Скопјанката Благица Владимировска го реализираше најтешкиот искачувачки предизвик во светот: Од обичен тренинг до Еверестинг

Добивај вести на Viber

Велат „најубавите работи се непланирани“, токму оваа изрека, го отсликува успехот на Благица Владимирова од Скопје која „одобичен тренинг на Водно, стигна до Еверестинг“. Постигнувањата - 19 пати од Средно Воднодо до Врв, од кои 11 со спуштање и вкупно искачени 9181 метри, а спуштени околу 5500 метри, би значело дека  за цели 27 часа таа поминала 75 километри. Овие неверојатни бројки добија големо браво, а оставија и траг на  уште едно големо достигнување, забележано во нејзиното „планинарското портфолио“. Инаку, Еверестинг  е најтешкиот предизвик за искачување во светот. Во принцип е едноставен, треба да се избере еден рид кој треба да го искачувате непрекинато се додека не ја достигнете висоната на Монт Еверест 8848м, пешки или со велосипед. Она што го прави предизвикот тежок е должината и времетраењето, деноноќно постојано повторување кое само физички најспремни и психички најјаки можат да го издржат. Освен добра физичка подготовка, неопходна е и логистика. Благица е мајка на две малолетни деца и голем љубител на планината од првиот контакт со неа, токму затоа ни раскажа нешто повеќе за ова неверојатно искуство и патување кое го започнала пред седум години.

Ж.М: Како дојде до идеја да се бавиш токму со овој спорт, може и слободно да се каже еден од најтешките и најризичните?

Ништо не е случајно. Кај мене желбата е вродена. Планината од секогаш ме привлекувала со нејзината убавина, но не сум имала време нити друштво да отидам подалеку од Водно. Цел живот сум активна физички, до 20-та година професионално се занимавав со балет, потоа одев на фитнес, пилатес... Подоцна дојдоа домашни обврски, работа, две деца Лука 17 и Кате 15 години , па немав многу време да си посветам на себе и на она што вистински ме прави среќна, а тоа е престој на планина. Откако децата пораснаа доволно, пред седум години, во 36-тата година решив конечно да одвојам еден ден во неделата за сопственото физичко и ментално здравје. Направив анализа на планинарски клубови кои функционираат кај нас, почнав да читам книги за планинарење, добро се информирав пред да го исконтактирам Петар Герасимов, планинарски водич во планинарскиот клуб Макпетрол. Бев на состанок на клубот, се зачленив и започнав да одам со нив на тури. И не застанав.

Ж.М. Од хоби и релаксација, до големи успеси - што најмногу те мотивираше да тргнеш по овој „тежок пат“?

-Планинарењето никогаш не го гледав како хоби туку како начин на живот, нешто без кое после првото одење на планина не сум можела да се замислам. Едноставно таму горе се пронајдов себе. За да постигнеш голем успех во било што прво треба да имаш природни предиспозиции, еден вид талент, физичка градба, љубов кон тоа што го работиш, амбиција и карактер, желба за успех, упорност, дисциплина. Кај мене има преголема желба и љубов кон планината и врвот која ме води и ништо не ми е тешко и невозможно, надополнето со природните предиспозиции, доведуваат до успех.

Ж.М. Дали начинот на живот влијае на тоа, кој може да се бави со планинарење а кој не, сепак потребна е голема кондиција, и не само тоа, овој спорт бара доста големо познавање од оваа област?

Влијае секако како и за секој спорт, неопходно е да водите здрав живот, без пороци, добар квалитетен сон, многу течности, здрава храна, зависно од тоа колку сакате да постигнете. Затоа и а планинарењето е стил на живот , не е хоби.

Ж.М. Кое е твоето најголемо постигнување и реализиран предизвик?

Најголеми успеси до сега  : Арарат 5137м - Турција ; Зумстеиншпиц 4563м -Швајцарија, Гран Парадизо 4061м - Италија, Гросглокнер (зимско искачување) 3798м -Австрија, Кабаш (зимско искачување) - 2391, Кораб, Дерза (зимско искачување) - 2403м, Кораб, Рибничка Скала (зимско искачување по северна страна) - 2305м, Кораб. Секој од овие е специфичен и тежок на свој начин , Арарат заради висината, Гросглокнер заради ексонираност и техничките моменти, сепак нашиот Кабаш во зимски услови мислам дека ми бил до сега најзахтевен, релативно долга тешка тура, незгоден терен и состојба на снег, јака стрмнина , каде нема простор за грешка во чекори.

Ж.М. Голем поддржувач си на жените одобено на самохраните мајки со оглед дека и ти имаш слична животна приказна, можеш ли да ни раскажеш нешто повеќе за тоа?

Повеќе од 12 години сум самохрана мајка, а пред десетина години бев и една од основачите на здружение на еднородителски семејства кое и денес сеуште постои. Моето искуство од почетокот на улогата на самохран родител, од неизвесност до онаа друга крајност на еден вид херој и бестрашен борец за себе и своите деца, имав потреба да го пренесам и да помогнам на други полесно да се справат со сите материјални, правни, или психолошки проблеми со кои се соочуваат во тој период. Тој мој пат дефинитивно има голем удел во успехот кој го имам во спортов. Секое лошо за добро.

М.Ж. Колку е тешко да ги исполнуваш своите цели и амбиции притоа да си родител на две малолетни деца?

-Не е лесно ништо, но со добра организација, дисциплина и правилно поставување на приоритети е возможно да се биде успешен на повеќе полиња. Работам како продажен менаџер во фабрика за градежни материјали со долгогодишно искуство во областа, активна динамична работна позиција која комплетно ме исполнува професионално и ми претставува задоволство и уживање. Децата се во возраст кога се веќе самостојни во вршење на училишните и домашните обврски, горда сум кога гледам во какви луѓе се оформуваат, како носат одлуки и како успешно чекорат секое по својот пат. Се трудам да им бидам поддршка и најдобар пријател, а пред се добар пример за угледување. Покрај домашните обврски гледам да го вметнам и спорот, да истрчам еден час на два три дена, а неделата ја користам комплетно за себе и за планината. За социјален живот не ме прашувајте (ха ха). Секогаш може подобро, не сме семоќни да можеме се одеднаш но многу е важно да направиме план и да се стремиме кон остварување на целите една по една, чекор по чекор, зошто малку по малку кога ќе се свртиме нназад ќе видиме колку многу сме направиле и што се сме постигнале, ќе бидеме горди и мотивирани за остварување на нови поголеми цели.

Ж.М. Мотив или порака до сите жени, која е и твој најголем двигател...

Се што мозокот може да замисли, телото може да оствари. Нема не можам, само не сакам. Секој ден е нов почеток.


Елеонора А.