Скопје како Париз: Два модни настани, „нозе искршивме“- дали во гаража или во дискотека

Во годината немаме скоро ниту еден моден настан од поголем обем, а овојпат дури два. И тоа во исто време, исти денови, различни организатори. Едниот е „Моден викенд Скопје“ кој традиционално се одржува над 10 години, а другиот „Моден фестивал Скопје“ на кој ова му беше трета година по ред. 

Новинарите уредно беа поканети и на двата настани, но настана конфузија- скоро сите мислевме дека се работи за еден моден настан. Ги читаме поканите, два се, едниот на една, другиот на друга локација. Се јавуваме на организаторите дека не е во ред кај немаме мода па одеднаш многу да не ни дојде, одговорот беше дека не се договориле, дека секој си тера според својата агенда и дека нештата биле договарани со месеци во поглед на дизајнерите и спонзорите. (Знаеме дека се кубури со спонзори, но тоа е ваша, а не наша работа)

Претходно, така убав сет на подароци си добија неколку таканаречени инфлуенсери (чест на исклучоци) за да ги изрекламираат, ние новинарите кои со години ги следиме добиме покана- во електронска форма. Да ни беше до подароците одамна немаше да ве третираме, ама да не изразите почит на тие кои ве поддржуваат бааги време и преку нас се промовирате, а со тоа и огромна публика... па Браво!!!

Новинарот кој го пишува овој текст 15 години ја следи модната сцена кај нас и во светот. Зад себе има ексклузивни интервјуа направени во живо со светски дизајнери како Вивиен Вествуд, Жан Пол Готје, Роберто Кавали, семејството Мисони, Карла Фенди, а тука се и електронските и телефонски интервјуа со Холивудската легенда Елизабет Тејлор, супер моделот Кејт Мос, Оскаровката Скарлет Јохансон... Гостин на ревии во Париз и Милано, а и самиот е и каков- таков моден дизајнер со пет самостојни ревии позади себе и учествуваше на Балкански модни недели... Пет Евровизии како директен известувач  и плејада на интервјуа со скоро сите македонски и регионални модни дизајнери, амбасадори, претседатели, бизнисмени... Сето ова не е наведено за да се создаде фалење, фактите се тие (тоа ми е работа) за да не се зборува на памет, туку со издржана критика.

Со сигурност знам колку е макотрпно да се организира ревија, сам сум влечел столови и сам сум местел писти, декорации, светла, покани, барање спонзори, озвучување... И од тој аспект укажувам на недостатоците... а и ми укажувале и секогаш сум ги вреднувал и прифаќал мислењата колку и да биле негативни, зошто за среќа ми ги кажувале лица кои знаат! И сум учел. А не да се препукувам преку Фејсбук или да се јавувам по телефони и да се расправам! Истово важи и за текстовите кои ги пишувам за мода, а имаат критички осврт.

Сосема е јасно дека двата настани не требаше да се одржат во исто време. Трчавме од едно место до друго за повторно да изразиме некаква почит и на дизајнерите и на организаторите и секако да сме дел од нешта кои скоро и да ги нема во ваква форма.

Едниот настан се одржа во локација- простор се уште недоизграден. Цигли насекаде и осветлување кое претходно не постоело бидејќи просторот не е отворен. 

Па неонки ставиле наместо прописно рампа за осветлување или било какви рефлектори. Разбираме индустриски дизајн, концепт кој денес е се повеќе прифатен, но овде од индустриски имаше само клупи за седење и простор налик на гаража.

Едната дизајнерка која требаше да го отвори настанот доцнела, ја чекавме еден час, за после да не се појави и да се почне со друга ревија, па ете ја, на крај стигнала... Не ја гледавме, моравме да одиме на другиот настан кој пак се одржа во дискотека. 

Коњопој и класичен амбиент за ваков простор, модната писта едвај се гледаше од чадот кој го пуштаа постојано.

Сите пушат, пијат, гласна музика, светла кои „параат“ очи, плус ни некој да те пречека, ни да се видиме со организаторите... Пијачките сами си ги плативме...

И така три дена. Публиката и самата не знаеше на кои од двата настани да оди, мислејќи дека е еден.

А, она што беше прикажано од модните дизајнери на двете места само ја потврдува добро познатата теза дека сепак си играме мода. Во ред е, сте се потрудиле, сте инвестирале, сте имале сигурно триста проблеми пред самот настап, но нам тоа не не интересира како модни новинари, не интересира она што го гледаме како ваш производ. Имаше и добри дизајни секако, некои и одлични со разработена идеја, добро е што им се отстапува простор на младите дизајнери, а имаше и гости дизајнери од странство. Немаше етаблирани македонски дизајнери, освен двајца- тројца.

Нештата од корен треба да се менуваат. Модата овде е на чекор да умре, иако има се уште некаква надеж.

Се додека не се создаде македонско модно здружение, вмрежување на македонските дизајнери со нашите текстилни компании и одреден финансиски буџет од државата, вака ќе биде...или нема воопшто да биде! И многу други нешта треба да се искоренат. На пример, да сослушате кога некој ве критикува за општо добро, а не ве критикува вас лично. Треба да создаваме издржани нешта, да се обединиме за да бидат работите подобри, да го нема повеќе синдромот „поврзани како црева“.

Небојша Толески