барем кога се работи за несреќна судбина, да се обидам да утешам, да поделам совет, да сочувствувам... Тоа едноставно ми е во крвта и верувајте не е само од некои филантропски побуди, туку едноставно таков е мојот карактер... Затоа и немаше потреба некој посебно да ме инспирира да ја напишам книгата за Дана, зашто Дана за мене е лик од соседството, жена тука близу до мене, а приказната за неа е само една од приказните што вријат во мојата глава и кои бараат да бидат раскажани... 

-  Главен лик во книгата е Дана, ќерката на дрвосечачот. Каков лик е таа, како вие интимно ја доживувате?

* Токму како што реков – Дана е лик од соседството. Мислам дека секоја од нас жените може да биде Дана... Сите ние во себе носиме одредена судбина, некоја своја болка, нечиј живот бил поубав, полесен, животот едноставно ја галел. Но многу од нас имале тешки искушенија поради кои сме морале често да паѓаме на колена и потоа да се издигнуваме со сета своја сила и да продолжуваме понатаму... Дана е токму таков лик, кој и во најтешките искушенија во својот живот собира сила и се издигнува и над самата себе... Со еден збор, Дана е типичен пример на женската издржливост. 

- Кога ја создававте книгата, дали плански ја имавте првичната идеја за приказната која е тажна и срцепарателна со цел да побуди поголем интерес кај читателите или приказната се развиваше спонтано?

* Не. Немав никаква цел кога ја пишував книгата, а најмалку да направам некоја срцепарателна приказна која само ќе буди нечии чувства со измислени или нереални сцени. Напротив. Целта ми беше како што веќе реков само да ја раскажам судбината на една силна жена, а приказната извираше од дното на моето срце, не можев да спијам додека ја пишував, бев окупирана со пишувањето, понекогаш едноставно ги голтав речениците со цел што подобро да го прикажам нејзиниот живот, па потоа во мене се будеше некој страв дека тоа ќе се претвори во некоја срцепарателна приказна... Затоа и кога ја завршив, побарав искрени совети од нашите еминентни имиња, професорот д-р Васил Тоциновски од Институтот за македонски јазик и од писателот Горјан Петревски, буквално со зборовите: „ Ве молам кажете ми ако личи на викенд-романче, веднаш ќе го фрлам во канта за ѓубре“. Одговорот беше дека приказната за Дана е далеку од викенд-романче, дека има свој стил, дека јас како автор имам чист израз во пишувањето и дека е напишана на еден убав чист јазик... Искрено, за мене тоа беше повеќе од пофалба, имајќи го во предвид нивното искуство, а моето неискуство, за што и сега искрено им благодарам.

- Колку новинарското искуство ви помогна?

* Има огромна разлика во новинарското и писателското изразување. Можеби само навидум изгледа дека новинарството може да помогне во пишувањето романи, раскази, но единствената поврзаност јас ја гледам само во миговите кога во новинарството пишував репортажи, зашто тој род ми е најблизок до писателското раскажување. Инаку, новинарството има своја друга цел, повеќе да те информира, отколку да ти раскаже, повеќе да те запознае со некои непознаници, отколку да те одведе во нечија животна судбина или искуство.

- Пред промоцијата на книгата, какви други дела имате пишувано и имате ли веќе планови за следни?

* Знам само едно, од дете, кога уште не знаев што точно значи зборот писател, јас велев, кога ќе пораснам јас ќе студирам да бидам писател, без да сфатам дека тоа не се учи на факултет. Кога сфатив дека за пишување треба талент, веќе морав да се одлучам што ќе студирам, а најблиску до тоа што го сакав беше новинарството и така запливав во новинарските води. Паралено со новинарската работа почнав да си пишувам раскази... Мојот прв расказ беше „Куклата на Ана“, посветен на мојата ќерка, а по вистински настан, кој и денес ми е најдраг. Потоа напишав десетина раскази и ги сместив во еден ракопис, кој е наречен „Избраздени души“, зашто како што веќе кажав, јас едноставно сум бележник на туѓите судбини. Таа книга не е издадена. Започнав и друга книга со раскази, како и нов роман, но престанав да пишувам бидејќи се судрив со тешкотии со кои се среќава секој нов автор кај нас – неможноста да го издадеш тоа што ќе го напишеш. Овде едноставно го нема американскиот сон – пишуваш, го даваш ракописит на агент, тој наоѓа издавач ако вреди, ако не вреди фрли го во канта... Кај нас се е обратно, излегува дека најлесно е да се напише роман, а за изавање... Хммм... Верувајте дека поминав Танталови маки додека „Ќерката на дрвосечачот“ го здогледа светот, и тоа само благодарение на еден мал допис со Ивана Спасев од „Сакам книги“, на која сум и бескрајно благодарна што прва, по подолго време, го прочита ракописот, го оцени како вреден да му се даде шанса и еве ја „Ќеркатана дрвосечачот“ благодарение на Ивана ја доживеа и својата промоција! Инаку, од пишувањето во детското доба ќе напоменам само дека кога бев седмо одделение бев еден од добитниците на награда за расказ, со што бев и учесник на литературните средби „Курирчек – Копачки видувања“, што се одржуваат секоја година во Кичево, истата награда ја добив и следната година, но поради пропозициите да не може двапати да се присуствува на средбите, јас ја добив специјалната награда. Исто така, на анонимен конкурс што го организираше Еврејската заедница во Македонија, преку Македонската академија на науките и уметностите ја добив втората награда за расказот „Портокалот на Ибраим“. Сите мои раскази се нечии животни приказни, секако вистинити, согледани низ моите очи. Планови нормално имам, веќе работам на нов роман, но за него кога малку повеќе ќе тргне пишувањето... 

- Има ли нашиот народ вистински навики да чита книги?

* Па, не толку колку што би требало, но јас искрено сум среќна што се  повеќе се чита. Членувам во сите книжевни групи и македонски и балкански, и верувајте дека јас порано мислев дека кај нас многу малку се чита вооднос на, да речеме, Хрватска, Словенија... Но не е така, и кај нас има пасионирани читачи, се читаат најразлични жанрови, иако за жал морам да заклучам дека многу, многу е поголем бројот на женската читателска публика, околку на машката... Но за среќа, сепак читаат и мажите!

- Што работите во моментов и освен пишувањето, што ве окупира и што ве прави среќна приватно?

* Отсекогаш најсреќна ме правело моето многубројно семејство, кое го обожавам... Ги сакам луѓето, сакам дружба со нив, имам многу ситни хобија, како собирање магнетчиња, фигурички од мали макети од места кои сум ги посетила, како и патувањата. Обожавам да патувам... Инаку, од активностите - читањето и пишувањето... Кога ќе прочитам нова книга, тоа е за мене е едно искуство повеќе... Кога ќе напишам нов расказ, тоа за мене е исполнување на уште еден дел од мојот сон. А моментално работам на мојот следен роман, за кој нема ништо да откријам, нека биде мала тајна... 

Милица Џаровска